Петровденскот масакр на Саланџак во 1913 година

Iliev, Andrej and Ilieva, Nikolovska, Anita and Iliev, Peno (2013) Петровденскот масакр на Саланџак во 1913 година. Project Report. Solarisprint, Skopje, Skopje.

[thumbnail of Петровденскиот масакр на Саланџак.pdf]
Preview
Text
Петровденскиот масакр на Саланџак.pdf

Download (4MB) | Preview
[thumbnail of ImageMagick conversion from image to application/pdf]
Preview
Text (ImageMagick conversion from image to application/pdf)
Петровденскиот масакр на Саланџак.pdf

Download (585kB) | Preview

Abstract

Петровденскиот масакр на Саланџак се случил на 29 јуни (стар стил) 1913 година, кога на најбрутален начин им се одземени животите на 14 невини лица од село Долни Липовиќ и претставува очигледен пример за страдањата на цивилното население во виорот на воените дејствија меѓу завојуваните страни. Мотивите за извршеното злосторство може да се карактеризираат како лични, со оглед на тоа што се работи за крвна одмазда, околностите кои овозможиле тоа најпрво да се организира, а потоа и да се спроведе се врзуваат за времето и настаните во зовриениот балкански простор по завршувањето на Првата и текот на Втората балканска војна.
Од таа причина, масакрот на Салаџак од 1913 г. во овој труд се разгледува во рамките на поширокиот историски контекст и општата состојба во Македонија во периодот пред и во време на Балканските војни, одразувајќи ја исклучително тешката положба во која се нашол македонскиот народ по неспроведувањето на одлуките донесени на Берлинскиот конгрес. Тоа било и една од причините кои ги предизвикале двете Балкански војни, чијшто епилог, со донесувањето на погубните решенија за судбината на македонскиот народ во Букурешт, не само што не ги решил проблемите на Балканот, туку за Македонија предизвикал натамошни тешки последици, кои се манифестирале во текот на Првата и Втората светска војна, а се чувствуваат и денес. Од содржинско-тематски аспект, трудот е поделен на три меѓусебно поврзани целини, односно глави.
Во првата глава се разработуваат настани кои ја откриваат историската заднина или причините кои довеле до избувнувањето на двете Балкански војни: односот на големите европски сили спрема македонското прашање на Берлинскиот конгрес, Кресненското востание, појавата на македонското револуционерно движење за национално ослободување, Илинденското востание, Младотурската револуција, улогата и расколот во ВМОРО непосредно пред почетокот на Првата балканска војна.
Втората глава е посветена на текот и епилогот од двете Балкански војни. Во делот кој се однесува на Првата балканска војна, посебно внимание е посветено на создавањето на Балканскиот сојуз за војна против Османлиската Империја, чии активности детално се опишани за време на Кумановската и Битолската битка кои биле решавачки за крајот на османлиското владеење на Балканот, учеството на Македонците во туѓите војски и Лондонската мировна конференција која го означила крајот на оваа војна. Причините за избувнувањето на Втората балканска војна се посочуваат низ осврт за општата состојба во Македонија во периодот меѓу двете војни, а нејзиниот натаможен тек се следи од Брегалничката битка до одлуките содржани во Букурешкиот мировен договор. Во третата глава е обработен настанот кој е предмет на овој труд, низ призмата на општата состојба во Лакавичкиот регион во периодот пред и во време на Балканските војни.
Историскиот период кој е опфатен со оваа книга, досега е истражуван и документиран во македонската историографија, но Петровденскиот масакр на Саланџак досега не бил предмет на задлабочени научни истражувања. Определени сознанија за овој настан се објавени во трудовите на м-р Димитар Галев (Белиот терор во Југоисточна Македонија 1910-1941 година, книга прва, Штип: Друштво за наука и уметност, 1991) и д-р Александар Трајановски (Гласник, год. 46, бр. 2, Скопје: Институт за национална историја, 2002), меѓутоа, прва научна студија за споменатиот настан, во која точно се утврдува идентитетот на сите убиени лица, како и на оние што на различни начини биле тероризирани тој ден, претставува токму овој труд.
Податоците кои имаат извонредно значење за детално расветлување на Петровденскиот масакр на Саланџак, во најголем дел се засновуваат на сеќавањата на Боне Илиев, Фено Петровски и Владо Трајков од село Долни Липовиќ, прибележани како тонски запис од Пено Илиев. Свесни за тоа дека во прифаќањето на усната традиција треба да постои определена резервираност во однос на историската веродостојност на изнесените податоци, во трудот е направен обид тие да се потврдат низ досега необјавените документи за овој настан, како и објавените историографски документи што ни беа достапни.
Притоа би укажале дека исказите на посочените лица, снимени независно и во различни околности и временски периоди, во најголем дел се совпаѓаат, што само по себе претставува доволен аргумент за нивно позитивно прифаќање во науката. За жал, до објавувањето на овој труд немавме доволна можност за подетална научна-истражувачка активност во турските и српските архиви, што секако ќе остане наша идна задача и цел. Засега нема поткрепа за тврдењето дека денот на извршувањето на масакрот бил поврзан со религискиот аспект. Од таа причина, ваквото поврзување, што секако би дало една сосема поинаква димензија на целиот настан, не може да се потврди но не може ниту да се одрече. Тоа прашање веројатно ќе остане отворено, иако лично повеќе се приклонуваме кон мислењето дека совпаѓањето на датата кога било извршено злосторството со големиот христијански празник не било случајност. Да укажеме и на тоа дека во елаборацијата на самиот настан во некои книги и дела, свесно е направен исчекор од строгиот научен опис. Реалната емотивност во исказите, според нашето мислење, не ја намалува научната вредност на овој труд ниту го доведува во прашање применетиот научно-методолошки пристап. Сметаме дека природата на ова злосторство и методите со кои било спроведено, во толкава мера се надвор од здравиот разум, така што во неговото опишување не може, а заради вистината и не треба, да се избираат само оние зборови кои доследно ќе го почитуваат принципот на непристрасност. Колкави биле страдањата знаат само тие што ги доживеале. Задачата што ние си ја поставивме во овој труд беше што поверодостојно да се прикаже и документира тоа што се случило, без притоа да се намалат, или зголемат, ниту страдањата на жртвите на ова злосторство ниту одговорноста на неговите извршители.

Item Type: Monograph (Project Report)
Subjects: Humanities > History and archaeology
Divisions: Military Academy
Depositing User: Andrej Iliev
Date Deposited: 12 Dec 2019 13:17
Last Modified: 12 Dec 2019 13:17
URI: https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/23103

Actions (login required)

View Item View Item