Микробиологија со заразни болести, учебник за III година Земјоделско-ветеринарна струка, профил: ветеринарен техничар. Министерство за образование и наука на Република Македонија

Trajchev, Metodija and Nakov, Dimitar (2010) Микробиологија со заразни болести, учебник за III година Земјоделско-ветеринарна струка, профил: ветеринарен техничар. Министерство за образование и наука на Република Македонија. Ministerstvo za obrazovanie i nauka na Severna Makedonija.

[thumbnail of Zarazni bolesti.pdf] Text
Zarazni bolesti.pdf

Download (66MB)

Abstract

Инфективните или заразните болести се најголема причина за појава на смртност и страдање кај животните и луѓето. Опасноста на заразните болести зависи од повеќе параметри: видот и категоријата на живи организми кои заболуваат, патиштата за пренесување и ширење на заразната болест, географската раширеност и друго. Заразните болести се поделени според класификацијата на патогениот агенс кој ја предизвикува, па така има заразни болести кои се предизвикани од бактерии, вируси, паразити, габи или приони. Заразните болести се класифицирани и во однос на нивното пренесување од луѓето на животните, и обратно, кога станува збор за зоонози. Треба да се напомене дека 75% од заразните болести кај луѓето се предизвикани од патогени агенси кои паразитираат кај животните, односно се зоонози. Затоа ширењето на многу зарази зависи од навиките и однесувањето на луѓето и животните. Понатаму, постојат заразни болести кои се пренесуваат преку храна, вода, инсекти или при хируршките интервенции. Во годините кога има многу врнежи, зголемена влажност, вегетација и зголемено производство на храна, автоматски се зголемува и популацијата на малите глодари, кои доаѓаат во близок контакт со луѓето и животните, и се преносители на многу заразни болести. Со воведувањето на новите технологии на одгледување и зголемената продуктивност кај животните, појавата на заразни болести има се поголемо значење. Едностраната селекција на животните за зголемена продуктивност, негативно влијае на нивната отпорност кон заразните болести. Присуството на одредени заразни болести во стадата со животни ја нарушува благосостојбата на животните, ја намалуваат нивната продуктивност, предизвикуваат зголемена смртност и огромни економски загуби.
Целта на овој учебник е да се даде еден преглед на најзначајните заразни болести кај животните и болестите кои од животните се пренесуваат на луѓето, предизвикани од бактерии, габи и вируси, како и мерките кои се применуваат во борбата со нив. Превенирањето на заразните болести со прекинување на синџирот за нивно пренесување претставува главна цел во успешната борба со нив. Знаењата за заразните болести мора постојано да се прошируваат и спроведуваат во практика. Сликата за појавата на заразните болести постојано се менува. Секојдневно сме сведоци на идентификација на нови патогени микроорганизми и менување на веќе идентификуваните. Тие микроорганизми предизвикуваат болести кај луѓето и животните со изменета клиничка слика, изменет тек и завршеток на болеста. Во последните три децении откриени се околу 40 нови патогени микроорганизми, некои од нив со глобално значење. Доволно е да се споменат вирусот на СИДА-та, САРС, кравјото лудило, птичјиот и свинскиот грип и многу други. Заразните болести повеќе не се ограничени само на одредено подрачје. Поради интензивната трговска размена и брзото движење на луѓето насекаде низ светот, заразните болести во современото општество добиваат глобално значење. Вирусот на птичјиот и свинскиот грип се најдобар пример за промените кои настануваат кај микроорганизмите во однос на нивната патогеност и вирулентност, па тие стануваат способни да инфицираат популации на животни и луѓе кои претходно биле имуни кон нив. Биотероризмот дава една нова димензија на заразните болести, кои се користат како средства за масовно уништување. Затоа здравствените организации се здружени во еден систем за размена на информации и побрзо откривање и уништување на заразните болести. Експертите за заразни болести секојдневно се во потрага по нови, брзи дијагностички методи за точна идентификација на патогените микроорганизми и брза дијагностика на заразните болести. Примената на молекуларните техника создаваат можности за дијагностицирање на заразни болести кои претходно не можеа да се откријат. Со нивна примена во последните години откриени се нови микроорганизми кои претходно не можеле да се идентификуваат. Унапредувањето на лабораториските техники и брзото кружење на информациите преку глобалните електронски мрежи (интернетот) дава можности за поефикасна борба со заразните болести. Сите знаења, кои се стекнати и кои ќе се стекнат, мора да се здружат заедно во еден глобален систем за борба против заразните болести кои се најголема опасност за опстојувањето на растителниот, животинскиот свет и луѓето.

Item Type: Book
Subjects: Agricultural Sciences > Animal and dairy science
Agricultural Sciences > Veterinary science
Divisions: Faculty of Agriculture
Depositing User: Dimitar Nakov
Date Deposited: 22 Nov 2023 10:43
Last Modified: 22 Nov 2023 10:43
URI: https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/32616

Actions (login required)

View Item View Item