Микробиологија со заразни болести, учебник за II година Земјоделско-ветеринарна струка, профил: ветеринарен техничар. Министерство за образование и наука на Република Македонија

Trajchev, Metodija and Nakov, Dimitar (2010) Микробиологија со заразни болести, учебник за II година Земјоделско-ветеринарна струка, профил: ветеринарен техничар. Министерство за образование и наука на Република Македонија. Ministerstvo za obrazovanie i nauka na Severna Makedonija.

[thumbnail of Mikrobiologija.pdf] Text
Mikrobiologija.pdf

Download (35MB)

Abstract

Историскиот развој на микробиологијата не може да се оддели од обидите на човекот да најде одговор на прашањата кои се однесуваат на настанувањето на животот, распаѓањето на органската материја, природата на заразните болести и обидите да се подобри хигиената при производството на храна. Во минатото одговорот на овие прашања бил поврзуван со верските и филозофските размислувања кои биле карактеристика на одреден временски период.
Првите податоци кои се наоѓаат во пишаната историја се однесуваат на епидемиите кои нанесувале големо зло на луѓето и животните. Старите народи верувале дека епидемиите се знак за гневот на боговите и настојували да ги отстранат со принесување на жртви, не знаејќи дека со тоа всушност прават превентива на болестите. Прва мерка која била превземена за спречување на ширењето на болестите било отварањето на карантини во четиринаесетиот век во Марсеј и Венеција, што се должело на сознанието дека со изолација може да се спречо ширењето на болестите, иако некои тоа го споредувале со „ верско чистилиште “.
Хипократ во своите записи го отфрлил верското размислување за настанувањето на болестите и истакнал дека за настанување на болест се потребни два фактора, внатрешен, поврзан со конституцијата на организмот и надворешен или „мијазма” односно воздух модифициран на непознат начин и станал штетен по здравјето. Ова сваќање дека штетниот воздух е причина за настанување на болести се одржало цел среден век.
Дури во првата половина на XIV век Fracastorius го руши ова сваќање и докажува дека сифилисот го предизвикуваат живи агенси, „contagium vivum”. Покасно истиот автор објавил и книга во која пишува дека болестите се пренесуваат со директен контакт, или со посредство на неживи преносители преку воздухот на одредено растојание. Овие причинители на болести ги нарекол „seminaria morbi”. Истиот автор навел мислење дека семето на тие агенси се пренесува од болно на здраво животно.
Дури со откривањето на микроскопот, се претпоставува дека првиот микроскоп бил конструиран 1609 година од страна на Zaccharias Jensen во Холандија и Galilej во Италија, започнува спориот развој на микробиологијата. Микроорганизмите за прв пат ги видел и опишал Antony van Leeuwenhoek во Холандија во 1676 година, со микроскоп кој самиот го конструирал. Неговите наоди во 1678 година ги потврдил и Hooke. Во класификацијата на Line од 1767 година, овие „ситни животни” биле сврстени во класата Chaos infusorium. Работејќи на класификацијата на „ситните животни”, Ehrenberg во 1829 година го поставил родот Bacterium (од грчкиот збор bacter-стапче), иако не ја знаел природата на тие бактерии.
Во обидот да се докаже настанувањето на болестите, R. Boyle во 1663 година навел дека причината може да бидат процесите на вриење и гниење кои настануваат спонтано, што во суштина било продолжување на сваќањата на Aristotel за спонтаното настанување или абиогенеза на ситните животни, црви и инсекти кое се одржало во целиот среден век. Меѓутоа, италијанскиот природонаучник L. Spallanzani, во 1765 година докажал дека овие научници направиле техничка грешка и дека постојат облици на микроорганизми кои го преживуваат варењето и такви кои се размножуваат во средина без воздух. Сепак L. Paster, кој во 1860 година направил повеќе експерименти и дефинитивно го отфрлил сваќањето за спонтаното настанување на микроорганизмите и ја започнал ерата на научната микробиологија.
L. Paster со своите експерименти многу придонел во развојот на микробиологијата. Ги потврдил претходните истражувања и докажал дека процесите на вриење на виното и пивото зависат од квасците, понатаму докажал дека и останатите процеси на млечно-киселинско вриење, бутерно-киселинско вриење, гниењето и другите слични процеси настануваат под дејство на микроорганизмите. Откритијата на Paster го навеле хирургот J. Lister да ја воведе карболната киселина како дезинфекционо средство во хируршката практика. Во тој период откриени се многу бактерии и габи, како причинители на многу заболувања, но техниката за нивно култивирање не била доволно позната, не биле познати чисти култури, па не можело со сигурност да се потврди етиологијата на тие болести.
Robert Koch, проучувајќи го антраксот во 1876, ги открил чистите култури и нивното значење во микробиологијата, како и боењето на микроскопските препарати. Подоцна, во 1882 година, го открил и причинителот на туберкулозата и во неговата студија изнел свои погледи за природата на инфективните болести, кои се познати како Кохови постулати. Од тогаш започнува интензивниот развој на микробиологијата и завземање на нејзиното место во научните текови.
Историскиот развој на имунологијата исто така бил спор и долготраен. Постојат податоци дека некои стари народи применувале имунизација против змијски отров со внесување на мали количини од отровот во посекотина на кожата. Пред повеќе од 20 века Кинезите во борбата со големите сипаници применувале метод кој денес го нарекуваме вариолизација. Тие внесувале осушени красти од сипаница од болни луѓе во посекотини на кожата на здрави луѓе. Често ваквиот начин на имунизација бил причина за настанување на нови епидемии.
Во 1778 година E. Jenner почнал да го проучува односот помеѓу кравските сипаници и големите сипаници кај луѓето. Тој забележал дека молзачките кои се инфицирале со кравски сипаници имале локални промени по рацете, ама не заболеле од големите сипаници.
Во наредните 100 години во областа на имунологијата не се случиле позначајни научни достигнувања. Во 1877 година со истражувањата на Paster имунологијата добила нови правци. Со резултатите од неговите истражувања со примена на вакцинација против пастерелоза кај живината, антракс и беснило поставени се цврсти темели врз кои понатаму се развивала имунологијата. Во меѓувреме со примената на ослабнати (атенуирани) причинители на болести за вршење на имунизација поставени се и првите истражувања во полето на генетиката на микроорганизмите.
Последните две децении на XIX век направен е голем напредок во изучувањето на специфичните серолошки реакции и објаснување на имунолошките појави. J. Bordet и P. Enrlich во 1897 година ја поставиле „теоријата на странични ланци”, сакајќи да го објаснат настанувањето на имунитетот и механизмот на реакцијата антиген-антитело. Во 1881 година I. Mecnikov ја открил фагоцитозата и ја поставил теоријата за клеточен имунитет, мислејќи дека фагоцитозата е носител на имунитетот.
E. Behring во 1890 година утврдил дека животните може да се заштитат против дифтерија цо вбризгување на дифтеричен токсин, а нешто покасно Kitasatom ја докажал истата појава и со тетанусниот токсин. И во двата случаеви авторите утврдиле дека серумот на имунизираните животни содржи супстанца која специфично ги неутрализира тие токсини. Со ова во клиничката пракса е воведено пасивното имунизирање поради лечење на многу инфекции.
Примената на имуните серуми во клиничката пракса довела до нови сознанија во имунологијата, на пример специфичната преосетливост наречена анафилакса или алергија. Од посебно значење била реакцијата на Коховиот туберкулин и откривањето на серумската болест од страна на Von Pirquet и Schick во 1905 година.
Со откривањето на сулфонамидите и антибиотиците отворени се нови димензии во микробиологијата. Со испитување на начините на нивно делување откриени се основните познавања за физиологијата на микроорганизмите. Откривањето на антагонизмот помеѓу микроорганизмите, што го забележал уште Paster, добива на значење со истражувањата на A. Flemingovim (1929) за влијанието на габата Penicillium врз културата од стафилококи. Chain и Florey (1941) од културата на Penicillium notatum изолирале антагонистички материи, односно антибиотикот пеницилин. Покасно, Waksman (1944), го издвоил стрептомицинот.
Ново поглавје во микробиологијата претставува брзиот развој на генетиката во последните децении, што придонело за запознавање на биохемиските процеси на наследување и променливост, а со тоа и развој на една сосема нова научна дисциплина - молекуларна биологија.

Item Type: Book
Subjects: Agricultural Sciences > Animal and dairy science
Agricultural Sciences > Veterinary science
Divisions: Faculty of Agriculture
Depositing User: Dimitar Nakov
Date Deposited: 22 Nov 2023 10:43
Last Modified: 22 Nov 2023 10:43
URI: https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/32615

Actions (login required)

View Item View Item