Историскиот развој на медицината во Вардарска Македонија 1913 -1944

Josimovska, Verica (2023) Историскиот развој на медицината во Вардарска Македонија 1913 -1944. Клонинг, Штип, Штип. ISBN 978-608-242-150-6

[thumbnail of kniga r.pdf] Text
kniga r.pdf

Download (844kB)

Abstract

Со заминувањето на Османлиите во делот од Македонија кој потпаднал под српска власт, останале неколку санитетски институции претежно од воен карактер. Имено, долго време во Османската Империја постоеле единствено воени болници и тоа само во поголемите градови: Битола, Скопје, Штип, Струмица и Дебар.
Кон крајот на XIX и почетокот на XX век, за османлиското население во Битола била отворена болница за сиромашни „Гураба Хаста Хане”, болница за кожно венерични болни „Франги Хаста Хане” и болница за невропсихијатриски болни „Тимар Хане”, додека здравствените проблеми на дел од христијанското население биле решавани во рамките на црквата.
За најстара цивилна болница која постоела од втората половина на XVIII век, се смета болницата „Евангелизмос” (Благовештение) во Битола. Оваа болница или „Спитаљето” како што ја нарекувале граѓаните, била формирана од патријаршиската црковна општина и во неа можеле да се лекуваат само верниците кои се изјаснувале како Грци.
Во XX век во Битола постоела и мала Влашка болница и неколку приватни помали болници или прифатилишта.
Во Скопје, во 1905 година била изградена граѓанска болница на Црвениот крст, но поради исламскиот карактер на државата болницата го добила името „Црвена полумесечина“ за која подоцна се користел називот „Полумесечина“. Истата функционирала до 1912 година кога по битката кај Куманово поминала во рацете на српскиот воен санитет и била именувана како армиска болница „Полумесец“.
Втората половина на XIX век не била значајна само поради политичките промени во Империјата, туку и по тоа што се менувала концепцијата за медицината. Покрај отворањето на болници за војската и граѓанството, се наметнало и прашањето и за превентивна борба против заразните болести. Така под притисок на Европа, со цел да се запре ширењето на заразните болести, во Империјата започнале да се воведуваат карантински мерки и да се забранува сообраќајот со земји во кои имало епидемии. Сепак, заразните болести какви што биле колерата, маларијата, тифусот, дифтеријата и понатаму царувале. Особено маларијата во Македонија долги години била сериозен здравствен проблем. Имало периоди кога од неа боледувало целото население.
Заразните болести уште повеќе се проширувале заради непостоењето на традиција на вакцинирање на населението, ниската здравствена култура и користењето на неисправна и загадена вода за пиење. Поради верувањето на Турците дека водата е света, нејзината исправност воопшто и не била предмет на дискусија и апсолутно била исклучена можноста таа да биде извор на болеста од тие причини водата не била контролирана.
Во периодот што уследил по заминувањето на Османлиите од Балканот, само за неколку месеци, Македонија се нашла под управа на три различни држави (Царството Бугарија, Кралството Србија и Кралството Грција). Од 1912-1918 година настапил најтрагичниот период за македонскиот народ кога се случиле двете балкански и Првата светска војна и дури четири пандемии на тешки и смртоносни заразни болести.
За ваквата трагедија на Македонија разбрал и целиот свет и благодарение на помошта и солидарноста што ја упатиле многу светски влади, епидемиите биле запрени, а дел од населението и војската спасени.
И покрај тоа, историјата на медицината забележала дека жртвите на епидемиите биле далеку поголеми од жртвите на војните.
Времето за кое зборуваме останало овековечено во еден извештај на „Американското друштво за заштита на воените сирачиња“. Ова друштво непосредно по војната (1918 година) по извршените проучувања за состојбата со здравјето на луѓето во Македонија ги дало податоците дека помалку од 12% од населението ги користат услугите на медицинската служба, затоа што или нема лекар во близината или ако има, неговите услуги се многу скапи. Обично болните се препуштени на самооздравување или на милоста на бајачките и гаталците. „Селаните“, се вели понатаму во извештајот, „и доколку имаат понекаде современи алатки за обработување на земјата, сепак спијат на подот, за совет за своето дете се обраќаат на бабите, а јадењето го приготвуваат на отворено огниште по нечистите подови на колибите. Во Македонија еден лекар покрива подрачје од над 80.000 жители“.
Новата држава на Кралството на СХС, формирана на 1 декември 1918 година, во чиј состав се наоѓала и Вардараска Македонија, се вбројувала во редот на недоволно развиените европски земји со несовремен и заостанат систем на здравствена служба.
Поради тешките заразни болести кои со децении владееле на овие простори и последиците од војните кои многу негативно се одразиле врз здравјето на населението, санитетската организација го започнала своето конституирање во исто време со формирањето на државните органи. Министерство за народно здравје било надвор од надлежностите на полицијата и функционирало потполно независно.
Болничката здравствена заштита функционирала на начин каков бил диктиран од условите. Постоечките болници биле повторно отворени, а речиси во сите поголеми градови во Вардарска Македонија, поради актуелноста на заразните болести, биле отворани привремени болници за сместување и изолирање на болните.
Што се однесува до превентивата, таа во новата здравствена политика била со апсолутен приоритет. Социјално медицинската работа, не само за Вардарска Македонија, туку и за целото Кралство на СХС, започнала без да има традиција. За одбележување е што на просторите на Вардарска Македонија во 1919 година не постоела ниту една таква установа. Со доаѓањето на д-р Андрија Штампар за началник на хигиенското одделение, на 28 мај 1919 година започнува организацијата на јавното здравство. Во десетте Штампарови години, колку што бил организатор на развојот на здравството и изградбата на социјално-медицински установи во државата, останал неповторлив и ненадминат во блиската и подалечната историја на Македонија. За негово време во Вардарска Македонија никнала мрежа на социјално медицински установи, чија работа била забележана од Хигиенското одделение на Лигата на народите. Во установите низ Вардарска Македонија на практична работа биле упатувани лекари од разни земји во светот. Институтот за тропски болести во Скопје бил еден од најмодерните такви установи во Европа.
За период од три децении колку што опфаќа истражувањето во трудот се заокружува медицинската историја, со сите настани и напори на санитетските организатори, да се обезбеди успешна здравствена служба која ќе биде во состојба да ги искорени тешките заразни болести кои биле главна причина за смрт на голем дел од населението во Македонија.
Монографскиот труд им посветува целосно внимание на настаните и историскиот развој на медицината во Вардарска Македонија во периодот 1913-1941 година.

Item Type: Book
Subjects: Humanities > History and archaeology
Divisions: Faculty of Educational Science
Depositing User: Verica Josimovska
Date Deposited: 16 Jan 2024 12:11
Last Modified: 16 Jan 2024 12:11
URI: https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/33158

Actions (login required)

View Item View Item