Практикум по основи на економија

Petrevska, Biljana (2019) Практикум по основи на економија. ISBN 978-608-244-654-7.

[thumbnail of Praktikum po osnovi na ekonomija_short.pdf]
Preview
Text
Praktikum po osnovi na ekonomija_short.pdf

Download (5MB) | Preview

Abstract

Ракописот е наменет првенствено за студентите што го изучуваат предметот Основи на економија на Факултетот за туризам и бизнис-логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип. Основна цел е да служи како учебно помагало во кое се понудени решени задачи, но и задачи за решавање поими и концепти од микро и макроекономијата. Нивото и стилот на обработка на материјата се приспособени кон знаењата и потребите на студентите од додипломските студии.
Начинот на претставување на основните економски поими и задачи поврзани со нив е многу пристапен. Оттука и можноста за користење на овој материјал не само од студентите на Факултетот за туризам и бизнис-логистика, туку и пошироко. Имајќи предвид дека е ова прво издание, не е исклучена можноста да има одредени недостатоци, па секоја сугестија и забелешка ќе бидат прифатени со посебно задоволство.
Ракописот е напишан на јасен и разбирлив јазик, методолошки структуриран во седум тематски целини. Притоа, првите четири дела обработуваат поими, концепти и задачи од микроекономијата, додека последните три се однесуваат на макроекономијата. Во првиот дел (Основни економски поими) накратко се обработени најелементарните поими со кои студентите ќе се среќаваат при решавање на задачите од микроекономија и макроекономија. Вториот дел (Понуда и побарувачка) дава краток преглед на основните елементи на понудата и побарувачката ставајќи акцент на задачи за ценовна еластичност на побарувачката. Можноста за заемна супституција и комбинација на факторите на производство е презентирана во третиот дел (Теорија на производство). Имајќи предвид дека трошоците се еден од најзначајните поими во економијата, пресметувањето фиксни трошоци (вкупни и просечни), променливи трошоци (вкупни и просечни), маргинални трошоци и вкупни просечни трошоци е детално разработено низ задачи во четвртиот дел (Трошоци). Петтиот дел (Бруто- домашен производ) разработува задачи за мерење на вкупната економска активност преку пресметување номинален бруто-домашен производ, реален бруто-домашен производ и бруто-домашен дефлатор. Шестиот дел (Потрошувачка, штедење и инвестиции) дава примери за пресметување маргинална склоност кон потрошувачката и маргинална склоност кон штедењето. Последниот, седми дел (Пари) е посветен на понудата на пари преку задачи за пресметување кредитен и паричен мултипликатор.
Секој дел започнува со кратко информативно појаснување за точките кои ја обработуваат главната тема. Воедно, поставени се целите на учење кои студентите треба да ги постигнат. Во секоја тема се вклучени примери чија цел е сликовито да ја прикажат материјата и да ја доближат до студентите. По секоја тема се понудени прашања за дискусија и задачи за вежбање што им овозможуваат на студентите да проверат дали ја разбрале наставната материја целосно. Притоа, при проверката на знаењето, како помош е понудено решение на поставените задачи, со што се олеснува подготовката на колоквиумите и завршниот испит по предметот Основи на економија. На крајот на ракописот се соодветно нотирани библиографските единици.
За подобноста, значењето и оправданоста на ракописот говори позитивниот извештај од двајцата рецензенти. Упатувам благодарност до проф. д-р Марија Магдинчева-Шопова од Факултетот за туризам и бизнис-логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, и до проф. д-р Љупчо Давчев од Економскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, кои со своите коментари, предлози и забелешки дадоа голем придонес за зголемувањето на квалитетот на ракописот.

Item Type: Teaching Resource
Subjects: Social Sciences > Economics and business
Divisions: Faculty of Tourism and Business Logistics
Depositing User: Biljana Petrevska
Date Deposited: 20 Sep 2019 07:27
Last Modified: 20 Sep 2019 07:27
URI: https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/22544

Actions (login required)

View Item View Item