Mitkovska, Liljana and Kusevska, Marija and Buzarovska, Eleni (2013) Корпусни истражувања на англискиот меѓујазик на македонските изучувачи: Усвојување и меѓујазично влијание. ФОН Универзитет, Скопје. ISBN 978-608-4506-32-4
Preview |
Text
korica.pdf Download (364kB) | Preview |
Preview |
Text
Korpusni istrazuvanja na angliskiot megujazik.pdf Download (383kB) | Preview |
Abstract
Во оваа книга се прикажани резултатите од дел од истражувањата на англискиот јазик на изучувачи со прв (мајчин) јазик македонски, работени во рамките на проектот Анализа на англискиот меѓујазик од македонски говорители на А1, А2 и Б1-ниво од Заедничката европска референтна рамка за јазиците (ЗЕРР) со посебен осврт на меѓујазичнoто влијание, финансиран од Министерството за образование и наука на Република Македонија.
Задачите што тимот си ги постави во проектот претставуваат долгорочна цел и ќе се исполнуваат постепено, со што, се надеваме, ќе заживее истражувачката дејност во областа усвојување втор/странски јазик, и тоа врз емпириска основа и со современи научни методи. Оваа книга има цел да ја поттикне таа активност и согласно со тоа поделена е на два дела: првиот дел е теориски и во него се дава преглед на некои основни поставки врз кои се базираат истражувањата, а во вториот дел се поместени неколку статии во кои се претставени првите резултати од истражувањата на англискиот меѓујазик на македонски говорители. Нив ги обединуваат следните цели: а) да се даде опис на определена структура/појава во повеќе нивоа со што од една страна се одредува нејзиниот статус на секое ниво, а истовремено се прикажува како таа се развива од едно до друго ниво, односно, по каков редослед се усвојува; б) да се покаже и да се објасни улогата на македонскиот јазик како претходно научен код во тој процес на усвојување. Во сите истражувања се поаѓа од исти теориски претпоставки и се користи приближно истата истражувачка методологија која е опишана во првиот дел. Овде ќе дадеме кус преглед на содржината на секое поглавје.
Првото и второто поглавје претставуваат осврт на теориските принципи за усвојување втор/странски јазик кои ги застапуваат истражувачите. Се објаснуваат термините кои потоа се користат во сите поглавја: меѓујазик, меѓујазично влијание, контрастивна анализа, анализа на грешки, меѓујазични и внатрешнојазични (развојни) грешки. Се претставуваат основните методолошки поставки во рамките на контрастивната анализа на меѓујазикот заснована на корпуси (Granger 2002, Gilquin, 2008).
Во третото поглавје се разгледува проблемот на стекнување прагматичка компетенција. Во него се дефинира прагматичката компетенција и се определува што треба изучувачите да знаат за да стекнат прагматичка компетенција. Исто така, претставен е односот на ЗЕРР кон прагматичката компетенција и даден е опис на инструментите со коишто беше собиран материјалот за испитување на прагматичката компетенција на изучувачите.
На крајот, во четвртото поглавје е даден преглед на ЗЕРР, која е основа за разграничување на нивоата на познавање на англискиот јазик. Изложени се принципите врз коишто се разграничуваат нивоата, дескрипторите преку коишто тие се опишуваат, контекстите коишто се сметаат за релевантни, приодот кон развојот на јазичните вештини, и сл. Исто така, наведени се и некои активности насочени кон усовршување на ЗЕРР и кон подобрување на нејзината примена во педагошката дејност.
Вториот, истражувачкиот, дел започнува со анализата на процесот на усвојување на англиските сегашни времиња. Во петтото поглавје се испитува употребата на двете сегашни времиња (Present Simple и Present Continuous) кај македонските ученици на возраст до 15 години. Со оглед на фактот дека во македонскиот јазик постои едно сегашно време за изразување на компонентите на семантичката категорија сегашност, а во англискиот две, се претпоставува дека разграничувањето на функциите на двете англиски времиња претставува проблем за македонските изучувачи. Се поаѓа од хипотезата дека поради разликите во глаголскиот вид во англискиот и во македонскиот јазик, македонските изучувачи ќе ја генерализираат формата за сегашно трајно време (СТ) и за изразување на некои функции за кои родените говорители користат главно сегашно просто време (СП). Податоците од засведочените форми во МКАМ на двете времиња се прикажани на табели и графикони за нивоата А1, А2, Б1 и Б2 и се анализираат од аспект на формата и функцијата. Сумарниот приказ ги потврдува очекувањата дека во употребата на формите за СТ се јавуваат поголеми отстапувања во правец на СП.
Шестото и седмото поглавје се посветени на анализа на употребата на модалните глаголи. Во шестото поглавје се проучува процесот на усвојување на англиските модални глаголи за обврска: must, have to, should, need to од страна на македонските изучувачи на А1, А2, Б1 и Б2-ниво преку утврдување на употребата на модалните глаголи на секое ниво од страна на изучувачите и преку објаснување на најчестите формални и функционални грешки. Во седмото поглавје се презентираат резултатите од истражувањето на англиските модални глаголи кои изразуваат можност: can, could, may и might и се укажува на функционалната дистрибуција на секој модален глагол по нивоата. За да се открие дали употребата на модалните глаголи кај изучувачите се разликува од онаа кај родените говорители се споредува честотата на употребата на секој глагол со честотата во корпусот на родени говорители.
Во осмото поглавје се разгледува употребата на присвојната генитивна конструкција (the student’s exams) во споредба со присвојната предлошка конструкција (the exams of the student). Не постои битна разлика меѓу овие две конструкции, но сепак не се целосно заменливи. Изборот зависи од повеќе испреплетени структурни, семантички и дискурсно-прагматички фактори. Целта на ова истражување е да се испита како македонските говорители ги разграничуваат овие две конструкции, особено со оглед на фактот што основната присвојна конструкција во македонскиот јазик е предлошка (испитите на студентите).
Последните две поглавја, деветтото и десеттото, се поврзани со стекнувањето прагматичка компетенција од страна на македонските изучувачи на англискиот јазик. Предмет на деветтото поглавје е говорниот чин на замолување, а на десеттото говорниот чин на извинување. Двете поглавја се организирани на сличен начин. Во нив прво ја изложуваме теориската рамка на говорниот чин што се истражува и даваме опис на стратегиите коишто родените говорители на англискиот јазик ги користат при реализацијата на овие говорни чинови. Потоа ги испитуваме стратегиите на замолување, т.е. извинување, коишто ги користат изучувачите на А1, А2, Б1 и Б2-ниво и ги споредуваме со оние наведени во ЗЕРР за да видиме дали нивното јазично однесување одговара на очекувањата. Анализата на јазичното однесување на изучувачите доведува до некои интересни сознанија во врска со стекнувањето прагматичка компетенција од страна на македонските изучувачи на англискиот јазик.
Item Type: | Book |
---|---|
Subjects: | Humanities > Languages and literature |
Divisions: | Faculty of Philology |
Depositing User: | Marija Kusevska |
Date Deposited: | 30 Dec 2013 15:27 |
Last Modified: | 10 Aug 2015 08:33 |
URI: | https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/8573 |
Actions (login required)
View Item |