Детско престапништво и правда за децата

Lazetic, Gordana and Misoski, Boban and Kosevaliska, Olga and Nanev, Lazar (2025) Детско престапништво и правда за децата. Правен Факултет Јустинијан Први, УКИМ, Skopje. ISBN 978-9989-43-527-0

[thumbnail of Detsko-prestapnishtvo-i-pravda-za-deca.pdf] Text
Detsko-prestapnishtvo-i-pravda-za-deca.pdf

Download (3MB)

Abstract

Детското престапништво и правдата за децата се динамична област којашто го
задржува традиционалното постапување спрема децата со сите специфики што тоа со
себе го носи, а едновремено нужно мора да се прилагоди на новите трендови и
тенденции, да ги вгради современите теоретски сознанија во однос на етиологијата и
феноменологијата на детското престапништво и правдата за децата.
Со донесувањето на новиот Закон за правда за децата (ЗПД) во март 2024 година
се изврши усогласување со Директивата EU2016/800 на Европскиот парламент и на
Советот за процедурални заштитни мерки за децата кои се осомничени или обвинети во
кривична постапка и со Директивата 2012/29/ЕУ на Европскиот парламент и на Советот
од 25 октомври 2012 година за утврдување минимални стандарди за правата,
поддршката и заштитата на жртвите на криминал и за замена на Рамковната одлука на
Советот 2001/220 / ЈHА.
Потребата од овој учебник за потребите на студентите на втор циклус студии од
областа на казненото право се наметна поради фактот што во новиот ЗПД за првпат е
дефинирано начелото за најдобар интерес на детето, неговиот опфат и попретежноста
во однос на другите интереси на детето и други законски норми што се применуваат во
рамките на материјалното и процесното казнено право, како и судската постапка спрема
децата во судир со законот, со што ЗПД доби карактер на процесен закон.
Во учебникот се нагласува потребата за зајакната заштита на децата жртви и
децата сведоци, со акцент врз спречување на секундарната виктимизација и
сензибилизирање на сите професионалци што постапуваат спрема детето, а доаѓаат од
различни државни органи или правосудни професии.
Развојната детска психологија овозможува да се сфатат процесите што влијаат врз
правилен раст и развој, ризиците на адолесценцијата и современите аспекти на
созревањето на детето од физички, емоционален и социјален аспект. Овие сознанија се
круцијални за разбирање и проектирање на политиките за примарна превенција од
детското престапништво, за навремено идентификување на ризик факторите и
адресирање на вистинските потреби, проблеми и состојби во кои се наоѓа детето.
Познато и прифатливо е дека постапувањето спрема децата отсекогаш имало свои
специфики по кои сосема се разликувало од постапувањето спрема возрасните, како
сторители на кривични дела.
Разработувајќи ги теориите што помагаат да се сфати однесувањето на децата се
дава придонес за прилагодување на постапувањата според психо-физичкиот,
емоционалниот и менталниот степен на развиток на детето и соодносот помеѓу возраста
и зрелоста, притоа земајќи го предвид и неизбежниот расчекор помеѓу желбите,
можностите и потребите на младиот човек којшто предизвикува состојби коишто може
да бидат ризик фактори за детско престапништво.
Во теоријата, но и во практичното постапување апсолвирано е дека поради
влијанието на егзогените и ендогените фактори детето не е секогаш во состојба
најдобро да го разбере значењето на она што го сторува или пропушта, ниту соодветно
да ги сфати последиците од преземеното дејствие. Изградувањето на систем на
вредности кај децата се одвива преку идентификација и копирање на возрасните во
првите години од животот, а подоцна големо влијание имаат социјалните и економски
фактори, состојбата во семејството и влијанието на врсниците при што во определени
ситуации иако детето може да направи дистинкција помеѓу општествено прифатливото и неприфатливото однесување, не донесува правилна одлука поради недоволната
зрелост и свесност за последиците.
Потребата за изработка на овој учебник се наметна и со оглед на фактот што
материјата посветена на децата во ризик, децата во судир со законот и децата жртви се
издвои од казненото материјално и казненото процесно законодавство и во голема мера
се надогради и збогати со цел да овозможи постапувањето спрема деца да прерасне во
посебен систем на казнено постапување, одлучување и санкционирање.
Во легислативна смисла, новите приоди во постапувањето спрема децата постојат
во последата деценија и половина. Тие беа првично прифатени во Законот за
малолетничката правда, којшто се применуваше од 2009 до 1 декември 2013 година, а
потоа и со Законот за правда за децата од 2013 до 2024 година.
Во овој учебник се апострофираат улогата на неформалните облици на
постапување, мислењето и согласноста од оштетениот за примена на определени
процесни облици, како и проширени овластувања на јавниот обвинител за примена на
начелото на целесообразност. Едновремено, прифатени се облици на постапување
коишто се растоварени од определени формалности и овозможуваат изрекување и
започнување со извршување на санкцијата во краток период по добиеното сознание за
стореното кривично дело. Голема предност на законските решенија е можноста да се
преземе соодветна реакција од Центрите за социјална работа и кон деца во ризик на
возраст од 5 до 14 години.
Со ЗПД од 2024 година се измени пристапот кон семејството на детето. Имено,
долгорочните цели на специјалната превенција се нагласени со активното вклучување
на семејството на детето во ризик во сите облици на постапување со цел за зајакнување
на семејството како институција, но повеќе не постојат санкции кон семејството, туку
решенија кои овозможуваат зајакнување на капацитетите на семејството во
остварување на родителската грижа и воспитување и заштита на децата
Подготвениот учебник е наменет, пред сè, за студентите на студиите од втор
циклус на правните науки, но може да помогне и во совладување на материјата
посветена на децата во ризик и за студентите на прв циклус на правните науки, но и на
практичарите со цел правилно толкување и имплементација на концептот за заштита
на децата преку посебниот приод кон детското престапништво и правдата за децата.
Скопје, Штип
Јануари, 2025 Од авторите

Item Type: Book
Subjects: Social Sciences > Law
Divisions: Faculty of Law
Depositing User: Olga Kosevaliska
Date Deposited: 10 Feb 2026 09:21
Last Modified: 10 Feb 2026 09:21
URI: https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/37336

Actions (login required)

View Item
View Item