Gjorgieva Ackova, Darinka (2023) Токсиколошка хемија. Goce Delcev University, Stip. ISBN 978-608-277-019-2
Full text not available from this repository.Abstract
Учебникот „Токсиколошка хемија“ ја прикажува еволуцијата на полето на токсикологијата, од употребата на природните токсини од античките племиња преку Парацелзус, и напредува до актуелните токсиколошки теми денес, кои се од широк јавен интерес. Со векови, токсикологијата го фасцинира човекот и е вклучена во сите аспекти на индивидуалниот и општествениот живот. Тековната загриженост за ефектите на лековите, канцерогените агенси, индустриските токсини, пестицидите и хербицидите врз здравјето на луѓето, благосостојбата на животните и стабилноста и одржувањето на екосистемите, продолжуваат да ја истакнуваат токсикологијата како важна и растечка научна дисциплина.
Учебникот започнува со презентирање на основните токсиколошки принципи, вклучувајќи историско резиме, врска доза-одговор, врска изложеност-токсичен одговор, диспозиција и метаболизам на ксенобиотските токсични агенси. Следат други важни поглавја кои вклучуваат токсичност кон целните органи, токсичност на канцерогени агенси и концепти за тестирање на токсичност, како и противотрови за третман на труења. Во посебни поглавја прикажани се токсиколошките карактеристики на различни групи токсични агенси (класифицирани според хемиската структура).
Учебникот се обидува да ја кондензира дифузната литература од областа во еден достапен и читлив текст, дообјаснета и визуелно со вметнување на повеќе табели и слики.
Овој учебник е напишан за да го премости јазот помеѓу токсикологијата и хемијата на начин кој е поблизок и истовремено поинтересен за студентите на Фармација, за кои првенствено е наменет. Ја дефинира токсиколошката хемија како наука која се занимава со хемиската природа и реакциите на токсичните супстанции, нивното потекло и употребата, хемиските аспекти на нивната изложеност, трансформацијата и елиминацијата од страна на биолошките системи. Ги прикажува хемиските формули, структурите и реакциите на токсичните супстанции, нагласувајќи ги хемиските аспекти на токсиколошките феномени, вклучувајќи ги и судбината и ефектот на ксенобиотиците во живите системи.
Текстот е дизајниран така што ќе биде корисен и за широк спектар на читатели со поразлични интереси и со различно познавање од хемија, биохемија и токсикологија. Направени се напори да се задржат основните информации, но додадени се и дополнителни структури од токсиколошката хемија, што би ја направиле оваа книга популарна и корисна за студентите, но исто и за академската заедница и сите други професионалци кои работат со кои било од аспектите на изложување на токсични агенси и кои треба да ги разберат токсичните ефекти на хемикалиите во човечкиот организам од хемиска перспектива.
Item Type: | Book |
---|---|
Subjects: | Medical and Health Sciences > Other medical sciences |
Divisions: | Faculty of Medical Science |
Depositing User: | Darinka Gorgieva Ackova |
Date Deposited: | 15 Dec 2023 10:29 |
Last Modified: | 15 Dec 2023 10:29 |
URI: | https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/32934 |
Actions (login required)
View Item |