Инспиративен концерт во „Света Софија“

Неодамна, во прекрасниот амбиент на црквата „Св. Софија“ во Охрид, се одржа концерт на камерна музика на кој се претставија четворица музички уметници кои остваруваат богата изведувачка кариера и дејствуваат како успешни педагози на Факултетот за музичка уметност на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип: Златка Митева - флејта, Владимир Лазаревски - обоа, Бранко Павловски - кларинет и Наташа Трбоевиќ - пијано. 


Концертот започна со делото „Аубаде“ на францускиот романтичар П. Д’ Вејли, при што академското дувачко трио на волшебен начин ја претстави тагата која се јавува кај вљубените во раните мугри - симбол на нивната разделба. Дивертиментото за флејта, обоа и кларинет, оп. 37 од англискиот композитор М. Арнолд, внесе една нова димензија во музичка мисла со преплетување на острите дисонанци на современата музика и древниот амбиент на црквата „Св. Софија“. Флејтата, обоата и кларинетот меѓусебно тонски извонредно се надополнуваа и секоја кантилена прозвучи експресивно и исклучително инспиративно.

Во продолжение, триото „Академико“ донесе интересен и разновиден репертоар. Прво ја интерпретираше четири-ставачната Свита од Палисеид на американскиот композитор Е. Еванзен, во која тој го користи музичкиот идиом на домородните Индијанци. Членовите на триото покажаа високо ниво на камерно свирење. Во разновидноста на инструментални бои и модерни ритми тие создадоа различни расположенија во согласност со програмските наслови на ставовите - најзабележани во нежните мелодии и драматичното зголемување на волуменот и интензитетот на звукот. Очигледни беа нивната синхронизираност и единство како состав изразени во постојано комуницирање со погледи и меѓусебно водење. Пријатно изненадување за публиката претставуваа Ноктурното и Варијациите на тема „Браул“ од „Романските народни танци“ на Барток од американскиот композитор Ш. Саламон во кои флејтата и кларинетот имаа улога на солисти. На крајот, како гранд финале се изведе виртуозната композиција „Тарантела“ оп. 6 од К. Сен-Санс, чија карактеристична ритмичка суштина дојде до израз со експресивното фразирање, со што членовите на триото му вдахнаа нов живот на овој стар танц. 

Златка Митева (флејта), вешто ги донесуваше сите музички фрази, лесно совладувајќи ја техниката во изведените композиции. Агогичката совршеност и инспиративно фразирање доминираа во изведбата. Со обоата и кларинетот создаваа единство на темброт, во кој, почитувајќи ги барањата од партитурата, повремено се јавува доминација на еден од дувачките инструменти.

Владимир Лазаревски (обоа), технички беспрекорно, а музички маестрално се прикажа во изведбата на делата. Во интерпретацијата се чувствуваше постоење на богатата изведувачка кариера: како солист и член на многу камерни состави. Префинето фразирање, агогика и исклучителна музикалност докажуваат дека во овој уметник постои голем потенцијал.

Бранко Павловски (кларинет), софистицирано ги градеше сите фрази, доведувајќи го стилскиот израз до совршенство. Со експресивни динамичките контрасти, и градации кои се одвиваат одмерено, без пренагласување на кулминациските движења, кларинетот прозвучи со сета своја тонска убавина во сите регистри на инструментот.

Наташа Трбоевиќ (пијано), во чија изведба се чувствува долгогодишно концертно искуство и префинет осет за музичката фраза, успешно ги надополни музичките замисли донесени од дувачките инструменти, додека во соло-делниците ненаметливо, но музикално го постави пијаното во преден план. 

Публиката, на крајот, ги награди овие македонски репродуктивни уметници и со овации, долго аплаудирајќи, што беше знак дека уживаше во текот на целиот концерт.

 

Ивана Ѓурѓевиќ-Јанков

 

Концерти

Препорачуваме...

ЕМС 2013 - програма

Showcases

Background Image

Header Color

:

Content Color

: