Примена на комбиниран метод од техники за математичка оптимизација во процесот на евалуација на студиски програми во високото образование

Timovski, Riste (2022) Примена на комбиниран метод од техники за математичка оптимизација во процесот на евалуација на студиски програми во високото образование. Doctoral thesis, Goce Delcev University in Stip.

[thumbnail of DoktorskaDisertacijaRisteTimovski.pdf] Text
DoktorskaDisertacijaRisteTimovski.pdf - Published Version

Download (4MB)

Abstract

Еден од најважните столбови на општествениот живот и напредок, насекаде во светот е образовниот систем, каде посебен акцент има високото образование. Истиот претставува основен генератор на знаења и го дефинира во целост целокупниот иден развој на една држава. Во тој контекст, од мошне големо значење е да се обезбеди што е можно поквалитетен производ од образовните процеси, во насока на обезбедување на квалитетна работна сила, а со тоа и квалитетен живот. Имајќи го ова во предвид, неопходно е да се воспостави механизам кој ќе овозможи континуирано мерење на перформансите на образовниот систем, односно неговите институции и елементи, лоцирање на сите добри и лоши страни (ефикасните и помалку ефикасните делови на мозаикот), со што ќе се креира платформа која ќе понуди/предложи чекори за подобрување на квалитетот на системот или неговите составни елементи и процеси со посебен осврт на високото образование, а во насока на создавање на кадар кој ќе има подобри вештини, знаења и компетенции предвидени со студиските програми и лесни за (пре)познавање на домашниот или странскиот пазар на труд. Градењето на соодветна стратегија е клучна за успехот на универзитетите, доколку истите тежнеат да бидат напредни и конкурентни. Креирањето на стратегијата за развој, како и планирањето на ресурсите на универзитетите најчесто претставува колективен труд кој е резултат на консензус. Тоа е сложен процес кој вклучува поставување на цели во насока на постигнување на стратешката визија за развој, каде е неопходно постоење на алатки и механизми за евалуација и споредба на различните опции, постигнати резултати и приоритизација на целите и чекорите за иден развој.
Бројот на фактори и засегнати страни (директни и индиректни) кои го дефинираат квалитетот во високото образование е неверојатно голем. Постои голема дискусија за природата и важноста на сите тие различни фактори. Перцепцијата на различните нивоа на важност во поглед на различните фактори е мошне различна меѓу засегнатите страни (студенти, наставници, администрација, правни/државни субјекти, пазар на труд). Секако дека и во рамките на нашето законодавство (следејќи ги препораките на Европската област за високо образование - EHEA) јасно и обврзувачки е наведено дека секој високообразовен систем, односно неговите институции имаат обврска да имплементираат систем за контрола и управување со квалитет, што како активност е потребно да се реализира во специфични временски периоди и во насока на целосна оптимизација на институциите, а со тоа и на образовниот систем. Она што недостасува е прецизна дефиниција за начинот на реализација, применетите техники и методи кои е потребно да се користат, кои параметри е важно да се земат во предвид (имаат големо влијание на квалитетот), кој е опсегот и природата на промена на тие параметри и многу други прашања и дилеми кои мора да се разрешат во овој контекст. Во денешно време во светот и кај нас, пристапот на дефинирање на квалитетот на високото образование има прилично наративна природа, со што се создава мала веројатност и можност за креирање на јасна слика за моменталната состојба во рамките на високото образование, брзо лоцирање на слабите точки и дефиниција на активности во насока на итно подобрување, онаму каде што е потребно.
Главната цел на овој докторски труд е да го определи мноштвото на фактори и параметри кои го дефинираат квалитетот на високото образование во поглед на студиските програми како точка на концентрација на истите, да изгради пристап за толкување за важноста на различните фактори и параметри, да ги вмрежи овие фактори и параметри од различна природа во еден сеопфатен модел на мерење на нивната меѓусебна интеракција врз основа на причината за нивното вклучување во овој контекст и на самиот крај, да произведе резултати и излезни решенија што ќе иградат јасна слика за моменталната состојба во рамките на множеството од важни аспекти кои го дефинираат квалитетот во високото образование во поглед на студиските програми. Таквото вмрежување ќе генерира прецизна препорака за тоа кои чекори е потребно да се преземат во насока на надминување на детектираните слаби точки во поглед на студиските програми како точка на концентрација на тие параметри и фактори, а во насока на зголемување на неговиот квалитет. За оваа цел, ќе се примени комбинација од две техники за математичка оптимизација - Анализа на обвивка на податоци (Data Envelopment Analysis, DEA) и Аналитички процес на хиерархија (Analytical Hierarchy Process, AHP). Имајќи ги предвид сите придобивки од овие техники и изградениот пристап, создаден е модел со придобивки од повеќе страни, врз база на интеграцијата на голем број фактори што влијаат на квалитетот на високото образование. Овој модел е скалабилен и применлив во широк спектар на аспекти, како што се студиски програми, факултети, универзитети, образовен систем во една држава или пошироко. Една од целите во контекст на градењето на ваков модел за контрола на квалитет е да се направат значителни промени во начинот на размислување за тоа како може да се управува со квалитетот во високото образование, почитувајќи ја законодавната и напуштајќи ја наративната природа на сегашниот контекст за квалитет.

Item Type: Thesis (Doctoral)
Subjects: Natural sciences > Computer and information sciences
Natural sciences > Matematics
Divisions: Faculty of Computer Science
Depositing User: Riste Timovski
Date Deposited: 28 Feb 2022 09:27
Last Modified: 28 Feb 2022 09:27
URI: https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/29533

Actions (login required)

View Item View Item