Развојна психологија

Miloseva, Lence (2013) Развојна психологија. Универзитет „Гоце Делчев“, Штип, Р. Македонија. ISBN 978-608-4708-34-6

[thumbnail of РAЗВОЈНА  ПСИХОЛОГИЈА- ЛЕНЧЕ МИЛОШЕВА.pdf]
Preview
Text
РAЗВОЈНА ПСИХОЛОГИЈА- ЛЕНЧЕ МИЛОШЕВА.pdf

Download (269kB) | Preview

Abstract

Зошто е важно проучувањето на развојот низ целиот животен циклус?

Развојот на поединецот е динамичен процес кој започнува со брза метаморфоза на клетките при зачнувањето и продолжува низ загадочните процеси на промените на растењето и стареењето во текот на целиот животен циклус. Проучувањето на развојот е предизвик, бидејќи секоја индивидуа постојано се развива. Целта на развојната психологија како наука е да даде научни основи за разбирање на човековиот развој и можности за нивна апликација во праксата. Прашањата за тоа до каде е и до каде може да оди развојот на човекот сè уште остануваат отворени за науката. Оттаму, една од целите на овој учебник е запознавање со најновите научни достигнувања од областа на развојната психологија низ целиот животен циклус.Развојот на човекот е значајно да се проучува поради можноста да се планираат и создаваат услови за поттикнување повисок квалитет во развојното ниво. Нашите интерпретации на однесувањето и промените кај индивидуата подлежат под влијание на субјективноста. За да може да се препознае ваквото субјективно влијание, најнапред ќе бидат претставени главните научни теории за човековиот развој и терминологијата која истите ја користат. Во тој процес вниманието ќе биде насочено кон истражувањата кои ги потврдуваат и кои ги оспоруваат позициите на секоја од теориите. Оттука, целите на овој учебник се примена и развој на критичкото мислење, како и развивање на вештини за евалуација и практична примена на знаењата стекнати од областа на развојната психологија.
Во рамки на учебникот, читателите ќе се запознаат со значајните физички, когнитивни, личносни и социјални промени низ кои човекот минува низ различни периоди од развојот во текот на целокупниот животен циклус. Вниманието е насочено и кон најновите методи и техники што се користат во областа на развојната психологија. Воедно, разгледано е и како варијаблите кои потекнуваат од општеството и културата влијаат врз психолошкиот развој на индивидуата низ животните циклуси.
Секоја личност е единствена и неповторлива. Се развива делумно како сите други индивидуи и делумно како ниедна друга индивидуа. Вниманието на психолозите кои го проучуваат развојот на човекот низ целиот животен циклус е привлечено не само од она што ни е заедничко на сите, туку и од она што нè прави единствени како личност.
Зошто е важно проучувањето на развојот низ целиот животен циклус?
Без разлика дали мотивите и причините за проучување на развојот се од аспект на психолошки, медицински или образовни науки, или едноставно нè интересира како сме станале она што сме, од деца па сè до возрасни, заедничко е дека „општиот курс на нашиот развој, образецот на движење или промена почнува од зачеток и продолжува преку целокупниот животен развој“ (Santrock, 2008, стр.5). Проучувањето на развојот низ целиот животен циклус е интригантен, исполнет со информации за тоа кои сме ние како индивидуи, како сме станале такви, и каде нè носи иднината. При проучувањето на развојот, ќе го истражуваме животниот циклус од точка на зачеток, па сè до неговиот (барем, животот што го знаеме ние) крај.
Развојната психологија ни овозможува да се видиме себеси како бебе, како дете, како адолесцент, да го разбереме секој период од нашиот живот, стимулирајќи нè да размислуваме како сите овие години влијаеле на нас.
Исто така, благодарение на сознанијата од развојната психологија можеме да се видиме себеси како млад возрасен, како возрасен во средна и подоцнежна зрелост, мотивирани да размислиме како нашето искуство придонесло да бидеме такви какви што сме на таа возраст.
Учебникот е корисен и наменет за студентите на студиските програми на Факултетот за медицински науки.Проучувањето на развојот на човекот низ целиот негов животен циклус е предизвик и повик за преиспитување на сознанијата за развојот не само во психолошките науки (клиничка психологија и развојна психопатологија), туку и во медицинските науки, посебно во психијатријата, неврологијата и педијатријата.
Се надеваме дека сознанијата за психолошкиот развој на човекот, психичките промени од пренатален период до смрт ќе бидат препознаени како нужни и важни за разбирање на сите процеси врзани за зачувување на здравјето, создавање на патолошките процеси, справување со болеста и нејзиното значење за болниот. Опфатени се и теми од развојна невропсихологија, како и од развојна психопатологија.
Според Сантрок (Santrock, 2011 a,b), академските светски искуства од воведувањето на предмети од оваа област (покрај на факултетите за образовни науки, психологија, детски и семејни студии и социјална работа и на медицина, стоматологија, стручни студии - сестринство, акушерство и физиотерапевти) ги оправдало очекувањата дека е важно познавањето на концептите за ментално здравје, како и развојните нормативи во разбирањето на здравјето и болеста, и дека ја олеснува дистинкцијата на нормалното од патолошкото. Лекарите, стоматолозите, клиничките психолози, медицинските сестри, здравствените соработници им помагаат на луѓето од различни возрасти и различни развојни периоди ефикасно да се справат со својот живот во различни животни периоди и да ја подобрат нивната добросостојба.
Водејќи сметка за дидактичките принципи, учебникот е поделен на поглавја кои се надоврзуваат едно на друго, врз основа на хронолошката поврзаност. За секое поглавје се претставени предвидените достигнувања на студентот.
Се надеваме дека учебникот нуди содржини кои се интересни не само за студентите на универзитетите, туку и за практичарите и стручњаците од психолошките, образовните, медицинските и сродните области.

Штип, 23.10.2012 г. Авторката

Item Type: Book
Subjects: Medical and Health Sciences > Basic medicine
Social Sciences > Psychology
Divisions: Faculty of Medical Science
Depositing User: Lence Miloseva
Date Deposited: 25 Dec 2017 10:23
Last Modified: 25 Dec 2017 10:23
URI: https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/18816

Actions (login required)

View Item View Item