Koleva Gudeva, Liljana (2010) Физиологија на растенијата. Универзитет „Гоце Делчев“ - Штип. ISBN 978-608-4504-33-7
Preview |
Text
Fiziologija na rastenijata_ucebnik.pdf Download (13MB) | Preview |
Abstract
Физиологијата на растенијата ги изучува биолошките процеси кај растенијата. Оваа научна дисциплина во поново време доживува вистинска експанзија благодарение, во прв ред на развојот на молекуларната биологија, биохемијата, биофизиката и современите применети методи во генетското инженерство. Од научна дисциплина што порано се базираше претежно врз опишување на надворешните манифестации на биолошките процеси кај растенијата, денес е развиена во дисциплина што е во состојба да ги опише и објасни поодделните појави и процеси, а со тоа го овозможува и нивното подлабоко разбирање и проучување.
Учебникот Физиологија на растенијата е наменет за студентите од Земјоделскиот факултет на Универзитетот ,,Гоце Делчев” - Штип и претставува сублимат од одбрани поглавја од областа на растителната физиологија. Овие одбрани поглавја се вградени во наставната програма на овој задолжителен и заеднички предмет за сите насоки на Земјоделскиот факултет во рамките на вкупно 152 часови во еден семестар (IV семестар) или 2+2+1 часови неделно, со 6 кредитни поени. Учебникот е наменет и за студенти од други научни области и образовни институции кои слушаат одредени содржини од додипломските или постдипломските студии од областа на физиологијата на растенијата.
Изучувањето на предметот Физиологија на растенијата има цел да ги запознае студентите со биолошките процеси во растението во неговиот целокупен животен циклус. Физиолошките процеси што се одвиваат во растението создаваат органска материја и енергија, која е основа за опстанокот на животинскиот и растителниот свет на земјата. Поради на способноста на растенијата да синтетизираат од прости органски соединенија сложени органски соединенија, тие имаат специфично место меѓу формите и процесите на живот на нашава планета. Овие процеси што се одвиваат во растенијата се предмет на изучување низ одбраните поглавја во оваа книга. Одбраните поглавја од физиологијата на растенијата, всушност, го преставуваат темелот на овој предмет и истите даваат солидна основа да се разберат другите стручни предмети поврзани со физиологијата, а кои ќе се изучуваат во следните студиски години, особено патолошката физиологија на растенијата, т.е. фитопатологијата.
Книгата се состои од 13 поглавја: 1. Вовед, 2. Хемиски состав на растенијата, 3. Воден режим кај растенијата, 4. Примање, транспорт и функција на минералните соли, 5. Фотосинтеза, 6. Дишење, 7. Фитохормони и регулатори на растот, 8. Растење и развиток на растенијата, 9. Физиологија на семе и плод, 10. Физиологија на отпорност, 11. Ориентација на растенијата во просторот и времето, 12. Секундарни метаболити и одбрана на растенијата, 13. Морфогенеза во култура in vitro и биотехнологија на растенијата.
Доброто познавање на физиолошките процеси значи и можност човекот да управува со дел од нив, т.е. да влијае врз квалитетот и квантитетот на приносот на растенијата како и врз на отпорноста на растенијата на различни биотски и абиотски фактори, со цел за успешна продукција на храна. Во решавањето на многубројните проблеми во областа на заштитата на животната средина, физиологијата на растенијата има клучно место во воспоставувањето рамнотежа помеѓу физиолошките процеси во изменети услови на животната средина, а со тоа и во смалувањето и отстранувањето на продуктите што влијаат врз загадувањето на човековата околина. Познавањето на заемниот однос растение - патоген и физиолошкиот сигнал и одговор што растенијата го даваат при инфекции, е од големо значење во решавањето на практичните проблеми во заштитата на растенијата од болести и штетници.
Современото растително производство се темели врз искористување на физиолошките потенцијали на секој растителен вид. Затоа, несомнено дека познавањето на секој физиолошки процес е солидна основа за квалитетно растително производство.
Во последните неколку децении развојот на молекуларните методи и генетскиот инженеринг наметнаа сосема ново гледиште врз биотехнологијата на растенијата. Оваа книга обезбедува основно познавање на некои од елементарните биотехнолошки методи и манипулации со растителен материјал во култура на клетки и ткива in vitro. Од друга страна, соодветната комбинација на конвенционалните методи со софистицираните техники на биоинженерингот обезбедуваат сигурен прогрес во целокупното растително производство и биотехнологијата на растенијата.
Оваа книга е наменета не само за студентите на земјоделските факултети туку и за научната и стручната јавност од областа на растителното производство, кои би можеле да се запознаат и да ги користат достигнувањата од оваа научна дисциплина.
За секоја конструктивна сугестија и позитивна забелешка изразувам неизмерна благодарност на рецензентите проф. д-р Саша Митрев, редовен професор на Универзитетот „Гоце Делчев” - Штип и проф. д-р Рубин Гулабоски, вонреден професор на Универзитетот „Гоце Делчев” - Штип.
Физиологијата на растенијата е наука за животот на растенијата и е сложена и комплексна материја, исто како и животот. Книгата има мултидисциплинарен пристап и опфаќа сложени, но темелно прикажани научни достигнувања. Затоа, најголема сатисфакција за целокупниот вложен труд во реализацијата на оваа книга ќе ми биде ако стручната и научната јавност ја прифати нејзината содржина и го користи материјалот за збогатување на теоретските и практичните знаења во науката за животот на растенијата.
Item Type: | Book |
---|---|
Subjects: | Agricultural Sciences > Agricultural biotechnology Natural sciences > Biological sciences Agricultural Sciences > Other agricultural sciences |
Divisions: | Faculty of Agriculture |
Depositing User: | Liljana Koleva Gudeva |
Date Deposited: | 24 Sep 2014 12:03 |
Last Modified: | 24 Sep 2014 12:03 |
URI: | https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/11019 |
Actions (login required)
View Item |