Основи на процена на ризици и закани

Andonov, Oliver (2022) Основи на процена на ризици и закани. Military Academy "General Mihailo Apostolski" Skopje, Skopje. ISBN 978-9989-134-19-7

[thumbnail of Учебник_Основи на процена на ризици и закани.pdf] Text
Учебник_Основи на процена на ризици и закани.pdf

Download (2MB)
Official URL: http://www.ma.edu.mk

Abstract

Предговор

Да се пишува за процена на ризиците и заканите, дури и како воведен учебник претставува научен и академски предизвик што бара поврзување на ризиците и заканите со изворите на загрозување. Некако логично се наметнува прашањето: Дали можеби не е повеќе неопходно најпрво да се пишува за изворите на загрозување? Можеме да се согласиме со потврден одговор на ова хипотетичко прашање, но во тој случај мора да се постави и прашањето: Од кој извор на загрозување да се започне и како паралелно со тоа да се направи процена на ризиците и заканите и одговор на загрозувањата? Потоа следуваат следните прашања: Дали на прво место се изворите на загрозување на човековата безбедност? Кои се нивоата на загрозување на човековата безбедност? Што сè може да ја загрози човековата безбедност? Дали изворите на загрозување на човековата безбедност ја загрозуваат и човековата сигурност или се однесуваат исклучиво на личната и на јавната безбедност? И сè така во недоглед се надоврзуваат прашањата за изворите на загрозување не само на безбедноста и сигурноста, туку и на други аспекти на живеењето што немаат директна поврзаност со масовното загрозување и предизвикувањето штети, како и на дополнителните загрозувања што определени современи ризици и закани може да ги продуцираат со својата појава, а на некој начин ја загрозуваат човековата безбедност. Продолжувајќи во тој контекст да се разгледува човековата безбедност, а во исто време и да се надоврзе врз личната и јавната сигурност и врз националната сигурност, влијанието на меѓународната сигурност и нејзиното значење како синоним можеме да зборуваме за многу различни извори на загрозување.
Секако дека оваа дилема постојано е присутна кај академската и научната јавност што се занимава со етиологијата на загрозувањето, но мора да кажеме дека во овој контекст на пристап кон изворите на загрозување нè спречуваат најмалку два објективни факти што влијаат врз создавањето на едно епохално дело поврзано со изворите на загрозување.
Прво, во македонската научна јавност речиси воопшто не постои изворно дело што ги обработува целосно и во еден контекст исклучиво изворите на загрозување. Секако тука не ги сметаме извештаите на Европската комисија што се однесуваат на работата на институциите за заштита и спасување и справување со кризи (ЦУК и ДЗС), а во кои се споменуваат некои од изворите на загрозување поврзани со природните и техничко-технолошките несреќи и катастрофи. Тука треба да напоменеме дека ниту кризниот менаџмент не е ја опфаќа етиологијата  

на загрозувањето, туку се занимава со организациски аспекти на справувањето со кризи и употребата на ресурсите.
Второ, исклучително е тешко да се направи научен труд, учебник, монографија па дури и прирачник во кој ќе бидат содржани и објаснети сите можни извори на загрозување. Тоа, пред сè, би било по обем огромно дело или дури и епохален научен или академски труд, но и во тој случај со ограничена важност – релевантност, бидејќи современите извори на загрозување се до тој степен динамични и создаваат нови и нови извори на загрозување во сите области на општеството и секојдневниот живот што е исклучително тешко да се следи.
Дури и надополнувањето на листата на индикатори на загрозување или како ЕУ листата на индикатори за рано предупредување од ризиците и заканите, претставува исклучително сложен процес и постојана динамична активност што во македонски услови би требало да ја подготвува ЦУК. Потоа се поставува прашањето за капацитетите и знаењето за да може да се направи и да се одржува еден ваков „систем“ за постојано следење на изворите на загрозување и нивна анализа.
Оттука, пристапот кон создавање учебник со наслов „Основи на процена на ризици и закани“ претставува, пред сè, пионерски наставно-научен потфат и вовед во светот на етиологијата на загрозувањето низ призмата на процена на ризиците и заканите што во определени услови би можеле да се појават и да ја загрозат на прво место човековата безбедност и сигурност. Затоа е неопходно да се утврди и објектот на заштита, односно кои извори на загрозување врз кого и како влијаат. Всушност, токму тоа е основата врз којашто се врши процена на ризиците и заканите, а потоа се предвидува можната штета, појавата на дополнителни (нови) извори на загрозување и повторно се прави процена на ризикот и можната штета за да се дојде до клучниот интерес, а тоа е „соодветен и навремен одговор на изворот на загрозување“ и избегнување, неутрализација или превенција на ризиците и на штетите од заканата од одреден извор на загрозување.
Токму крајната цел – „соодветен и навремен одговор на изворот (изворите) на загрозување“ претставува појдовна точка во процена на ризиците и заканите. Барањата што се поставуваат пред донесувачите на одлуките за избор на соодветен модел за спротивставување – одговор на изворот на загрозување се всушност втемелени врз способноста – стручноста и едуцираноста на тимовите за процена на ризици и закани, нивната организација и способност за создавање предвидувачка анализа. Втор сегмент е подготвеноста на системот за заштита и спасување при несреќи и катастрофи, неговата организациска структура и техничка опременост на единиците за заштита и спасување од различни видови загрозување. Притоа е неопходно во текот на планирањето на заштитата и спасувањето како дел од одговорите на загрозувањата и процената на ризиците и заканите да се има предвид обученоста на персоналот на сите нивоа.
Овој учебник што е пред вас има за цел да ве воведе во изворите на загрозувањето низ сознанијата за утврдувањето на објектот на загрозување и објектот на заштита, теориските и практичните организациски основи при процена на ризици и закани, начинот на организација на тимовите и моделите за процена, како и основите за аналитичко размислување и пристап кон изворите на загрозување било да се работи за потреба од процена на извори на загрозување и ризици и закани од природни или од техничко-технолошки катастрофи или да работи за процена на политичко-безбедносни ризици и закани на внатрешен или на меѓународен билатерален или мултилатерален план, или пак се работи за економски, социјални или други извори на загрозување.
Со цел основно мотивирање на студентите за создавање самостојни анализи и градење индивидуални способности за анализа при процена на ризици и закани и утврдување на можни актуелни или идни извори на загрозување во последната глава од овој учебник опфатени се „теориите на игра“. Ова е особено интересен дел, бидејќи процената на ризици и закани и утврдувањето на познатите или непознатите – наидувачките, идни извори на загрозување претставува облик на игра со познат, делумно познат или непознат противник, а тоа поставува барање за основни познавања на теориите на игра. Мотивирани од едно вакво размислување сметавме дека постои потреба студентите-питомците во основа да се запознаат со теориите на игра со што ќе им биде олеснето во рамките на тимовите за процена на ризици и закани или како лидери на овие тимови да бидат во состојба да ги проиграат барем основните матрици на не нулта сума или на нулта сума соочени со определен извор на загрозување. Токму затоа во делот на теориите на игра примерите кои се дадени се однесуваат на меѓународните односи и билатералните односи помеѓу државите, но со видливи и препознатливи извори на загрозување преку изразени интереси на државите што може да ги толкуваме како интереси за ресурси или трка во вооружување, сосема неважно, бидејќи целта е да се постигнат знаења во однос на разбирањето на теориите на игра заради соодветно справување со непознат или познат предизвикувач – извор на загрозување во различни услови.
Секако дека од овој учебник не очекуваме, ниту пак имавме таква тенденција, да ги опфати во потполност изворите на загрозување, ниту пак сите можни модели за процена на ризици и закани. Едноставно овој учебник претставува вовед во големата област на изворите на загрозување и тоа во само еден нејзин дел, а тоа е процена на ризици и закани.

Авторот

Item Type: Book
Subjects: Social Sciences > Other social sciences
Divisions: Military Academy
Depositing User: Oliver Andonov
Date Deposited: 27 Jan 2023 10:11
Last Modified: 27 Jan 2023 10:11
URI: https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/30907

Actions (login required)

View Item View Item