Prosheva Pelivanova, Ljubica (2025) Компаративна анализа на боја при завршна површинска обработка на метал-керамички и циркониумски фиксно-протетички конструкции во фронтална регија - IN VITRO студија. Doctoral thesis, Faculty of Medical Sciences.
Докторат финална верзија-принт 21.10.2025.pdf
Download (13MB)
Abstract
Вовед: Во современата дентална медицина, изборот на материјали за фиксно- протетички конструкции е од клучно значење за постигнување на високо естетски и функционални резултати. Метал-керамичките и циркониумските конструкции се најчесто користени во фронталната регија, каде естетските карактеристики се најважни. Завршната обработка на овие материјали игра важна улога во
постигнување на посакуваната боја и природен изглед.
Цел: Целта на оваа in vitro студија е да се изврши компаративна анализа на бојата со помош на дигитална спектрофотометарска анализа на метал- керамички, целосно циркониумски фиксно-протетички и циркониумски фиксно протетички конструкции со вестибуларно нанесена керамика, во однос на завршната површинска обработка, односно полирање и глазирање.
Материјал и метод: Изработени се коронки на анатомски фантомски модел за вежби на студенти КavoTM, DPS Epoxy modell кои ги поседува Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип. Коронките кои се вклучени во истражувањето се изработени за горен лев централен инцизив, а бојата е одредена според клуч на боја Vitapan Classical во нијанса А2, а за студијата бојата ја одредуваме и ја мериме со неконтактен интраорален спектрофотометар (апарат за дигитално одредување на боја) со оптичка геометрија 45/0° ShаdePilotТМ (Degu Dent, Germany) кој е во сопственост на Стоматолошката лабораторија за научно- истражувачка работа во рамки на Факултетот за медицински науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип.
Анализата и читањето на податоците од спектрофотометарот ги спроведуваме во соодветниот софтвер Windows Softwаre Version 3.01.1007a, кој е патентиран за овој уред. Станува збор за ин витро студија која опфаќа вкупно 180 примероци класифицирани во 3 групи со 2 подгрупи по 30 примероци. Групите се поделени на метал керамички конструкции (60), циркониумски фиксно протетски конструкции со вестибуларно нанесувана керамика (60) и циркониумски фиксно протетски конструкции (60). Секоја група содржи две подгрупи и тоа по 30 примероци во подгрупа, а истите се полирани конструкции до висок сјај и глазирани конструкции.
Спектрофотометарските анализи на изработените коронки се одредуваат, според средна вредност на бојата на забот како и во три третини на забот од вестибуларна страна и тоа во гингивална третина, средна и во инцизална третина. Спектрофотометриските мерења на конструкциите се спроведуваат на дневна светлина и под рефлектор.
Резултати: Во студијата беа анализирани 180 коронки (метал-керамички, целосно циркониски и циркониски со нанесена керамика), поделени во полиран и глазиран подгрупи. Спектрофотометриските мерења на ΔE вредностите под дневна и рефлекторна светлина открија статистички значајни разлики помеѓу групите на материјали (p < 0.05), при што најниски ΔE вредности конзистентно беа регистрирани кај глазираните наслојувани циркониски коронки. Најголеми разлики во боја беа забележани кај полираниот целосно циркониски материјал, особено под дневна светлина. Кај сите материјали, глазирањето доведе до намалување на ΔE вредностите во споредба со полираните примероци.
Најизразени меѓугрупни разлики беа забележани во инцизалната третина. И покрај статистичката значајност кај одредени споредби, сите средни ΔE вредности останаа во рамките на клинички прифатливите граници. Овие наоди ја истакнуваат стабилноста на глазираните реставрации во различни услови на осветлување, потврдувајќи ја нивната клиничка сигурност во естетската стоматологија.
Заклучок: Истражувањето потврди дека бојната усогласеност и транспарентноста на фиксно-протетички конструкции значајно зависат од типот на материјалот, површинската обработка, условите на осветлување и позицијата на мерење. Глазираните површини и стратифицираните циркониумски конструкции со нанесена керамика покажаа најдобри естетски резултати, особено во инцизалната зона. Природната светлина овозможи попрецизна проценка на бојата.
Овие наоди имаат важни клинички импликации за изборот на материјал и техника за постигање оптимална естетика.
Клучни зборови: боја, спектрофотометар, фантом, глазирање, полирање, естетика
| Item Type: | Thesis (Doctoral) |
|---|---|
| Subjects: | Medical and Health Sciences > Basic medicine Medical and Health Sciences > Other medical sciences |
| Divisions: | Faculty of Medical Science |
| Depositing User: | Ljubica Prosheva Pelivanova |
| Date Deposited: | 29 Oct 2025 09:43 |
| Last Modified: | 29 Oct 2025 09:43 |
| URI: | https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/36648 |
