Koleva, Blagica and Gorgieva-Trajkovska, Olivera (2020) Основи на сметководство. Универзитет „Гоце Делчев“ Штип, Универзитет „Гоце Делчев“ Штип. ISBN 978-608-244-770-4
Full text not available from this repository.Abstract
Учебникот „Основи на сметководство“ од авторите проф. д-р Благица Колева и проф. д-р Оливера Ѓоргиева-Трајковска претставува заокружена целина на материјалот поврзан со сметководствена евиденција на економските настани и трансакции во деловните ентитети. Учебникот е наменет првенствено за изучување на предметот Основи на сметководство од страна на студентите на Економскиот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, за сите насоки од прв циклус на студии.
Учебникот е креиран врз основа на потребата од создавање учебно помагало кое од теоретски и практичен аспект ќе им овозможи на студентите стекнување на знаења за основите на сметководството, преку основните сметководствени поими, принципи, цели, до сметководствен третман на сите видови на средства, обврски, капитал, приходи и расходи и изготвување на основните финансиски извештаи за целите на екстерното финансиско известување на деловниот ентитет.
Студентите ќе се стекнат со вештини за евидентирање на деловните настани и трансакции во дневник и главна книга, како и за изготвување на основните финансиски извештаи кои деловните ентитети ги користат за да ја презентираат нивната финансиска состојба и успешност, а кои се наменети за сите интерни и екстерни корисници, вклучувајќи ги: менаџерите и вработените, инвеститорите, доверителите, добавувачите, потрошувачите.
Сметаме дека учебникот се одликува со голема теоретска и практична вредност, како за студентите, така и за сите останати субјекти кои имаат интерес во оваа проблематика, т.е. кои се инволвирани во процесот на сметководствено евидентирање.
Содржински, трудот е конципиран во 7 поглавја, за кои следи кратка презентација на нивните цели и структура.
Првото поглавје е посветено на основите на сметководството и сметководствената евиденција. Овде се дефинира поимот сметководство и неговите составни делови; сметководствените информации, нивните квалитативни карактеристики и корисници, како и целите и задачите на сметководството. Во продолжение на ова поглавје се разработени функциите на сметководството и сметководствените принципи (општи и специфични).
Второто поглавје од учебникот ги обработува структурата и содржината на основните финансиски извештаи: Билансот на состојба, Билансот на успех, Извештајот за парични текови, Извештајот за промена на капиталот и Белешките кон финансиските извештаи, кои задолжително ги изготвува и презентира секој деловен ентитет, за сите корисници (стејкхолдери), кои врз основа на информациите од нив донесуваат рационални економски одлуки.
Третото поглавје се однесува на примената на системот на двојно сметководство, преку разработка на деловните книги и сметководствени документи, како и сметководствените сметки (конта), нивните видови, правила на евиденција и салдирање.
Следните глави од трудот се посветени на сметководствена евиденција на одделните средства, извори на средства, расходи и приходи на претпријатијата, како составни елементи на финансиските извештаи.
Така, четвртото поглавје е посветено на евиденција на капиталот и обврските, како извори на средства на деловниот ентитет. Посебно се обработени (теоретски и од практичен аспект): капиталот и резервите, како и обврските по основа на кредити, кон добавувачи и врз основа на должнички хартии од вредност.
Петтото поглавје ги обработува постојаните средства, преку евиденција на нематеријалните и материјални средства (нивно стекнување, отуѓување и амортизација).
Шестото поглавје е посветено на сметководствена евиденција на тековните средства: пари и парични еквиваленти (чекови и меници), дадени и примени аванси, акредитиви и залихи (на суровини и материјали, готови производи и трговски стоки).
Седмото поглавје е резервирано за евиденција на приходите и расходите, како елементи на Билансот на успех на деловните ентитети, вклучително и методите за утврдување на финансискиот резултат.
Во сите поглавја од учебникот се содржани и вежби (со решенија и без решенија), кои се наменети за студентите и кои истите можат да ги искористат при нивната подготовка за испит.
Преку презентираниот начин на обработка на сметководствената евиденција на сите елементи на финансиските извештаи на деловните ентитети, што е и основна задача на сметководството, сметаме дека е постигната главната цел – да им помогнеме на студентите да ги разберат целите и задачите на сметководството, начинот на сметководствена евиденција на сите средства, извори на средства, приходи и расходи, и она што е посебно важно, преку практичните примери за книжење содржани во материјалот да можат практично да ја осознаат постапката на сметководствена евиденција на економските трансакции, со цел составување на квалитетни финансиски извештаи од страна на деловните ентитети.
Item Type: | Book |
---|---|
Additional Information: | DOI: https://www.doi.org/10.46763/9786082447704 |
Subjects: | Social Sciences > Economics and business |
Divisions: | Faculty of Economics |
Depositing User: | Blagica Koleva |
Date Deposited: | 13 May 2022 08:24 |
Last Modified: | 13 May 2022 08:24 |
URI: | https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/29747 |
Actions (login required)
View Item |