Cackov, Oliver and Nikolovska Ilieva, Anita (2026) Алманах на Балканските војни 1912-1913 година. НУБ “ Гоце Делчев„ Штип, Штип. ISBN 978-608-242-197-1
ALMANAH NA BALKANSKITE VOJNI.pdf
Download (939kB)
Abstract
Kнигата што е пред нас прeтставува трето и последно дисциплинарно дополнување на едицијата посветена на балканските војни (1912–1913), чијашто реализација почна во 2025 година. Во рамките на оваа едиција претходно беа објавени изданијата Балканските војни низ фотографии (1912–1913) и Лексикон на балканските војни (1912–1913), а со овој алманах се комплетира настојувањето различните аспекти на овој значаен историски период да бидат обработени преку повеќе комплементарни научни пристапи. Прашањето зошто се определивме токму за формата на алманах има, всушност, многу едноставен одговор. Историските настани најчесто ги согледуваме ретроспективно – тргнувајќи од веќе познатиот исход, се навраќаме кон причините што довеле до него, ги издвојуваме пресвртните моменти и, со дистанцата што ја нуди времето, им припишуваме значење што современиците не можеле целосно да го согледаат. Ваквиот пристап е природен и неопходен за историската наука, но тој истовремено носи ризик сложените процеси да бидат сведени на ограничен број датуми, битки или политички одлуки, додека другите бројни случувања, иако често подеднакво значајни, остануваат надвор од поширокото внимание и се задржуваат во рамките на специјалистичките истражувања. Балканските војни се меѓу најрепрезентативните примери за ваквата историска сложеност. За помалку од една година Балканскиот Полуостров, а особено Македонија, претрпе длабоки политички, воени и општествени промени кои во други историски околности би се развивале со децении. Сојузите брзо се создаваа и уште побрзо се распаѓаа; армиите што настапуваа како сојузници против Османлиската Империја за кратко време се најдоа на спротивставени страни. Дипломатските одлуки непосредно влијаеја врз текот на воените операции, додека исходот од битките повторно ја менуваше рамнотежата во меѓудржавните односи. Во таква динамика, сосема е јасно дека ниту еден настан не може целосно да се разбере доколку се набљудува изолирано. Токму затоа сметавме дека алманахот е најсоодветната форма за проучување на балканските војни. Следејќи ја хронологијата ден по ден, читателот не добива само увид во редоследот на настаните туку и можност непосредно да ја почувствува динамиката со која се менувале политичките прилики, воените планови и односите меѓу балканските држави. Оттука, во ова издание хронолошкиот распоред не претставува само организациски принцип туку и методолошка алатка што овозможува поцелосно разбирање на самиот историски процес.
Подготовката на алманахот се темелеше врз принципот секој внесен податок да биде предмет на внимателна критичка проверка и споредба со повеќе независни извори. Архивските документи, дипломатската преписка, службените акти, мемоарите, дневниците, современиот печат и релевантната научна литература беа третирани не само како Алманах на балканските војни 1912 – 1913 7 извори на информации туку и како сведоштва што честопати нудат различни перспективи за истите настани. Онаму каде што постоеја несогласувања во датумите или фактографските податоци, определбата беше да се прифатат најдобро потврдените сознанија или, кога тоа не беше можно, да се следат решенијата што доминираат во современата историографија.
Особено сложен беше изборот на настаните што ќе бидат вклучени во ова издание. Балканските војни не се состојат исклучиво од големите битки, мировните договори и дипломатските конференции. Нивната вистинска историска слика ја обликуваат и бројните локални судири, активностите на доброволечките формации и револуционерните организации, одлуките на локалните власти, сведоштвата на очевидците, реакциите на европската јавност, како и секојдневните случувања што честопати остануваат надвор од синтетичките историски прегледи. Затоа настојувавме, покрај пресвртните моменти, да бидат опфатени и оние настани што овозможуваат подобро разбирање на поширокиот историски контекст. Во оваа перспектива, Македонија природно зазема централно место во алманахот. Тоа не произлегува само од фактот што најголемиот дел од воените операции се одвивале на нејзината територија, туку и од околноста што токму овде најинтензивно се судирале интересите на балканските држави, политиките на големите сили и стремежите на локалното население. Оттука, историјата на балканските војни, согледана од македонска перспектива, не е само еден сегмент на конфликтот туку претставува негова суштинска димензија.
Свесни сме дека и покрај вложениот труд, во алманахот не се опфатени сите настани поврзани со балканските војни. Главната причина за тоа е недостигот од прецизно или барем приближно утврден датум за одредени случувања. Определбата тие да се внесуваат само со ознака за месецот, без посигурна временска одредница, не ја сметавме за доволно научно оправдана. Токму затоа ова издание не го доживуваме како конечно и затворено дело. Напротив, уверени сме дека идните архивски откритија, новите истражувања и различните методолошки пристапи ќе создадат основа за негово дополнување, коригирање и понатамошно надградување. Во време кога балканските војни и понатаму се предмет на различни национални интерпретации, определбата фактите да бидат претставени во нивниот временски тек ни се чинеше како најсоодветен научен пристап. Наместо на однапред изградени историски гледишта, предност ѝ дадовме на хронологијата како најстабилна основа врз која може да се развива секоја понатамошна анализа. Се разбира, хронолошкиот приказ не ја заменува историската интерпретација, но тој во секој случај обезбедува сигурна фактографска рамка без која ниту една научна анализа не може да биде целосно заснована. Веруваме дека токму поради тоа овој алманах ќе има вредност што ја надминува улогата на обичен информативен преглед. Тој е замислен како истражувачка алатка што овозможува минатото да се следи во неговата динамика, како жив и постојано променлив процес, наместо како низа однапред донесени заклучоци. Доколку ова издание придонесе за подлабоко разбирање на балканските војни, поттикне нови истражувања и отвори простор за нови научни прашања, тогаш неговата цел ќе биде исполнета. Историјата никогаш не претставува завршена приказна; таа непрестајно се збогатува со нови извори, нови сознанија и нови толкувања. Со ова дело настојувавме да дадеме скромен, но цврст придонес кон тој непрекинат научен дијалог и да создадеме сигурна фактографска основа врз која ќе ќе се темелат идните проучувања на балканските војни.
| Item Type: | Book |
|---|---|
| Subjects: | Humanities > History and archaeology |
| Divisions: | Faculty of Educational Science |
| Depositing User: | Oliver Cackov |
| Date Deposited: | 22 Oct 2026 12:13 |
| Last Modified: | 22 Oct 2026 12:13 |
| URI: | https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/39314 |
