Gorgieva Kamceva, Martina (2026) Дерматолошки манифестации на долните екстремитети во корелација со доплерсонографски карактеристики кај пациенти со венска слабост. Doctoral thesis, Goce Delcev University.
(лекториран текст) докторска дисертација-Мартина Ѓоргиевска Камчева.pdf
Download (2MB)
Abstract
Вовед: Хроничната венска инсуфициенција (ХВИ) е збир од патолошки состојби, чијашто преваленца зависи од географската локализација. Највисока инциденца имаат западните земји. Според податоците од достапната литература, преваленцата на ХВИ варира од 1% до 40% кај жените и 1%-17% кај мажите. Во САД преваленцата изнесува 2-5% од општата популација, се проценува дека 600 000 имаат ХВИ, а над 500 000 имаат улкусни лезии на нозете. Може да настанат како резултат на примарни и секундарни причинители на кои дополнително влијаат ризик-факторите, самата клиничка манифестација варира. Варикозните вени се венски крвни садови, кои се прекумерно или трајно издолжени, проширени или извиткани, како резултат на влијание на притисокот на крвта во нивната внатрешност. Се манифестираат во форма на телеангиектазии, венулектазии, ретикуларни вени, варикозни вени, трансфацијални варикозитети и интрафасцијални варикозитети. Нивната застапеност е највисока во индустриски развиените земји односно 1 од 22 лица, односно 4,5% од вкупната испитувана популација имаат проширени вени. Застапеноста кај жените во однос на мажите е од 1,3-1 до 4,0-1 во прилог на жените. Развој на варикозитети кај децата е до 90% доколку и двата родители се со варикозни вени, 62% ако е само мајката, 25% ако е само таткото и до 20% ако никој од родителите нема проширени вени.
Цел: Целта на оваа докторска дисертација е да се добијат сознанија за епидемиолошки карактеристики на пациентите со венска слабост кај дијабетичари и недијабетичари, да се утврди поврзаноста на дерматолошките манифестации и ехо доплерсонографски карактеристики кај пациентите со венска слабост.
Mатријали и методи: Во оваа студија ќе се користи Color Doppler Vivid 7 dimension апаратот со помош на кој ќе се одредува функционалноста на венските системи на долните екстремитети, проширени вени (површни, комуникантни, длабоки), компресибилност, присуство или отсуство на рефлукс на сафено-феморалната јункција, како и стандардизирана современа класификација за дефинирање на нарушената функција на вените позната како CEAP класификација (Clinical manifestations, Ethiological factors, Anatomical distribution, Pathophysiological conditions classification), со чија помош ќе се дефинира степенот на настанатите оштетувања при поставување на конечната клиничка дијагноза кај пациентите со хронична венска болест. Исто така ќе биде применета и стандардизирана алатка за одредување на степен на тежина на симптомите на венската слабост (Venous Clinical Severity Score – VCSS) при што врз основа на добиениот скор пациентите ќе бидат поделени во 4 категории: асимптоматски пациенти (вкупен скор на VCSS = 0), пациенти со лесна симптоматологија (вкупен VCSS скор од 1-10), пациенти со умерено тешка симптоматологија (вкупен VCSS скор од 11-20) и пациенти со тешка симптоматологија на венска слабост (вкупен скор на VCSS од 21-30).
Резултати: Добиените резултати за возрасната категорија кај пациентите со и без дијабетес мелитус е следнава: најмладата група од 30 до 40 години, 20 пациенти се без ДМ (80,0%), а 5 пациенти се со ДМ (20,0%). Слично, во групата од 41 до 50 години, 31 пациент е без ДМ (88,6%), додека 4 пациенти се со ДМ (11,4%). Во средните возрасни групи од 51 до 60 години, бројот на пациенти со венска слабост е еднаков кај двете подгрупи, со 33 пациенти (55,0%) и за двата поттипови. Во постарите возрасни групи од 61 до 70 години, поголема застапеност се забележува кај дијабетичарите, со 59 пациенти (62,8%), додека кај недијабетичарите има 35 пациенти (37,2%). Истиот тренд е видлив и кај лицата над 70 години, каде 49 пациенти се со ДМ (61,3%), а 31 пациент е без ДМ (38,8%). Од сите 300 испитани пациенти, 50 пациенти имаат нормална телесна тежина,од кои 28 се дијабетичари (56,0%), додека 22 се недијабетичари (44,0), 172 пациенти се со прекумерна телесна тежина, 80 дијабетичари (46,2%) и 93 недијабетичари (53,8%) и 78 пациенти се со обезитет каде 42 се со дијабетес (54,5%) и 35 недијабетичари (45,5%). Во однос на положбата во која работеле, застапеноста е највисока кај оние кои работеле во стоечка положба, со повисока тенденција за дијабетичарите во споредба со недијабетичарите. Добиените резултати за дерматолошките промени на долните екстремитети кои се категоризирани според CEAP класификацијата, покажуваат дека кај испитуваната популација најголем дел од пациентите имаат умерени до сериозни клинички манифестации на венска слабост, додека минимални или рекурентни случаи се значително помалку застапени. Дијабетичарите најголем дел имаат оток (C3), кожни промени (C4), исцелени улкуси (C5) и активни улкуси (C6), додека минимални или рекурентни случаи (C1, C2, C2r, C6r) се значително помалку застапени. Кај недијабетичарите се забележува сличен тренд, при што доминираат умерени до сериозни промени, со најмногу случаи со C3, C4c и C5, додека почетните стадиуми и рекурентните улкуси се редок наод. Крускал-Валис тестот покажа H = 115,872, p < 0,001 кај дијабетичари, додека H = 117,405, p < 0,001 е кај недијабетичари што укажува дека повисок степен на нарушената функција на вените корелира со повисок степен на тежината на болеста. Кај пациентите со дијабетес извршниот χ²-тест покажа χ² = 127.260 со p < 0.001, што укажува на статистички значајна разлика во распределбата на CEAP категориите помеѓу пациентите со и без рефлукс во групата со дијабетес, додека кај пациентите без дијабетес χ²-тестот покажа χ² = 132.941 и p < 0.001, што исто така укажува на статистички значајна поврзаност помеѓу присуството на рефлукс и повисоките CEAP категории во групата без дијабетес. Слични резултати се добиени и при поврзаноста на VSM и VSP со CEAP категориите кај дијабетичари и недијабетичари.
Заклучок: Со навремено откривање на варикозните вени кај општата популација би се спречиле бројните компликации кои произлегуваат од истите, а со тоа ќе се избегне и намалувањето на работоспособноста на одредена група од популацијата и ќе резултира со подобрување на секојдневните активности.
| Item Type: | Thesis (Doctoral) |
|---|---|
| Subjects: | Medical and Health Sciences > Clinical medicine |
| Divisions: | Faculty of Medical Science |
| Depositing User: | Nevenka Velickova |
| Date Deposited: | 29 Jun 2026 10:02 |
| Last Modified: | 29 Jun 2026 10:02 |
| URI: | https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/38591 |
