Создавање на хаплоидна пиперка (Capsicum annuum L.)во in vitro услови

Koleva Gudeva, Liljana (2007) Создавање на хаплоидна пиперка (Capsicum annuum L.)во in vitro услови. [Project]

[thumbnail of Elaborat_2006.pdf]
Preview
Text
Elaborat_2006.pdf

Download (1MB) | Preview

Abstract

Микропропагацијата на градинарски растенија со методот култура на растителни клетки и ткива во услови in vitro, има широка примена во создавањето на висококвалитетни сорти и хибриди, создавање на сорти отпорни на разни заболувања, креирање на хаплоиди како и стабилизација и подобрување на генетската структура на видовите. Новите и модерни биотехнолошки методи и техниките на биоинжинерингот дозволуваат подобрување, создавање, и селекција на сорти кои со традиционалниот начин на одгледување не може да се добијат.
Видовите на Capsicum annuum L. се најраспространети, најбројни и најразновидни по форма, боја и лутина во целиот растителнен свет, затоа привлекуваат големо внимание во научноистражувачката работа.
Цел на истражувањата во овој проект е да се испита органогентскиот потенцијал, способноста за андрогенеза и формирање на хаплоидни ембриоиди, во култури in vitro на пиперка (Capsicum annuum L.).
Андрогентскиот потенцијал на пиперката, во Република Македонија, воопшто не е истражуван, а добиените регенеранти се првите хаплоиди од пиперка во државата, создадени во услови in vitro. Овие резултати и методи ќе послужат како патоказ за примената на андрогенезата за добивање хаплоиден генофонд на многу различни растителни видови како и нивната понатамошна селекција.
Цел на истражувањата, во овој проект, беше да се постигне ефективна in vitro технологија за проучување на хаплоидни и дихаплоидни растенија-регенеранти; индукција на ембриогенеза во култура на антери од пиперка in vitro; развој на ембриоидите во регенеранти, како и успешна адаптација и аклиматизација на добиените регенеранти од стерилни во оранжериски услови. Во текот на тригодишните истражувања е испитуван андрогенетскиот потенцијал и способноста за соматска ембриогенеза во култура на антери од пиперка во in vitro услови кај деветнаесет (19) различни генотипови на пиперка. Индуцирана е соматска ембриогенеза во култури на антери кај дванаесет генотипови, од сите испитувани генотипови на пиперка.
Андрогенезата, која се одвива во услови in vitro, е најнова и најсигурна метода за добивање на хаплоидни единки, каде вегетативното или генеративното јадро од поленовото зрно се стимулира да се развие во хаплоидна индивидуа, без понатамошно оплодување. Често овој феномен е ограничен на само еден генотип или вариетет, а причината за оваа рестриктивна појава за жал е сé уште непозната.
За да се стимулира процесот на андрогенеза во културата на антери од пиперка беа користени повеќе различни индукциони медиуми а исто така беа користени и соодветени инкубациони третмани (стрес-третмани), со следните хормонални комбинации:
- MS + 1.0 mg/l KIN + 0.01 mg/l 2,4 D + 0,001 mg/l IAA, со инкубација на темно 7 дена и на +25±2ºС, а потоа во клима комора на +25±2ºС, со фотопериодизам од 12 часа светло и 12 часа темно (George и Narayanaswamy, 1973);
- N + 1.0 mg/l KIN + 0.001 mg/l IAA, со инкубација на темно 7 дена и на +25±2ºС, а потоа во клима комора на +25±2ºС, со фотопериодизам од 12 часа светло и 12 часа темно (George и Narayanaswamy, 1973);
- LS + 3.0 mg/l KIN + 1.0 mg/l IAA, со инкубација на темно 7 дена и на +7±2ºС, а потоа во клима комора на +25±2ºС, со фотопериодизам од 12 часа светло и 12 часа темно (Dolcet-Sanjuan et al., 1997);
- NN + 0.01 mg/l KIN + 0.001 mg/l 2,4D, со инкубација на темно 7 дена и на +7±2ºС, а потоа во клима комора на +25±2ºС, со фотопериодизам од 12 часа светло и 12 часа темно (Dolcet-Sanjuan et al., 1997);
- CP + 0.01 mg/l KIN + 0.01 mg/l 2,4D, со инкубација на темно 8 дена и на +35±2ºC, следните 4 дена во клима комора на +25±2ºC со фотопериодизам 12 часа светло / 12 часа темно, а потоа на R1 + 0.01 mg/l KIN на +25±2ºC, со фотопериодизам 12 часа светло и 12 часа темно.
Како најповолен стрес-третман се покажа методот на Dumas de Valux et al. (1981), на кој медиум единствено беше добиена индукција на соматски ембриоиди а калусирањето отсуствуваше или беше минимално.
По успешната аклиматизација на регенерантите во оранжериски услови колекциониран е семенски материјал од четири генотипови на пиперка и тоа: пиран, куртовска капија СР, златен медал СР и фехерозон. Колекционираниот семенски материјал претставува одлична можност за вклучување на истиот во селекционите процеси на пиперката, како и база за понатамошни цитогенетски и други истражувања на молекуларно ниво.

Item Type: Project
Subjects: Agricultural Sciences > Agricultural biotechnology
Divisions: Faculty of Agriculture
Depositing User: Liljana Koleva Gudeva
Date Deposited: 17 Dec 2012 12:45
Last Modified: 17 Dec 2012 12:45
URI: https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/3718

Actions (login required)

View Item View Item