Маркетинг: Истражување, стратегија и планирање - скрипта

Jovanov, Tamara (2014) Маркетинг: Истражување, стратегија и планирање - скрипта. ISBN 978-608-244-033-0.

Full text not available from this repository.

Abstract

Целата планета е подложена на големи промени - економски, политички и општествени. Од една страна е очигледен незапирливиот успех на бројни претприемнички претпријатија како силна, скоро спектакуларна манифестација на тие промени, а од друга страна, формално или неформално, и луѓето и организациите се вклучуваат во голем број активности кои може да се наречат маркетинг. „Добриот“ маркетинг стана витален составен дел на бизнис-успехот, а тој не е случаен, туку е резултат на внимателно планирање и спроведување.
Улогата на претпријатијата е значително променета со преоѓањето од моделот на т.н. менаџирана/планирана економија кон т.н. претприемничка економија. Моделот на планирана економија е политички, социјален и економски одговор на економија водена од голем обем на производство и производствените фактори на капитал и труд како извори на конкурентска предност. Од друга страна, моделот на претприемничка економија е политички, социјален и економски одговор на економија водена не само од знаењето како производствен фактор, туку и од претприемачкиот капитал и капацитет да се креира и генерира претприемничка активност. Како агенти на промените, претприемничките претпријатија се значаен извор на нови идеи и експериментирање, кои без нив би биле недопрени како подрачје во економијата. Притоа, претприменичкото дејствување не е ограничено само на мали претпријатија, туку по основите на истото се водат и големи претпријатија, организации, државни иснтитуции,високообразовни институции, индивидуи итн. Во современата економска теорија и практика имплементацијата на маркетингот преку истражување, маркетинг стратегија и планирање во работењето претпријатијата се поставува како еден од клучните фактори, т.е. чекори за развој на стопанството и поголема конкурентност на економијата во целина. Особено внимание сè повеќе се посветува на анализа од една страна на влијанието на маркетингот, маркетинг стратегијата и планирањето врз деловниот успех/неуспех на претпријатијата, како и поврзаноста помеѓу развиеноста и претпријатијата и развиеноста на нациoналното стопанство.
Конкурентноста, вусшност, може да се набљудува на повеќе нивоа, и тоа: макро, мезо и микро ниво. Конкурентноста на макро ниво ја претставува способноста на државата да произведува и дистрибуира производи и услуги во меѓународната трговија, во конкуренција со производите и услугите произведени во други земји, на начин кој доведува до зголемување на животниот стандард. Мезоаспектот на конкурентноста се однесува на секторите, а микроаспектот ја означува способноста на претпријатијата да се натпреваруваат, растат и бидат профитабилни на пазарот на кој настапуваат. Односно, микроконкурентноста се однесува директно на конкурентноста на претпријатието и ја означува неговата ефикасност да ги продава своите производи и услуги на пазарите на кои е присутна и меѓународна конкуренција. Во суштина, макро-, мезо- и микроконкурентноста се меѓусебно условени и постигнувањето на целта да се биде конкурентска и динамична економија базирана на знаење, способна за одржлив економски раст, креирање на повеќе и подобри работни места и развој на поголема социјална кохезија, ќе зависи од успехот на претпријатијата. Нивната конкурентност и успех, пак, ќе зависи од способноста да развијат и имплементираат стратегија која ќе обезбеди највисока вредност за своите потрошувачи, преку совладувањето на главните предизвици во работењето - одржлив и стабилен раст, совладување на конкурентите и лојалноста/задржување на потрошувачите, предизвици чиешто достигнување директно зависи од маркетингот.
Маркетингот како бизнис филозофија е всушност процес за кој се претпоставува дека треба да ги пронајде, да ги задоволи и да ги задржи потрошувачите, додека во друга паралела се остварува профит од работењето, при што централното место го задржува потрошувачот и неговиот однос со производот, односно неговото ценето мислење дали производот/услугата може да ја задоволи потребата или желбата. Она што како најголем недостаток се јавува кај најголемиот број од нашите домашни претпријатија е работењето по инерција, без воведување на промени и следење на трендовите на пазарот, што во многу случаи се покажало како погубно за опстанокот. Еден негативен тренд што е евидентен во нашето стопанство, дури и пред периодот на рецесијата, е пазарниот неуспех и слабата конкурентност, особено на најбројните - малите и средни претпријатија (МСП), најмногу поради употребата на производна или продажна ориентација во работењето, во светот надминати уште во 1950 година. Како резултат на тоа, наместо континуирано истражување на пазарот, фокус на потрошувачот и тестирање на пазарот, нашите претпријатија сѐ уште применуваат истражување на производот и фокус на производот. Не е евозможно да се постигне успех со која било од ориентациите во работењето, но секако е потешко денес да се успее само со производната ориентација без притоа таа да се надополни или замени со маркетинг, односно пазарна ориентација. Вклучувањето на нашето стопанство во светските економски текови е почеток на голем предизвик пред кој се наоѓа нашето стопанство и стратегијата за економски развој на нашата земја. Потребата од функционална пазарна економија и капацитет за справување со конкурентскиот притисок и со пазарните сили наложува креирање и примена на активности за подобрување на деловната клима, поттикнување на претприемаштвото, подобрување на инвестициската клима, либерализацијата на економијата, зголемување на конкурентноста на македонското стопанство. Во оваа насока, од пресудно значење е зголемување на конкурентноста на домашните претпријатија која ќе води кон успешен пласман на нашите производи на домашниот и на странските пазари, што воедно значи и рентабилното работење и развој на претпријатијата, зголемување на Бруто домашниот производ (БДП), намалување на дефицитот во трговскиот биланс,зголемување на глобализираноста на македонската економија, раст и развој за целата економија и животниот стандард.
Овој труд е напишан за да исполни неколку цели:
1. Објективно, потполно и систематично научно опишување или дескрипција на прецизираната тематиката, како прв чекор во процесот на спознавање, преку увид во актуелната светска и домашна литература, како и преку анализа на работењето на
домашните претпријатија, особено од аспект на маркетингот; 2. Научно објаснување на предметот на трудот, преку откривање на условите, причините и мотивите за текот на случувањата, врз основа на научната теорија и пракса;
3. Научно предвидување или прогноза, со насочување кон тенденцијата на менување на состојбите и следење на динамичките карактеристики на дефинираниот проблем.
Според поставените цели, трудот претставува синтеза на: најефективните модели за стратешка анализа на работењето на претпријатијата; факторите кои влијаат на подобрувањето на конкурентската позиција на пазарот; ефикасни методи на истражување преку кои се спознаваат потрошувачките преференции и однесување на пазарот; процес на подготовка на маркетинг стратегија која ќе ја обезбеди вистинската насока за секое претпријатие што ќе сака да конкурира на високофрагментиран пазар; основа на маркетинг план кој ќе претставува своевиден водич за претпријатијата и кој ќе може да се адаптира и на потребите на малите и средните претпријатија и да се имплементира во нивното работење. Една од најголемите придобивки од овој труд е запознавањето на студентите, стручната и деловната јавност со ефектите од современиот маркетинг концепт и маркетинг ориентација во економската теорија и пракса.

Item Type: Teaching Resource
Subjects: Social Sciences > Economics and business
Divisions: Faculty of Economics
Depositing User: Tamara Jovanov
Date Deposited: 19 May 2014 08:23
Last Modified: 16 Aug 2018 07:04
URI: https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/9945

Actions (login required)

View Item View Item