Dimitrova, Janka (2018) Државна ревизија. Универзитет „Гоце Делчев", Штип, Република Македонија. ISBN 978-608-244-451-2
Full text not available from this repository.Abstract
Државната ревизија претставува постапка на испитување на финансиските трансакции дефинирани како државни расходи во смисла на законското и наменското користење на средствата, како и оцена за користењето на средствата од
аспект на квалитетот на остварување на програмите во јавниот сектор.
Целта на државната ревизија е осигурување одговорност на Владатаи органите на Единиците на Локална самоуправа за приспособувањето и употребата на средствата обезбедени со прибирање, врз основа на утврдените даночни и други давачки на граѓаните. Таа придонесува да се зголеми
економичноста, ефикасноста и ефективноста и го спречува корумпирањето на структурите во органите и институциите од јавниот сектор, обезбедувајќи соодветна вредност на вложените средства прибрани од граѓаните.
Државната ревизија се врши согласно со динамиката утврдена со годишната програма на Државниот завод за ревизија, а задолжително најмалку еднаш годишно на: буџетите, корисниците на средствата од Буџетот на Република Македонија и буџетите на единиците на локалната самоуправа, јавните претпријатија кои се основани од Република Македонија и политичките партии финансирани од средствата на буџетот.
Фискалната (државната) ревизија се врши на начин и постапка утврдени со Законот за државна ревизија, како и врз основа на прописите од областа на јавните финансии поврзани со дејностите на субјектите предмет на ревизија во делот на финансирањето, надзорот и ревизијата.
Државната ревизија се врши на начин и постапки утврдени со ревизорските стандарди на Меѓународната организација на врховните ревизорски институции (INTOSAI) и правилата утврдени со Кодексот на етика на INTOSAI, кои ги објавува
министерот за финансии во „Службен весник на Република Македонија”. Државната ревизија ја врши овластен државен ревизор кој е вработен во Државниот завод за ревизија.
Законодавната власт и јавноста се основните корисници на услугите на Државниот завод за ревизија. Државниот завод за ревизија тесно соработува со Собранието на Република Македонија кое ги разгледува годишните извештаи на
Државниот завод за ревизија и други информации поврзани со извршувањето на државната ревизија, а преку веб страницата на Државниот завод за ревизија и со јавноста и медиумите, заради информирање за резултатите од државната ревизија.
Извршната власт и Државниот завод за ревизија имаат заеднички интереси во промовирањето на јавната одговорност. Во таа смисла, извештаите на Државниот
завод за ревизија и помагаат на државната власт, преку укажување на недостатоците во управувањето со јавните финансии, а и преку остварување на препораките на
ревизијата се влијае за подобрување на состојбите во користењето на јавните средства.
Основните принципи на фискалната (државната) ревизија се содржани во ревизорските стандарди што претставуваат основни претпоставки, доследни премиси и логични барања кои помагаат во развивањето на ревизорските практики и им
служат на ревизорите во обликувањето на нивното мислење во ревизорскиот извештај, а особено во случаите каде што не се применуваат посебните стандарди.
Ревизорот ја планира и извршува ревизијата со професионален скептицизам дека можат да постојат околности што ќе предизвикуваат неточно прикажување од
материјален поглед. Ревизорот самостојно ги определува постапките за водење на ревизијата имајќи ги предвид барањата на меѓународните ревизорски стандарди,
законите и другите прописи и барања за известување. Како што претходно беше истакнато, применувајќи ги меѓународните практики, во јавниот сектор, фискалната
(државната) ревизија во Република Македонија ја извршува нејзината Врховна ревизорска институција (независна организација) – Државниот завод за ревизија.
Имајќи ги во предвид опсервациите за досегашниот развој на државната ревизија и очекуваните трендови во иднина, содржината на оваа книга е компонирана во 5 поглавја и тоа:
Во првото поглавје е обработена Теоретско методолошката рамка на државната ревизија, во кое е ставено акцент на: поимот, целта и задачите на државната ревизија, правната рамка за практикунвање на фискалната (државната) ревизија, субјектите на фискалната (државната) ревизија и принципите врз коишто се заснова фискалната (државната) ревизија.
Второто поглавје е посветено на Врховната ревизорска институција на Република Македонија – Државен завод за ревизија на Република Македонија и овде е ставен акцент на Историски развој, организационата поставеност и
раководењето на Државниот завод за ревизија и извршена е разработка на институцијата Овластен државен ревизор во Р. Македонија, начинот на стекнување на звање за овластен државен ревизор, извештаите за работа на Државниот завод за ревизија и неговата соработка со надлежните органи и институции на национално и интернационално ниво. Овде е опфатено и поглавјето за Ревизија на работењето на
Државниот завод за ревизија и прекршочните одредби според Законот за државна ревизија.
Кодексот на професионална етика е презентиран во третото поглавје со посебен акцент на Кодексот на етика на ИНТОСАИ и Кодекс на деловна етика и однесување на вработените во Државниот завод за ревизија на Р. Македонија.
Ревизорски стандарди на меѓународната организација на врховните ревизорски институции (ИНТОСАИ) се тема на опсервација во четвртото поглавје, во кое се обработени Основните начела на ревизорските стандарди,
општите стандарди за државна ревизија, стандардите на подрачјето на работа на државната ревизија и стандардите на државна ревизија за известување.
Петото поглавје е со наслов Европски упатства за примена на ревизорските стандарди на ИНТОСАИ, и во него е обработен сетот од 15 „Европски упатства за примена” во однос на ревизорските стандарди на ИНТОСАИ кои се расчленети во пет групи:
Група 1 – во која се опфатени три упатства кои се однесуваат на подготовки на ревизијата (Планирање на ревизијата, Материјалност (значајност) и ревизорски ризик и Ревизорски доказ и пристап);
Група 2 - во која се опфатени шест упатства кои се однесуваат на прибирање на ревизорски докази (Вреднување на интерните контроли и тестовите на контрола, Ревизија на информационите системи, Метод на примерок во
ревизијата, Аналитички постапки, Користење на работа од други ревизори и експерти и Документација);
Група 3 - во која се опфатени две упатства кои се однесуваат на завршувањето на ревизијата (Известување и Други информации во документи што содржат ревидирани финансиски извештаи;
Група 4 - во која е опфатено едно упатство кое се однесува на ревизија на успешност; и
Група 5 - во која се опфатени три упатства кои се однесуваат за други работи (Обезбедување на квалитет, Неправилности, Промовирање на добра сметководствена пракса).
Item Type: | Book |
---|---|
Subjects: | Social Sciences > Economics and business |
Divisions: | Faculty of Economics |
Depositing User: | Janka Dimitrova |
Date Deposited: | 21 Feb 2018 14:11 |
Last Modified: | 21 Feb 2018 14:11 |
URI: | https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/19648 |
Actions (login required)
View Item |