Анализа на стратегиите за инвестирање во индексни фондови на пазарот на хартии од вредност

Bunjaku, Flamur (2020) Анализа на стратегиите за инвестирање во индексни фондови на пазарот на хартии од вредност. PhD thesis, Faculty of Ecnomics, University "Goce Delcev", Stip.

[thumbnail of Докторски труд-Фламур Буњаку-финален.pdf]
Preview
Text
Докторски труд-Фламур Буњаку-финален.pdf

Download (1MB) | Preview

Abstract

Целта на оваа докторска дисертација претставува анализа на најдобрите стратегии за инвестирање на пазарот на хартии од вредност (берзите). Сметамe дека инвестирањето во индексните фондови е најдобрата стратегија за инвестирање на берзата. Во согласност со овој аргумент е поставена и главната хипотеза на ова истражување, која се базира на Теоријата за ефикасни пазари. Повеќето од емпириските докази до кои дојдовме во текот на ова истражување водат до заклучокот дека е речиси невозможно за еден инвеститор да го надмине пазарот со инвестирање во една компанија или со избор на тајмингот на инвестирање на пазарот на хартии од вредност.
За да ја потврдиме поставената хипотеза, требаше да дојдеме до некои сознанија кои докажуваат дека успешноста (перформансите) на заедничките индексни фондови, за разлика од поединечните компании, ја следи (е поврзана) со растот на БДП и економската активност. Ова значи дека перформансите на заедничките индексни фондови може да се предвидат со задоволително ниво, доколку ги знаеме проекциите за движењето на БДП во иднина. Секако, предвидливоста на перформансите на пазарот на хартии од вредност и на растот на БДП е применлива само во случаи кога економијата не е погодена од некои вонредни настани, како што се природни катастрофи, пандемии, војни, терористички напади, и слично.
Со цел да откриеме дали постои корелација помеѓу нивото на економската активност, односно помеѓу БДП и перформансите на пазарот на хартии од вредност, во истражувањето е користен економетриски регресионен модел со примена на SPSS софтверот, квалитативно истражување и останати секундарни податоци. Притоа, БДП се користеше како независна варијабла, додека индексот S&P 500 беше користен како зависна варијабла. Резултатите покажуваат значителна корелација помеѓу растот на БДП и перформансите на S&P 500. Дополнително, резултатите укажуваат и на фактот дека, за разлика од акциите на одделните компании, резултатите од инвестирањето во заедничките индексни фондови на берзата можат да бидат предвидливи на задоволително ниво, затоа што откривме дека тие во голема мера зависат од растот на БДП или од економската активност. Користениот модел во ова истражување потврдува дека заедничките индексни фондови што го следат S&P 500 се во пропорционална корелација со движењата на БДП.
Веруваме дека ова истражување има двоен придонес. Придонесува за збогатување на академската литература, како и за стекнување основни познавања за инвестирање на берзата, кои можат да придонесат кон минимизирање на ризикот од загуба, затоа што инвестирањето на берзата е предизвик. Многу инвеститори губат огромни суми пари на берзата. Причината за тоа е недоволното познавање на циклусите на пазарот, емотивното одлучување врз основа на шпекулативни стратегии за инвестирање и коцкање, и слично.
Користејќи ги емпириските факти и анализи, со истражувањето во оваа докторска дисертација се обидовме да дефинираме, предложиме најдобра стратегија за инвестирање на пазарот на хартии од вредност, со која инвеститорот може да го намали ризикот и да гарантира успех. Сметаме дека инвестирањето во заедничките индексни фондови, како што се S&P 500 и други слични индекси кои ги следат перформансите на S&P 500, е најдобриот начин за остварување долгорочен успех на берзата. S&P 500 е берзански индекс со кој се мерат перформансите на 500 компании кои котираат на пазарот на хартии од вредност во САД. Вклучувањето на компаниите во оваа листа зависи од нивниот успех, што значи дека доколку не работат успешно се отстрануваат од индексот. Заклучокот е дека наведената стратегија на инвестирање го прави индексот S&P 500 многу посигурен за инвестирање, во споредба со инвестирањето во индивидуални компании.
Клучни зборови: инвестирање, пазар, хартии од вредност, индекс, успех.

Item Type: Thesis (PhD)
Subjects: Social Sciences > Economics and business
Divisions: Faculty of Economics
Depositing User: Olivera Trajkovska
Date Deposited: 22 Oct 2020 08:46
Last Modified: 22 Oct 2020 08:46
URI: https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/26679

Actions (login required)

View Item View Item