Убава вокална вечер

Кон концертот „Песни“ со тенорот Михајло Арсенски и пијанистката Милица Шкариќ, одржан на „Есенски музички свечености“

Васка Наумова-Томовска

Вистински погодок беше во овој осиромашен период во нашата музичка култура вокалната вечер во рамките на „Есенските музички свечености“. Издржана вокална концертна програма пренесена од зрелиот и импресивен вокал на нашиот тенор Михајло Арсенски, чии уметнички патишта го носат далеку одовде, во Франција, Германија, каде престојува мошне долго, а настапува и на сцените низ голем број познати светски метрополи. Ја имавме пријатната можност да бидеме обземени од неговата издиференцирана и со висок професионален однос интерпретација кон една од најсуптилните форми во вокалната уметност, соло-песната. Заедно со него настапи и пијанистката Милица Шкариќ, посакуван и благороден соработник кој одлично го познава духот и креативниот импулс на Арсенски, па така нејзиното пијано беше дозирано или доминантно онолку колку што беше во вистинска смисла на зборот потребно.
Со аниматорски приод кон програмата, Арсенски доволно ја информираше бројната публика за соло-песните и нивната содржина што укажува дека текстот е многу важен во обликувањето на мелодиската фраза кај авторот. Имаше флуид токму во тој дел на концертната програма, а што се однесува до вокалниот израз на Арсенски во Шумановиот циклус „Љубовта на поетот“, а потоа и во целиот избор на соло-песни од Дебиси, Форе, како и од македонските композитори Скаловски, Зографски и Прокопиев, тој се движеше во сферата на она што го нарекуваме супериорна вокална школа добиена од видни педагози во Америка, Полска, Македонија, Франција, Германија...
Со вокалните манири на авторитетен концертен пејач, Арсенски моќно навлегуваше с` повеќе и повеќе во филозофијата на песните на Шуман со јасна дикција со романтичен манир препознатлив за него и Форе, со импресионистички колорит на Дебиси и секако со силна доза на она своето во македонскиот идиом во соло песните Залез, Марика мома убава и Галебе мој. Внимателно со адекватен интензитет на звукот, со емоционално следење на изведбата на Арсенски свиреше како пијано соработник Милица Шкариќ. Таа е култивиран пијанист со изразит талент за проникнување во емотивниот свет на вокалот на Арсенски и неговите изведувачки вибрации. Па така ова дуо звучеше искрено, извонредно професионално подготвено за впечатлива интерпетација која и се допадна на публиката која патем беше во интересен состав, и млада и онаа искусна која препознава уметнички квалитет.
Го поздравуваме нашиот тенор Михајло Арсенски. Овој концерт него го потврди дека е уметник со посебна харизма и затоа треба да е што почесто присутен дома на својата концертна сцена.

 

Концерти

Препорачуваме...

ЕМС 2013 - програма

Showcases

Background Image

Header Color

:

Content Color

: