Bizoev, Nikola (2016) Развој на мали и фамилијарни хотели како можност за промоција на македонскиот туристички бренд. Masters thesis, University of Goce Delcev.
Preview |
Text
Magisterski-trud-NIKOLA-lektoriran.pdf Download (3MB) | Preview |
Abstract
За разлика од некогашните туристички аранжмани кои траеја по седум или
четиринаесет дена и кога се патуваше само еднаш, евентуално двапати
годишно, денешните туристи патуваат почесто користејќи кратки одмори. Ова е
факт кој треба да го знаеме и спрема кој што треба да се прилагодуваме
доколку сакаме да имаме туристи и тогаш кога не е сезона. Кај нас, за жал, сè
уште преовладуваат класичните алотмански летни аранжмани. Бидејќи ние сé
уште се надеваме само на летната понуда тешко дека ќе можеме сега наеднаш
да станеме целогодишна дестинација. Трендовите на кратки и почести
патувања би требало да бидат основата при креирањето на туристичката
понуда и кај нас. За време на летната сезона, во езерските места, можеби и
можеме да понудиме само сместување, меѓутоа во другите месеци од годината
мора да имаме интересни програми кои ќе привлечат туристи и во другите
делови од државата. Таму на гостите мора да им овозможиме да за време на
неколкудневниот престој имаат и забава и повеќе да трошат, а тоа нема да го
постигнеме доколку им понудиме само хотелска соба, препуштајќи им притоа
за останатото тие самите да се погрижат. Меѓутоа, за да може сето тоа да
функционира, потребен е квалитетен дестинациски менаџмент за чиешто
функционирање кај нас сé уште нема решение, односно кај голем број на
дестинации таквиот облик на работа дури не се ни споменува. Дестинациите
мора да се продаваат како единствен туристички производ кој ќе нуди
специфична, автентична понуда, со квалитетна сместувачка и друга
инфраструктура, така да гостите добијат една заокружена и интересна
приказна која ќе ја запознаат за време на својот краток престој. Таквиот начин
на продажба на дестинацијата бара многу активности и договори помеѓу
локалните заедници, агенциите, малите и фамилијарни хотели, односно
локалното претприемништво.
Моделот на јавно-приватно партнерство е најдобрата развојна програма со која
понудата во дестинацијата може да се подигне на саканото ниво затоа што,
главно, станува збор за јавни добра околу кои се создава некоја туристичка
понуда. Ваквиот начин на работа кај нас сè уште тешко се постигнува, но ако во
Македонија се започне со применувањето на таквиот модел на финансирање
на развојот во секоја дестинација, верувамe дека за многу кратко време ќе се
-2-
постигнат уште подобри туристички резултати бидејќи за тоа имаме голем
потенцијал. Kај континенталниот туризам во Македонија најголемиот проблем
се поврзува со недостаток од квалитетни сместувачки капацитети и агенциски
програми. Бидејќи се кратките патувања сé повеќе во тренд, нашиот
континентален туризам токму овде го има својот огромен потенцијал и
најголемата шанса за успех во развојот на туристичката понуда. Иако кај
повеќето континентални дестинации има недостаток од хотелски капацитети,
постојат приватни сместувачки објекти/изнајмувачи на соби кои можат да
прераснат во мали и фамилијарни хотели прикладни токму за континенталниот
туризам, како и за туристите со помала платежна моќ кои исто така сакаат да
патуваат. Приватното сместување во континенталниот дел е многу блиску до
селскиот начин на живеење, каков што гостите и очекуваат да видат и
доживеат, за разлика од сместувањето во големите хотели.
Агенциите кои работат во континенталниот дел од Македонија главно се
занимаваат со продажба на летни аранжмани за езеро или море и многу ретки
се случаите кога некоја од нив се обидува да креира сопствена „incoming“
програма. Тие најчесто ваквиот начин на работа го оправдуваат со немањето
доволен број сместувачки капацитети во континенталните дестинации за
сместување на автобуски групи. Меѓутоа, не мора секогаш да се организира
програма за 30 или повеќе луѓе. За почеток доволен е и помал број на туристи,
кои ќе бидат сместени во мали и фамилијарни хотели, бидејќи сега сме на
почетокот од ваквиот вид на понуда. Тоа е начинот за инвестирање во
иднината, тоа е начинот за промовирање на македонскиот туристички бренд
без кој и понатаму остануваме безлични со понудата на светскиот туристички
пазар. Погрешно е размислувањето дека со сместување на туристите во
големи хотели подобро ќе го промовираме македонскиот туристички бренд и
дека веќе од првата група туристи треба да заработиме многу пари. Со таков
начин на размислување никаде во светот не се развива туризмот, па не може и
кај нас.
Клучни зборови
дестинациски менаџмент, автентична понуда, локално претприемништво,
јавно-приватно партнерство, „incoming“ програми, континентален туризам
Item Type: | Thesis (Masters) |
---|---|
Subjects: | Natural sciences > Other natural sciences |
Divisions: | Faculty of Tourism and Business Logistics |
Depositing User: | Vaska Zdravkova |
Date Deposited: | 23 Nov 2016 12:54 |
Last Modified: | 23 Nov 2016 12:54 |
URI: | https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/16641 |
Actions (login required)
View Item |