Lazarova, Blagica (2026) Секундарни промени во меланоцитни невуси – Морфолошка студија. Doctoral thesis, Универзитет „Гоце Делчев“.
Блаѓица Лазарова дисертација - за печат .pdf - Accepted Version
Download (11MB)
Abstract
Вовед: Дијагностичкото разграничување меѓу меланомите и бенигните меланоцитни лезии претставува еден од најголемите предизвици во дерматологијата и дерматопатологијата. Иако постојат добро воспоставени клинички, дермоскопски и хистопатолошки критериуми, нивната индивидуална интерпретација често е ограничена поради меѓусебните преклопувања и контекстуалната зависност. Современите концепти сè повеќе ја нагласуваат улогата на фенотипските обрасци и ткивната микросредина во биолошкото однесување на меланоцитните лезии.
Цели: Целта на ова истражување беше да се анализираат клиничките, морфолошките, хистопатолошките како и карактеристиките на микросредината на меланоцитните лезии, да се утврди нивната униваријантна и мултиваријантна предиктивна вредност за меланом/невус и да се идентификуваат доминантни морфолошки обрасци со заедничко биолошко однесување, вклучувајќи ја и густината на маст-клетките како квантитативен маркер на микросредината.
Материјали и методи: За реализација на целите беше спроведена ретроспективно-проспективна студија на 182 меланоцитни лезии, на Одделот за патологија при Клиничка болница – Штип. Анализирани беа парафински ткивни блокови од ексцизиони биопсии со дефинитивна патохистолошка дијагноза. Хистопатолошката анализа беше изведена со оптичка микроскопија, со примена на стандардно боење со хематоксилин и еозин и хистохемиски техники (Giemsa, Alcian PAS и Elastica van Gieson). Дополнително беше одредена густината на маст-клетките. Статистичката обработка опфати дескриптивна, униваријантна и мултиваријантна анализа, како и примена на модели на машинско учење (регуларизирана логистичка регресија – glmnet).
Резултати: Од вкупно 182 лезии, 77 % беа невуси, а 23 % меланоми. Меланомите беа значајно почести кај мажите и кај пациентите ≥50 години. Хоризонталниот дијаметар (dH) имаше висока дискриминативна вредност за меланом, значително поголема од вертикалниот дијаметар (dV). Присуството на клетки со светлоклеточна цитоплазма (Ц-СКЦ) се покажа како најсилен поединечен хистолошки и независен мултиваријантен предиктор за меланом.
Промените кои имитираат немеланоцитна компонента (ПИНК), промените во екстрацелулариот матрикс (ПЕМ), интеракциските параметри (ИСС-СК) и питириспорумот беа силно меѓусебно поврзани и покажаа значајна асоцираност со бениген фенотип, карактеристичен за невусите. Густината на маст-клетките беше значајно повисока кај невусите и силно корелирана со промените кои имитираат немеланоцитна компонента и стромалните промени, а инверзно поврзана со присуството на клетки со светла цитоплазма.
Мултиваријантната анализа идентификуваше два доминантни морфолошки обрасци:
(1) морфолошки тип доминиран од присуството на клетки со светла цитоплазма и раст (Ц-СКЦ, dH, ML тип), типичен за меланомите;
(2) морфолошки тип со изразени промени кои имитираат немеланоцитна компонента, имаат промени во стромата, покажуваат интеракции со епидермисот, имаат и присуство на питироспорум и поголема густина на маст-клетките (ПИНК, ПЕМ, ИСС-СК, ПИТ, висока MCD), типичен за невусите.
Заклучок: Резултатите од оваа дисертација покажуваат дека меланоцитните лезии не треба да се интерпретираат преку изолирани дијагностички знаци, туку како интегрирани морфолошки типови. Вклучувањето на параметри од микросредината, во случајов густината на маст-клетките, придонесува кон подлабоко разбирање на биологијата на меланоцитните лезии и може да ја унапреди дијагностичката прецизност и клиничкото одлучување.
| Item Type: | Thesis (Doctoral) |
|---|---|
| Subjects: | Medical and Health Sciences > Basic medicine |
| Divisions: | Faculty of Medical Science |
| Depositing User: | Zdenka Stojanovska |
| Date Deposited: | 06 Jul 2026 07:32 |
| Last Modified: | 06 Jul 2026 07:32 |
| URI: | https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/38602 |
