Односот меѓу некои квалитетни својства на семето и потенцијалот за раст кај пченицата (triticum aestivum l.)

Mitrusev, Ivo (2019) Односот меѓу некои квалитетни својства на семето и потенцијалот за раст кај пченицата (triticum aestivum l.). Masters thesis, Goce Delcev University Stip.

[thumbnail of Magisterski-trud-za-ukorichuvanje.pdf]
Preview
Text
Magisterski-trud-za-ukorichuvanje.pdf

Download (2MB) | Preview

Abstract

Краток извадок Во истражувањата е анализиран односот меѓу некои квалитетни својства на семето и почетниот потенцијал за раст кај пченицата (Triticum aestivum L.). Како експериментални фактори беа вклучени три сорти мека пченица (радика, амазон 150 и победа) и, од секоја сорта, три фракции, според големината на семето (>3 mm, 2-3 mm и <2 mm). Семето е произведено за комерцијални цели, од категоријата сертифицирано семе од прва генерација (C1) во 2018 година. Од секоја сорта и фракција се испитувани: маса на 1 000 зрна, енергија на ’ртење, ’ртност, пораст на ’ртулците (должина на коренче, должина на стебленце, однос помеѓу должина на коренче и должина на стебленце, свежа и сува маса на ’ртулците, однос помеѓу свежа и сува маса на ’ртулците), содржина на влага и некои хемиски својства на зрното (содржина на протеини, Fe, B, Cu, Mn, Zn, Ca, Mg, Na, K, P и S). Лабораториските испитувања се спроведени во лабораторијата „Унилаб“ на Земјоделскиот факултет во Штип. Лабораторијата е акредитирана согласно стандардот МКС EN ISO/IEC 17025:2006 за повеќе методи, меѓу кои и методите за испитување на квалитет на семе од земјоделски растенија. За утврдување на вредностите на физичко-физиолошките својства, се применети стандардни методи пропишани во ISTA-правилникот (2010) и Правилникот за начинот на работа, просторната и техничката опременост на овластените лаборатории и методи за испитување на квалитетот на семенскиот материјал кај земјоделските растенија („Службен весник на РМ“, 61/07). Содржината на протеините е определена според методот ISO 20483: 2013. За истражување на хемиските својства во семето беше применета масена спектрометрија со примена на индуктивно спрегната плазма, ICP-MS. Добиените средни вредности се статистички обработени со користење на основните параметри на дескриптивната статистика. За анализа на варијанса е користен статистичкитот пакет SPSS (2010). Добиените резултати се тестирани со LSD-тестот, користејќи статистички аналитички софтвер (ЈМР). Кај сите испитувани сорти и фракции на семе се добиени високи вредности за енергијата на ’ртење и за вкупната ’ртност. Резултатите покажаа

дека големината на семето има значајно директно влијание на енергијата на ’ртење и вкупната ’ртност на семето. Семето со средна големина постигна повисоки вредности за енергијата на ’ртење, додека покрупното семе постигна поголеми вредности за вкупната ’ртност. Семето со средна големина ’рти побрзо во споредба со покрупното и поситното, додека покрупното семе продуцира поголем број ’ртулци. Сортата како фактор не покажа значајно влијание врз енергијата на ’ртење и вкупната ’ртност. Големината на семето покажа значајно влијание и врз свежата и сувата маса на ’ртулците, содржината на влага и масата на 1 000 зрна. За должина на стебленце и содржина на протеини, поголем ефект имаше сортата, а за должина на коренче, интеракцијата помеѓу сортата и големината на семето. Содржината на испитуваните хемиски елементи се разликува, како помеѓу сортите, така и помеѓу одделните фракции. Кај сортата амазон 150, фракција 2-3 mm, добиени се највисоки вредности за содржината на железо (38,19 mg/kg), бор (9,23 mg/kg) и фосфор (4,113 g/kg). Фракцијата 2-3 mm од сортата радика покажа највисока содржина на манган (17,67 mg/kg), цинк (44,8 mg/kg), калиум (3,97 g/kg) и магнезиум (1,56 g/kg), исто како и фракцијата <2 mm кај сортата амазон 150. Највисока содржина на бакар (14,22 mg/kg) покажа фракцијата 2-3 mm кај сортата победа, кај која во фракцијата >3 mm е добиено најмногу натриум (121,5 g/kg) и сулфур (0,972 g/kg). Најмногу калциум содржи фракцијата <2 mm кај сортата радика. Односот меѓу испитуваните својства покажува значајна разновидност помеѓу испитуваните сорти пченица. Сигнификантна негативна корелација кај хемиските својства, при ниво на сигнификантност P<0,05, е утврдена помеѓу содржината на протеини и бор (rg = -0,998), масата на свежи никулци и калциум (rg = -1,000), должина на коренче и калиум (-0,999), содржината на бакар и калиум (rg = -0,997) и меѓу содржината на магнезиум и сулфур (rg = -0,997). Сигнификантна позитивна релација, при ниво на сигнификантност P<0,05, е забележана меѓу ’ртност на семето и цинк (rg = 1,000). Сигнификантна негативна корелација, при ниво на сигнификантност P<0,01, е добиена меѓу маса на 1 000 зрна и натриум (rg = -1,000).

Клучни зборови: енергија на ’ртење, ’ртност, брзина на ’ртење, содржина на влага, маса на 1 000 зрна, хемиски својства.

Item Type: Thesis (Masters)
Subjects: Agricultural Sciences > Agricultural biotechnology
Divisions: Faculty of Agriculture
Depositing User: Katerina Hadzi-Vasileva
Date Deposited: 11 Jul 2019 06:52
Last Modified: 11 Jul 2019 06:52
URI: https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/22185

Actions (login required)

View Item View Item