Krsteska, Blagica (2025) Корелација на мутацискиот профил и микросателитската нестабилност како прогностички биомаркери за колоректален карцином и неговите клиничко-патолошки параметри. Doctoral thesis, Goce Delcev University, Stip.
Лекторирана верзија-докторска дисертација-Благица Крстеска.pdf
Download (2MB)
Abstract
Вовед: Колоректалниот карцином (КРК) е трета најчеста малигна неоплазма во светот и втора водечка причина за смрт поврзана со карцином. КРК по инциденца е на второ место кај жените по карциномот на дојка и на трето место кај мажите по карциномот на простата и белите дробови. Најчест хистолошки тип е аденокарциномот кој се дели на повеќе поттипови кои имаат различен молекуларен профил и клиничка прогноза. Стадиумот на болеста заедно со другите прогностички параметри и молекуларните тестирања се од клучна важност за изборот на третманот и проценката на ризик од рецидив. Цел: Целта на оваа докторска дисертација е да се одредат мутациите на Kirsten rat sarcoma viral oncogene (KRAS), - Neuroblastoma RAS viral oncogene homolog ( NRAS), V-raf murine sarcoma viral oncogene homolog B1 (BRAF) кај КРК, да се одреди Mismatch repear (MMR) статусот кај пациенти со КРК, да се евалуира експресијата на Programmed death-ligand1 (PDL1) и Human epidermal growth factor receptor 2 (HER2) и да се корелираат со клиничко-патолошките параметри. Материјал и методи: Во оваа ретроспективно-проспективна студија се користени архивски материјали на парафински блокчиња од примероци од туморско ткиво на 152 пациенти со дијагностициран колоректален карцином во Лабораторијата за хистопатологија и цитологија во Клиничка болница „Аџибадем Систина“. За имунохистохемиска анализа, користени се следниве антитела: MLH1, PMS2, PSH2, MSH6, BRAF V600E, HER2, PDL-1, а дополнително се одредуваа и KRAS/ NRAS, BRAF-мутации со Cobas z 480. Експресијата на HER2 се евалуираше според HERACLES-препораките за скорирање. Експресијата на PDL-1 се одредуваше со TPS, односно процент на позитивни туморски клетки на 100 витални клетки. Направена е корелација на добиените резултати со клиничко-патолошките параметри: пол, возраст, локализација на тумор, T,N,M-категорија, стадиум на болест, лимфатична и венска инвазија. Резултати: Од анализираните 152 пациенти со дијагностициран КРК, најмногу беа мажи 98 (64.47%) vs 54 (35.53%) жени. Возраста на пациентите беше во ранг од 34 до 89 години (просечна 68.4±11.3 години). Доминираа пациенти постари од 50 години – 137(90.13%). Анализата на колоректалните карциноми во однос на стадиумот на болеста потврди дека најчесто дијагностицирани случаи се во стадиум IIIB 35,53%, лимфатична инвазија кај 86,84% тумори додека венска инвазија кај 63,82% од туморите. Во оваа кохорта на пациенти, KRAS/NRAS-мутации беа детектирани кај 47(30.92%) пациенти, BRAF-мутации кај 11(7.24%) пациенти, со ММRd-статус беа најдени кај 15(9.87%) пациенти. BRAF-позитивните и негативните пациенти сигнификантно се разликуваа во однос на Т- класификацијата на туморот (p=0.009). Компарацијата на двете групи во однос на поединечните Т-категории потврди сигнификантно поретка застапеност на тумори со Т3-категорија во групата BRAF-позитивни пациенти (27.27% vs 65.96%, p=0.01), а сигнификантно почеста застапеност на тумори со 4b-категорија (45.45% vs 8.51%, p=0.0002). BRAF-мутацискиот статус беше сигнификантно различен во зависност од диференцираноста на туморот (p=0.022). Пациентите со потврдени мутации сигнификантно поретко имаа тумори со G2-категорија, односно умерено диференцирани тумори (45.45% vs 78.01%, p=0.015), додека сигнификантно почесто се дијагностицираа тумори со G3-категорија, односно лошо диференцирани тумори (54.55% vs 18.44%, p=0.0047). Не беше најдена сигнификантна корелација меѓу KRAS/NRAS-мутациите, ММR- статусот со клиничко-патолошките параметри. Левостраните тумори го сочинуваа мнозинството тумори кај HER2-позитивните и негативните пациенти (72.72% vs 81.48%). Во групата од 17 PDL1 позитивно дијагностицирани тумори, кај 10 од нив беа потврдени повеќе од 1% позитивни туморски клетки, кај 4 тумори беа детектирани повеќе од 10% туморски клетки, а кај 3 тумори, повеќе од 50% туморски клетки. Заклучок: Резултатите од ова истражување потврдуваат дека КРК најчесто се дијагностицира во напреднат стадиум IIIB, односно метастатски КРК. Тој има лоши прогностички параметри како лимфоваскуларна инвазија и висок градус. КРК е со доминантна локализација во левиот колон, најчесто во ректумот со висока фреквенција на KRAS/NRAS-мутации. Овие KRAS-мутации немаат сигнификантна корелација со стадиумот на болеста и T, N, M-категориите, ниту со градусот на туморот и лимфоваскуларната инвазија. Најголем дел од KRAS-мутациите беа најдени кај тумори со локализација во левиот колон, додека BRAF-мутациите покажаа сигнификантна корелација со локализација во десниот колон. Сигнификантна корелација со локализацијата на туморот во десниот колон покажаа и туморите со MMRd-статус. BRAF-мутациите сигнификантно корелираат со висока Т-категорија на туморот, односно подлабока инвазија во ѕидот, како и со повисок градус G3 на туморот и повисок стадиум на болестa III или IV. BRAF-мутациите немаат сигнификантна корелација со N, M-категоријата на туморот и лимфоваскуларната инвазија. Позитивна експресија на HER2 нема сигнификантна корелација со Т, N, M-категориите, градусот и лимфоваскуларната инвазија, како и BRAF-мутациите и MMR-статусот. Експресијата на HER2 е поврзана со локализација во левиот колон и KRAS-мутации. Позитивна експресија на PDL-1 нема сигнификантна корелација со Т, N, M-категориите, градусот и лимфоваскуларната инвазија, како и KRAS-мутациите и MMR-статусот. Експресија со cut off >50% е поврзана со негова локализација на десната страна, висок градус и BRAF-мутации.
| Item Type: | Thesis (Doctoral) |
|---|---|
| Subjects: | Medical and Health Sciences > Basic medicine Medical and Health Sciences > Clinical medicine |
| Divisions: | Faculty of Medical Science |
| Depositing User: | Nevenka Velickova |
| Date Deposited: | 24 Sep 2025 09:48 |
| Last Modified: | 24 Sep 2025 09:48 |
| URI: | https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/36462 |
