Mladenoski, Ranko (2010) Ликот на Александар Македонски како интерактивен код на културите во македонската книжевност. PhD thesis, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Филолошки факултет „Блаже Конески“, Скопје.
Preview |
Text
Ranko Mladenoski doktorska disertacija fragmenti.pdf Download (644kB) | Preview |
Abstract
Централна фигура во докторската дисертација е македонскиот крал Александар III Македонски. Следејќи ја формулацијата на насловот на темата, при изработката на дисертацијата беа земени предвид, пред сè, четири основни сегменти: 1. Ликот како знак; 2. Александар Македонски во досегашната историска наука; 3. Александар Македонски како интерактивен код на културите; 4. Александар Македонски во македонската книжевност. Секој од овие сегменти е одделно елабориран што, пак, од своја страна ги даде резултатите од поставената примарна цел ‒ на кои начини во македонската книжевност функционира ликот на Александар Македонски како интерактивен код на различните култури. Материјалот во овој труд е систематизиран во три поглавја ‒ „Историја“, „Теорија“ и „Македонска книжевност“. На почетокот, за да може да се следи ликот на Александар Македонски во македонската книжевност, беше нужно да се предочат историските рамки во кои се јавува најславниот македонски крал. Во таа смисла, во трудот се елаборирани, во колку што е можно покуси црти, историските факти во врска со создавањето на античката македонска монархија, нејзините владетели од почетоците па сè до Филип II Македонски и Александар III Македонски, но и настаните непосредно по смртта на Александар. Целта на ваквата историска елаборација е да се обезбеди историскиот научен инструментариум со чија помош натаму се врши споредбата меѓу Александар Македонски како историска личност и Александар Македонски како книжевен лик во рамките на македонската книжевност.
Во елаборацијата на книжевно-теориските прашања, исто така, се следи насловот на темата од кој произлегуваат неколку суштински термини и нивните поимања ‒ ликот како знак, интеракција, код, култура, постколонијална критика, Другиот ‒ Другоста, ориентализам, европоцентризам, дијалог ‒ дијалогизам, мултикултурализам. Во поглавјето „Теорија“, значи, се дадени во кратки црти определбите за веќе споменатите термини поради нивните различни детерминации од разни автори, а тоа особено се однесува на терминот култура. Како извори на оперативен книжевно-теориски, но и на книжевно-историски инструментариум при работата со книжевниот материјал се консултирани истражувањата на голем број автори како што се Цветан Тодоров, Ноам Чомски, Јуриј Лотман, Ролан Барт, Филип Амон, Роман Јакобсон, Алжирдас Грејмас, Ан Иберсфелд, Жерар Женет, Лисјен Голдман, Зигмунд Фројд, Ерих Хирш, Владимир Бити, Блаже Конески, Харалампие Поленаковиќ, Кирил Пенушлиски, Гане Тодоровски, Георги Сталев, Томе Саздов, Вера Стојчевска-Антиќ, Атанас Вангелов, Венко Андоновски, Науме Радически, Елизабета Шелева, Танас Вражиновски, Илија Чашуле, Јасмина Мојсиева-Гушева, Наташа Аврамовска, Маја Јакимовска-Тошиќ и други.
При анализата на конкретните литературни дела поврзани со темата за ликот на Александар Македонски како интерактивен код на културите во македонската книжевност, се применува хронолошкиот приод. Имено, елаборацијата на прашањата што се поврзани со основниот предмет во овој труд се одвива по следниот дијахрониски редослед: 1. Македонски фолклор; 2. Македонска средновековна книжевност; 3. Македонски книжевен 19 век; 4. Македонски книжевен 20 век; 5. Современа македонска книжевност (21 век).
На крајот, односно во заклучокот, се даваат сублимираните изводи како општи тези кои произлегоа од анализата на македонските книжевни дела во врска со прашањето за улогата на ликот на Александар Македонски како интеркултурен код која е една од доминатните теми во сите периоди од историскиот развој на македонската книжевност. Имено, од истражувањето произлезе податокот за постоење на вкупно 176 книжевни дела во кои на каков било начин се споменува најславниот македонски крал. Сите овие македонски книжевни дела се сосема доволен доказ за основаноста на поставената теза дека присуството на Александар Македонски во македонската книжевност има свој континуитет, почнувајќи од фолклорот па сè до современата македонска литература во првата деценија од 21 век.
Item Type: | Thesis (PhD) |
---|---|
Subjects: | Humanities > Languages and literature |
Divisions: | Faculty of Philology |
Depositing User: | Ranko Mladenoski |
Date Deposited: | 04 Apr 2016 08:28 |
Last Modified: | 04 Apr 2016 08:28 |
URI: | https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/15658 |
Actions (login required)
View Item |