Маркетинг: Истражување, стратегија и планирање - практикум

Jovanov, Tamara (2014) Маркетинг: Истражување, стратегија и планирање - практикум. ISBN 978-608-244-034-7.

Full text not available from this repository.

Abstract

Еден од основните предизвици на државите на светско ниво, особено во услови на функционирање во рамки на капиталистички систем, е брз економски развој. Македонија како претендент за влез во ЕУ од една страна, како и врз
основа на усвојување на најдобрите практики, треба исто така да тежнее кон создавање на развиена економија преку подобар, поинтензивен развој и поттикнување на бизнис секторот и претприемаштвото. Притоа, развојната
перспектива треба да се бара во зацврснување на позициите на домашниот пазар и во нагласената извозна, односно надворешно ориентирана стратегија за развој, што наведува на потребата од сериозна анализа на клучните слабости и развојни јазови на претпријатијата во Република Македонија, меѓу кои на прво место се недоволната долгорочна меѓународна конкурентност на корпоративниот сектор. Основен индикатор на недоволната развиеност на нашата економија е негативниот трговски биланс, кој покажува дека покриеноста на увозот со извоз е релативно ниска и асоцира на недоволен
капацитет на економијата за справување со конкурентскиот притисок на пазарните сили.
Зголемувањето на конкурентската способност на претпријатијата е сложен проблем што бара конкретни долгорочни мерки за негово решавање, при што е потребно ангажирање како на државните институции, така и на
претпријатијата. Со мерките на државата треба да се создадат услови за нормално функционирање на пазарот, односно услови за конкуренција, при што сите учесници на пазарот би биле ставени во иста положба. Од друга
страна, она што корпоративниот сектор може да го направи за да си помогне, пред сè, себеси, а со тоа и на економскиот развој на државата, е да воспостави практика на планско и стратегиско деловно работење на долг рок, ориентирано
кон крајните потрошувачи, односно пазарот.
Искуството на земјите со долгогодишна пазарна традиција претставува гаранција за значењето на пазарната ориентација, маркетинг стратегијата и планот за развој, успешност и опстанок претпријатијата.
Маркетингот како бизнис филозофија е всушност процес за кој се претпоставува дека треба да ги пронајде, да ги задоволи и да ги задржи потрошувачите, додека во друга паралела се остварува профит од работењето, при што централното место го задржува потрошувачот и неговиот однос со производот, односно неговото ценето мислење дали производот/услугата може да ја задоволи потребата или желбата. Она што
како најголем недостаток се јавува кај најголемиот број од нашите домашни претпријатија е работењето по инерција, без воведување на промени и следење на трендовите на пазарот, што во многу случаи се покажало како погубно за опстанокот. Еден негативен тренд што е евидентен во нашето
стопанство, дури и пред периодот на рецесијата, е пазарниот неуспех и слабата конкурентност, особено на најбројните - малите и средни претпријатија (МСП), најмногу поради употребата на производна или продажна ориентација
во работењето, во светот надминати уште во 1950 година.
Во практикумот се анализира тековната примена на маркетинг
активности во домашните претпријатија, со цел да се добие увид во постојните маркетинг стратегиии, како и предностите и слабостите во нивното работење.
Опфатени се и моделите на стратешка анализа на сектор, анализа на опкружувањето, кои се на располагање и се практични за конструирање на една слика што јасно ќе ја прикаже позицијата на претпријатието на пазарот во
однос на неговите конкуренти.
Со намера да се прикаже на кој начин можат да се добијат релевантни квантитативни и квалитативни податоци за потрошувачите на пазарот (што ќе купи, од кого ќе купи, зошто, како, од каде и кога ќе купи и колку ќе купи),
анализирани се и најефикасните од палетата на различни методи за истражување.
Всушност, со практикумот се прикажува формaта која треба да ја има една маркетинг стратегија, која следи строго дефинирани чекори, без кои е невозможно остварување на поставените цели на претпријатието. Воедно, се
даваат и клучни стратегиски насоки, кои МСП можат да ги следат во менувањето на нивните постојни маркетинг стратегии и креирање на понуда со поголема вредност.
Маркетинг планот се набљудува како основна водилка на
претпријатијата од аспект на неговото значење, основна намена и детално анализирана содржина. Основната намера е подобро да се прикаже примената на планот, како средство кое може да му помогне на претпријатието да ги
изврши своите задачи на најдобар можен начин, да ја концентрира својата енергија и да обезбеди максимално остварување на целите и задачите, за да одговори на променливото опкружување и да даде основи за донесување на
фундаментални одлуки.
Овој труд (практикум) претставува синтеза на: најефективните модели за стратешка анализа на работењето на претпријатијата; ефикасни методи на истражување преку кои се спознаваат потрошувачките преференции и однесување на пазарот; процес на подготовка на маркетинг стратегија која ќе ја обезбеди вистинската насока за секое претпријатие кое ќе сака да конкурира на високофрагментиран пазар; основа на маркетинг план кој ќе претставува своевиден водич за претпријатијата и кој ќе може да се адаптира и на потребите на малите и средните претпријатија и да се имплементира во
нивното работење.
Во овој контекст, темата што е предмет на обработка е исклучително актуелна и значајна за подобрувањето на конкурентноста на нашата национална економија, претставено преку подобрување на конкурентноста на домашните претпријатија.

Item Type: Teaching Resource
Subjects: Social Sciences > Economics and business
Divisions: Faculty of Economics
Depositing User: Tamara Jovanov
Date Deposited: 19 May 2014 08:24
Last Modified: 16 Aug 2018 07:04
URI: https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/9946

Actions (login required)

View Item View Item