Kostadinovic Velickovska, Sanja (2015) Практикум по предметот „Производство на екстракти од растително потекло“. ISBN 978-608-244-256-3.
Full text not available from this repository.Abstract
Овој практикум со наслов „Производство на екстракти од растително потекло” е наменет за студенти кои ги проучуваат постапките за производство на растителни екстракти и нивна употреба како нутритивни продукти и лекарства.
Во овој практикум објаснети се дванаесет експерименти со основните хемиски принципи за добивање на екстракти од растителен материјал.
За да може суштински да се разбере процесот на производство на екстракти, првите четири експерименти од овој практикум ги покриваат двата основни принципи: растворливост и екстракција.
Во петтиот експеримент применета е инфрацрвена спектроскопија како корисна и моќна техника за испитување на структурата и чистотата на екстрактите од растително потекло. Од овој експеримент студентите би требало да ги научат вибрационите ленти и фреквенциите на основните функционални групи на соединенијата кои се изолираат од природните суровини, односно да научат да ги „читаат“ инфрацрвените спектри и да препознае за какво органско соединение станува збор.
Во шестиот експеримент е објаснета постапката за изолација на кофеин. Експериментот е поделен на два дела и тоа Експеримент 6А и Експеримент 6Б. Во експериментот 6А објаснета е постапката за изолација на кофеин од листови на чај а во експериментот 6Б објаснета е постапката за изолација на кофеин од ќесички чај. Во овој експеримент објаснети се постапките за растворање, екстракција, сублимација, прекристализација како неопходни за добивање на доволно чист кофеин.
Во седмиот експеримент објаснета е постапката за синтеза на изопентил ацетат познат под името „банана масло“. Целта на овој експеримент е студентите да се запознаат и да ги изведат: синтезата, екстракцијата и дестилација за да добијат чисто органско соединение. Изопентил ацетат е избран како соодветен пример за синтеза во овој експеримент за да можат студентите да добијат претстава што е тоа вештачка арома со типичен мирис и вкус на банана и да можат да ги разликуваат вештачките ароми и природни и природно-идентични ароми кои се добиваат од растителни суровини.
Осмиот експеримент објаснува постапка за изолација на еугенол од зачинот каранфилче при која студентот треба да ја изведе најпрвин екстракцијата, потоа дестилација со водена пареа и на крај да сними инфрацрвен спектар за да провери колку е чист еугенолот кој го има екстрахирано од зачинот каранфилче.
Во деветтиот експеримент маслата од спеарминт и ким се анализираат со гасна хроматографија и полариметрија за да може да се раздвојат стехиометриските изомери (+) и (-) карвон. Целта на овој експеримент е студентот да се запознае со полариметрија а посебно со гасна хроматографија како моќна техника за раздвојување на компоненти со речиси идентична структура. Исто така, од овој експеримент студентот ќе научи зошто се важни стехиомерите бидејќи во овој случај иако се работи за идентична хемиска структура на карвон, изомерите на оваа соединение имаат сосема различен мирис и вкус.
Во десеттиот експеримент објаснета е постапката за изолација на хлорофил и каротеноидни пигменти од спанаќ. Целта на овој е експеримент е студентите да се запознаат со тенко-слојна хроматографија и хроматографија со колона за раздвојување на природните пигменти од растителен материјал. Освен хлорофилот и каротеноидните пигменти, на овој начин може да се раздвојат и антоцијаните кои се едни од најупотребуваните црвени пигменти за обојување на храна и пијачки како и производство на кармини, руменила и друга природна козметика.
Во единаесеттиот експеримент применета е високо-ефикасна течна хроматографија (HPLC) како една од најсовремените техники за раздвојување на адитиви во прехранбените производи. Сахаринот, цикламатот, аспартамот и ацесулфамот К се вештачки засладувачи чие количество во храна мора да се контролира поради потенцијално штетно влијание врз здравјето на човекот. Поради тоа, во овој експеримент е објаснето како со помош на течен хроматограф може да се детектираат минимални количества на адитиви во еден безалкохолен пијалок.
Последниот дванаесетти експеримент носи наслов изолација на есенцијални масла од силен зачин, ким, цинамон, каранфилче, кумин, анасон и ѕвезден анасон. Во овој експеримент предвидено е секој студент да изолира екстракт од горенаведените зачини и успешно да ги примени екстракцијата, дестилација со водена пареа како и гасна и течна хроматографија за раздвојување на компоненти од еден природен екстракт. Експериментот завршува со еден мал истражувачки проект во кој студентот треба да размисли и да состави постапка за тоа како да се раздвојат компонентите од есенцијални масла со употреба на гасна хроматографија.
Item Type: | Teaching Resource |
---|---|
Subjects: | Natural sciences > Chemical sciences |
Divisions: | Faculty of Agriculture |
Depositing User: | Sanja Kostadinovik |
Date Deposited: | 28 Dec 2015 09:48 |
Last Modified: | 28 Dec 2015 09:48 |
URI: | https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/14345 |
Actions (login required)
View Item |