Todorova, Biljana (2023) Социјално право. Универзитет „Гоце Делчев“, Правен факултет, Штип. ISBN 978-608-244-956-2
Full text not available from this repository.Abstract
ПРЕДГОВОР
Учебникот „Социјално право“ од авторот, проф. д-р Билјана Тодорова претставува заокружена целина на повеќегодишна анализа и истражување на теми поврзани со правните аспекти на домашната и меѓународна социјална проблематика. Учебникот е наменет првенствено за изучување на предметот „Социјално право“ од страна на студентите на Правниот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, за сите насоки на прв циклус студии. Преку него, се очекува студентите, а и сите заинтересирани субјекти, да добијат продлабочени знаења за теоретските и практични аспекти неопходни за разбирање и спроведување на социјалното осигурување и социјалната заштита во земјава.
Како наставен предмет, целта на постоење на социјалното право е студентите да го совладаат и понатаму да може да го применат правото во практиката, меѓутоа како правна гранка социјалното право постои за да се обезбеди социјална сигурност на граѓанинот, неговото семејство, а со тоа и на целото население во државата. Тоа е збирен назив за различните видови на права, како што се: правото на социјално, пензиско и инвалидско осигурување, потоа, правото на здравствена заштита и здравствено осигурување, правото на социјална заштита и заштита на децата. Во него се содржани елементи на социјалната политика во земјава и елементи за едукација на кадрите (социјалното право сфатено како наставна дисциплина, наменета на студентите по право).
Социјалното право се состои од група на права што се загарантирани со закон, тие се фундаментални и се потврдени во националните устави и меѓународните договори за човекови права. Оттаму, учебникот „Социјално прво“ проучува правни норми во поширок круг на правни акти и документи (устав, закони, одлуки, решенија). Од овие правни акти, како предмет на проучување на социјалното право можат да се определат неколку тематски области.
Првата тематска област опфаќа општ осврт на правната гранка, предмет, цел, извори, принципи и воопшто сè што се подразбира под социјално осигурување и социјална заштита.
Понатаму се посветува значајно внимание на здравственото осигурување и заштита, кои се права на пациентите и како тие се остваруваат (трите нивоа на здравствената заштита: примарно, секундарно и терцијарно ниво, и здравственото осигурување). Тука се определуваат основните значења на двете категории, потоа постапката за остварување на правото на здравствена заштита и на здравственото осигурување, како и организационата поставеност на здравствените установи.
Трета голема целина претставува пензиското осигурување, ризиците и правата од пензиско осигурување, организацијата на институциите за остварување на ова право.
Битна категорија е поимот пензиски стаж и неговите појавни облици (редовен, посебен и зголемено траење на стажот на осигурување). Видовите на пензија (старосна, инвалидска и семејна пензија). Се проучуваат правата врз основа на инвалидност, со анализа на условите за оценка на инвалидноста, постапката за остварување на ова право и можноста од престанок на правото.
Четврта тематска област се и правата од осигурување во случај на привремена невработеност и условите под кои тие можат да се уживаат.
Следува, анализа на условите за настанување на можноста за право на социјална заштита, постапките за остварување на ова право и престанокот на социјалната
заштита.
Во рамките на шестата тематска целина согласно можностите за обемот на учебникот, е посветено внимание на детската заштита, нејзината улога во општеството, организацијата и финансирањето на детската заштита.
Во последната, седма глава, е изучување на правата на борци, воени инвалиди и семејства на загинати борци, како и заштитата на цивилните жртви од војната.
Во врска со овие целини на социјалното право битно е да се наспомене дека тоа не се заснова само на еден закон, туку постојат повеќе позитивни законски прописи од кои ќе ги влечеме суштинските елементи за проучување и анализа.
Во рамките на овие наведени области, предмет на проучување на социјалното право не се само правните норми, туку и институциите (Фондот за здравствено осигурување, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, здравствените домови и центрите за социјална работа) и односите кои се битни за социјално-правната положба на човекот. Всушност, социјалното право во голема мера е практична дисциплина и не може успешно да ја оствари својата функција исклучиво благодарејќи на правните норми на законите. За да може социјалното право да ја оствари својата цел потребно е да се воспостават квалитетни конкретни механизми на заштита на граѓаните кои се во социјален ризик (на пр. унапредување на системот на здравствена заштита, добро работење на установите за социјална заштита, финансиски стабилни пензиски фондови итн.).
Од ваквата логичка поставеност на структура на учебникот „Социјално прво“, студентите ќе се стекнат со вештини за анализа, толкување и примена на тврдата и меката легислатива од областа на социјалното осигурување и социјалната заштита, како и да стекнат вештини за дискутирање и примена на современите пристапи во заштита на корисниците на правата и услугите во системот на социјално осигурување и социјална заштита.
Со голем ентузијазам се нафатив на задачата на селектирање и поставување на едно место на социјални прашања во рамките на широк дијапазон теми. Убедена сум дека станува збор за скромен, но навремен и драгоцен придонес кон литературата од оваа проблематика.
Од Авторот
Item Type: | Book |
---|---|
Subjects: | Humanities > Other humanities |
Divisions: | Faculty of Law |
Depositing User: | Biljana Todorova |
Date Deposited: | 13 Dec 2023 11:23 |
Last Modified: | 13 Dec 2023 11:23 |
URI: | https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/32876 |
Actions (login required)
View Item |