Интерна ревизија

Dimitrova, Janka (2017) Интерна ревизија. Универзитет „Гоце Делчев“ - Штип. ISBN 978-608-244-439-0

Full text not available from this repository.

Abstract

Интерната ревизија (анг. Internal auditing) претставува алатка на менаџерската контрола, а интерните ревизори се експерти за интерна контрола1.Можеби најкратката дефиниција за интерна ревизија, народски би се претставила како „помошна деловна функција која се занимава со испитување на сите останати функции внатре, во деловниот субјект”. Основна цел на интерната
ревизија е ефикасно остварување на активностите на компанијата преку анализи, проценки, препораки, совети и многу други информации за функционирањето на организационите активности. Она со што се занимава
интерната ревизија е испитување на организираноста, подобрување на ефикасноста на деловните функции, испитување на начинот на донесување на деловни одлуки и слично. Оттука, може да се заклучи, дека интерната ревизија повеќе се занимава со ревизија на работењето, отколку со ревизија на финансиските извештаи.
Интерната ревизија настанала како резултат на потребите на современите деловни субјекти да воведат сопствен, интерен и дополнителен облик на надзор за контрола и испитување на системот на интерните контроли (што ги вршат сите вработени, како составен дел на работните обврски) и оценка на неговата ефикасност, откривање на слабите точки во неговото функционирање и предлагање мерки за елиминирање на појавените слабости.
Интерната ревизија е активност што ја организира управата на претпријатието или други деловни субјекти, заради помош во оценката на работењето во целина или на одделни сегменти. Таа е дел од управувачкиот надзор на деловните функции, со цел тие да се извршуваат поефикасно, а со тоа
да се обезбеди функционирање на информативниот потсистем кој на раководството ќе му обезбеди информации за донесување на соодветни деловни одлуки.
Меѓународниот ревизорски стандард 610 функцијата на интерната ревизија ја дефинира како – Активност на проценка воспоставена во рамките на ентитетот како услуга на ентитетот. Нејзините функции, помеѓу другото,
вклучуваат и испитување, евалуирање и следење на адекватноста и ефективноста на интерните контроли.
Според дефиницијата на Комитетот за ревизорска практика (Auditing Practice Committee – APC) интерната ревизија претставува елемент на внатрешниот систем на контрола поставен од страна на менаџментот на компанијата, банките или другите институции, заради испитување, вреднување и
известување за функционирањето на сметководствените и другите интерни контроли во работењето. Интерната ревизија е воведена за да ги подобри одлуките на менаџерите или да ги задоволи статутарните барања.
Институтот за интерна ревизија во Велика Британија, пак, интерната ревизија ја дефинира како независна активност во корпорациите за оценка на работењето, воспоставена како сервисна служба на корпорацијата. Таа претставува контролна функција што се реализира преку испитувањето на
адекватноста и ефективноста на другите контроли и надзори.
Според дадените дефиниции, може да се констатира дека примарна задача на интерната ревизија е, преку преглед и оценка, да се вреднуваат активностите на деловниот субјект, да се обезбеди адекватна помош на сопствениците и менаџментот за нивно поефикасно ангажирање во
извршувањето на преземените професионални активности. За остварување на оваа цел интерната ревизија на корисниците на овој вид услуги им нуди бројнианализи, предлози, препораки, совети и информации, непосредно поврзани со
активностите што се предмет на оваа ревизија.
Во хиерархиската структура на било која компанија, службата за внатрешна ревизија е сместена над оперативните организациски единици, кои ги извршуваат функциите типични за секојдневното работење на компанијата,вклучително и над највисокиот менаџмент, управниот одбор, т.е. извршните директори, а непосредно под одборот на директори / надзорниот одбор и одборот
за ревизија. Внатрешната ревизија функционално одговара пред одборот на директори / надзорниот одбор и одборот за ревизија, а само во врска со технички и организациски прашања одговара на генералниот директор / управниот одбор.
Согласно одредбите од Законот за банките, службата за внатрешна ревизија ги извршува своите активности во согласност со принципите и стандардите за внатрешна ревизија, етичкиот кодекс на банката и политиката и
процедурите за работење на службата. Законот за трговски друштва (ЗТД) ги предвидува буквално истите основи на кои службата за внатрешна ревизија ја базира својата работа во компаниите, со тоа што не го споменува етичкиот
кодекс како задолжителен извор на оперативни процедури на службата за внатрешна ревизија.
Службата за внатрешна ревизија изготвува годишен план за работа на службата што го одобрува надзорниот одбор. Во планот задолжително се наведува предметот на ревизија со опис на содржината на планираната ревизија во одделни области и распоред на контролите во текот на годината со планирано времетраење за спроведување на контролите.
Внатрешната ревизија е независна, објективна активност на уверување и советодавна функција, која и помага на компанијата да ги оствари своите задачи преку примена на систематски и дисциплиниран пристап кон оценувањето и
подобрувањето на ефективноста на процесите на управување со ризици, внатрешната контрола и управување со друштвото.
Како и во голем број на други области поврзани со корпоративното управување, последната деценија донесе голем број на промени и во внатрешната ревизија. Особено многу напредуваше професијата на внатрешните ревизори, и тоа во насока на прилагодување кон потребите на компаниите.
Самата дефиниција на внатрешната ревизија е ревидирана, и тоа што денес се подразбира под надлежност на внатрешната ревизија е активност на независно, објективно уверување и консултации, со цел да се додаде вредност и да се подобрат операциите на организацијата. Исто така, во последната декада, по големите турбуленции на почетокот на 21-от век во неколку американски компании, што доведе до усвојувањето на Sarbejns-Oksli Akt, внатрешната
ревизија се повеќе израснува и во консултативна активност која им помага на директорите и на менаџерите во управувањето со ризиците.
Tокму управувањето со ризиците е новиот специфичен фокус на внатрешната ревизија, покрај генералната улога да биде последна внатрешна гаранција во една компанија дека законите, регулативата, внатрешните правила,политики и процедурите во истата се почитуваат.

Item Type: Book
Subjects: Social Sciences > Economics and business
Divisions: Faculty of Economics
Depositing User: Janka Dimitrova
Date Deposited: 18 Jan 2018 09:19
Last Modified: 07 Feb 2018 09:12
URI: https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/18936

Actions (login required)

View Item View Item