Анатомски варијации на вертебробазиларниот систем и нивните последици врз церебралната циркулација

Zylbeari, Gazmend (2026) Анатомски варијации на вертебробазиларниот систем и нивните последици врз церебралната циркулација. Doctoral thesis, Goce Delcev University, Stip, North Macedonia.

[thumbnail of ДОКТОРАТ НА ГАЗМЕНД ЗУЉБЕАРИ =ФИНАЛНА ВЕРЗИЈА =24-ЈУНИ-2026.pdf] Text
ДОКТОРАТ НА ГАЗМЕНД ЗУЉБЕАРИ =ФИНАЛНА ВЕРЗИЈА =24-ЈУНИ-2026.pdf

Download (2MB)

Abstract

Вовед: Вертебробазиларниот систем (ВБС), составен од двете вертебрални артерии (arteriae vertebrales) и базиларната артерија (arteria basilaris), претставува главен васкуларен систем за снабдување со крв на мозочното стебло, малиот мозок, таламусот, окципиталните лобуси и цервикалниот дел од ’рбетниот мозок. Нарушувањата во вертебробазиларната циркулација можат да доведат до сериозни невролошки последици, вклучувајќи исхемичен мозочен удар, транзиторни исхемични напади, вртоглавица, синкопа и други невролошки дефицити. Анатомските варијации на вертебралните и базиларната артерија можат значително да влијаат врз церебралната перфузија и хемодинамиката, зголемувајќи го ризикот од тромбози, аневризми, стенози и други цереброваскуларни нарушувања. Поради тоа, нивното детално познавање има особено значење за современата дијагностика, неврорадиолошката проценка и неврохируршкото планирање.
Материјал и методи: Истражувањето е дизајнирано како ретроспективна опсервациона студија во која беа вклучени 60 пациенти (25 жени и 35 мажи) со симптоми и состојби поврзани со вертебробазиларни нарушувања, како што се вртоглавица, цервикални тегоби, цереброваскуларни инсулти, трауми на главата и вратот и други невролошки симптоми. Пациентите беа испитувани во Одделението за неврохирургија и трауматологија при Клиничка болница – Тетово во период од една година.Испитаниците беа поделени според полот, возраста и клиничките карактеристики, при што беа формирани две возрасни групи: пациенти помлади од 45 години и пациенти постари од 45 години. Кај сите испитаници беа извршени компјутерска томографија (CT), магнетнорезонантна ангиографија (MRA), CT-ангиографија и колор-доплер ултрасонографија, со цел анализа на морфологијата, дијаметарот и анатомските варијации на вертебралните и базиларната артерија.Посебно внимание беше посветено на мерењето на внатрешниот дијаметар на десната и левата вертебрална артерија (arteria vertebralis dextra et sinistra), како и на базиларната артерија, и на нивната поврзаност со возраста, полот и клиничките симптоми кај пациентите од Полошкиот регион.
Резултати: Во ова истражување беа анализирани 60 испитаници од Полошкиот регион со цел да се утврдат морфометриските карактеристики и најчестите анатомски варијации на вертебробазиларниот систем. Резултатите покажаа дека arteria basilaris има најголем просечен дијаметар (3,22 ± 0,58 mm), додека arteria vertebralis sinistra има поголем просечен дијаметар во споредба со arteria vertebralis dextra, што укажува на доминација на левата вертебрална артерија.
Нормална анатомска конфигурација на вертебробазиларниот систем беше утврдена кај 58,3% од испитаниците, хипоплазија кај 24,6%, а долихоектазија кај 5–7%. Овие резултати се во согласност со податоците од меѓународната литература и потврдуваат дека хипоплазијата претставува една од најчестите анатомски варијации на задната церебрална циркулација.Анализата покажа дека анатомските варијации на вертебробазиларниот систем имаат значајно клиничко значење поради нивното потенцијално влијание врз церебралната хемодинамика и ризикот од вертебробазиларна инсуфициенција, транзиторни исхемични атаки и исхемични мозочни настани. Дополнително, беа утврдени разлики во морфометриските параметри во зависност од полот и возраста.Добиените резултати ја потврдуваат важноста на радиолошките методи во идентификацијата на анатомските варијации на вертебробазиларниот систем и нивното значење во клиничката практика, особено при дијагностичко проценување и планирање на ендоваскуларни и хируршки интервенции
.“Статистичката анализа беше извршена со примена на средна аритметичка вредност (X̄), стандардна девијација (SD), Student-ов t-тест и Wilcoxon-ов тест. За статистички значајни се сметаа вредностите на p < 0,05. Обработката на податоците беше спроведена со програмскиот пакет SPSS Statistics верзија 26. Резултатите се прикажани табеларно и графички и се анализирани во контекст на релевантната научна литература.Студијата беше спроведена во согласност со принципите на Хелсиншката декларација и со одобрение од Етичкиот комитет при Медицинскиот факултет во Штип и Етичката комисија при Клиничка болница – Тетово. Од сите испитаници беше добиена писмена информирана согласност за учество во истражувањето.
.
Статистички значајна поврзаност беше забележана помеѓу возраста над 45 години и зачестеноста на васкуларните варијации (p<0,05). Пациентите со анатомски варијации почесто имаа симптоми на вертебробазиларна инсуфициенција и цереброваскуларни нарушувања.
Цели: Да се утврди фреквенцијата на анатомските варијации на вертебробазиларниот систем; да се анализира нивното влијание врз церебралната циркулација и хемодинамиката; да се процени поврзаноста меѓу анатомските варијации и клиничките симптоми; да се изврши морфометриска анализа на вертебралните и базиларната артерија според пол и возраст; и да се споредат добиените резултати со податоците од современата научна литература.
Заклучок: Резултатите од истражувањето придонесуваат кон подобро разбирање на анатомските варијации на вертебробазиларниот систем и нивното влијание врз церебралната циркулација. Раното препознавање на овие варијации има значајна улога во навремената дијагноза, превенцијата и третманот на цереброваскуларните заболувања, како и во подобрувањето на неврохируршкото и неврорадиолошкото планирање.

Item Type: Thesis (Doctoral)
Subjects: Medical and Health Sciences > Basic medicine
Medical and Health Sciences > Clinical medicine
Medical and Health Sciences > Health sciences
Divisions: Faculty of Medical Science
Depositing User: Tose Krstev
Date Deposited: 29 Sep 2026 12:16
Last Modified: 29 Sep 2026 12:16
URI: https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/39161

Actions (login required)

View Item
View Item