Leontik, Marija (2018) Контрастивна граматика на турскиот и на македонскиот јазик. Универзитет „Гоце Делчев“, Филолошки факултет - Штип, Штип. ISBN 978-608-244-580-9
Preview |
Text
М.Леонтиќ-Тур-мак-контрас-граматика-обј.pdf Download (3MB) | Preview |
Abstract
Кога доаѓаат во допир со два јазика, луѓето свесно или несвесно почнуваат да ги споредуваат и да ги пронаоѓаат сличностите и разликите меѓу нив. На овој начин се развила контрастивната граматика која го проучува јазичниот систем на еден јазик во однос на јазичниот систем на друг јазик. Имајќи ги предвид неколкувековните културни врски меѓу македонскиот и турскиот народ од минатото до денес, повеќе од очигледно е дека турскиот и македонскиот јазик заслужуваат да имаат контрастивна граматика.
Делото „Контрастивна граматика на турскиот и на македонскиот јазик“ од Марија Леонтиќ содржи основни контрастивни истражувања од областа на фонетиката, морфологијата и синтаксата. Се надеваме дека оваа книга ќе биде корисна за понатамошните турско-македонски контрастивни истражувања, за студентите и лингвистите кои турскиот и македонскиот јазик сакаат да го запознаат преку контрастивна граматика, за преведувачите кои бараат разновидни преводни еквиваленти на граматички план, за балканолошките студии и слично.
Книгата „Контрастивна граматика на турскиот и на македонскиот јазик“ овозможува:
- да се усоврши нашето познавање за турската граматика преку македонската граматика и да се подобри и развие познавањето на македонската граматика преку турската граматика, кои иако имаат различни традиции, во новите истражувања покажуваат слични тенденции бидејќи во слично време почнаа да ги применуваат најновите светски лингвистички достигнувања
- да се олесни изучувањето и примената на турската граматика и на македонската граматика на часовите по современ турски јазик, по современ македонски јазик, преведување од турски на македонски и обратно
- да се воспостави врска и поврзаност меѓу турскиот и македонскиот јазик, да се согледаат и сфатат основните специфичности, сличности и разлики меѓу турскиот и македонскиот јазик, да се запознаат еквивалентите на турските граматички единици во македонскиот јазик и обратно, а потоа да се приложат различни начини на предавање на специфичните турски граматички појави во македонскиот јазик и обратно.
Во контрастивната граматика одредени теми што се од поголемо значење или несвојствени за македонскиот јазик се обработени подетално или во одделни глави. Турските суфикси поради поголема прегледност се приложени со сите варијанти кои се јавуваат како резултат на вокалната и на консонантската хармонија. Граматичкиот род, членувањето на именките и придавките и слични теми што се нетипични за турскиот јазик, а се многу важни при предавање од турски на македонски јазик и обратно, се обработени подетално и со повеќе примери. При разгледување на јазичните појави, тие што се присутни и во турскиот и во македонскиот јазик се прикажани со заеднички примери, а тие што се својствени само за турскиот или за македонскиот јазик се дадени низ превод.
Граматичките термини во текстот се дадени на турски и на македонски јазик, а тие што не се типични за македонскиот јазик се приложени и на англиски јазик. На крајот на книгата има мал турско-македонско-англиски речник и македонско-турско-англиски речник на граматички и на лингвистички термини што може да им биде корисен на студентите.
Турскиот и македонскиот јазик понекогаш имаат различен граматички опис за ист поим. Поради ова авторката, за да им даде можност за споредба на читателите, приложува дефиниции од светските, турските и од македонските лингвисти. Дефинициите од турските лингвисти се дадени и во оригинал со фус нота. Турските и македонските граматики за одредени поими имаат различни класификации. Авторката се трудеше за ист поим да воспостави класификација со ист критериум. Но некои поими во турската и во македонската граматика се разгледуваат на различни рамништа и не е возможно да се воспостави ист критериум. Бидејќи е ова турско-македонска контрастивна граматика, за појдовна точка се зедоа критериумите на класификација во турските граматики, но при ова се објасни со кои термини и со кои класификации се разгледуваат истите содржини во македонските граматики.
Item Type: | Book |
---|---|
Subjects: | Humanities > Languages and literature |
Divisions: | Faculty of Philology |
Depositing User: | Marija Leontik |
Date Deposited: | 25 Feb 2019 07:54 |
Last Modified: | 25 Feb 2019 07:54 |
URI: | https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/21620 |
Actions (login required)
View Item |