Miceva, Dijana (2025) Евалуација на адхеренцијата кон терапијата со лекови кај пациенти со долготраен третман на астма и влијание врз квалитетот на животот. Doctoral thesis, Goce Delcev University - Stip.
Thesis PhD D.M..pdf
Download (3MB)
Abstract
Вовед: Астмата е хронична болест која често останува неконтролирана поради недоволно придржување - адхеренција кон пропишаната терапијата и/или неправилна техника на инхалација. За подобрување на исходите од третманот, потребно е прецизно мерење на адхеренцијата и подобрување на инхалационата техника. Во Република Северна Македонија недостасуваат валидирани инструменти за самопроценка на овие параметри. Оваа студија има за цел да ги оцени адхеренцијата, техниката на инхалација, контролата на астмата и квалитетот на животот, како и да го испита ефектот на интервенцијата на фармацевтот користејќи нови, валидирани прашалници.
Материјали и методи: Истражувањето за оваа докторска дисертација беше спроведено во два дела. Во првиот дел се спроведе пресечно опсервационо истражување со цел адаптација и валидација на прашалници. Беа вклучени 187 возрасни пациенти (>18 години), амбулантски и болнички лекувани на Клиниката за пулмологија и алергологија при Клиничкиот Центар „Мајка Тереза“ во Скопје.
Вториот дел од студијата претставува рандомизирана контролирана студија, во која пациентите беа поделени во група на испитаници (N=90; 48,13%), кај која што беше спроведена фармацевтска едукација и поддршка, и контролна група (N=97; 51,87%) без таква интервенција. Во оваа фаза беа применети валидирани прашалници за проценка на адхеренцијата кон терапијата (Medication Intake Survey Asthma – MIS-A), техниката на инхалација (Inhaler Technique Questionnaire – InTeQ), контрола на астмата (Asthma Control Questionnaire – ACQ) и квалитет на животот (EQ-5D-5L). Податоците добиени во текот на истражувањето беа анализирани со помош на софтверскиот пакет SPSS, в. 26.0. Резултатите се прикажани табеларно и графички, а беа користени соодветни статистички методи за споредба и проценка на значајноста
Резултати: Во првиот дел од студијата беше спроведена културна адаптација и валидација на македонските верзии на прашалниците Medication Intake Survey for Asthma (MIS-A) и Inhaler Technique Questionnaire (InTeQ). Процесот вклучуваше превод, лингвистичка и културна прилагодба на прашалниците за употреба кај пациенти со астма во македонското говорно подрачје, како и проценка на нивните психометриски својства.
Двата прашалника покажаа силна внатрешна конзистентност, со индекс Cronbach’s Аlpha > 0,90, што укажува на висока веродостојност и сигурност во мерењето на придржувањето кон терапијата и точноста на техниката на инхалација кај возрасни пациенти со перзистентна астма.
Во втората фаза, преку 12-месечна интервенциска студија, беа проценети ефектите од фармацевтската едукација на пациентите. Резултатите покажаа дека испитуваната група постигна значително повисок просечна MIS-A вредност (88,75 ± 13,27) во споредба со контролната (67,94 ± 22,07), што беше поврзано со подобра техника на инхалација (p=0,0001) и подобра контрола на астмата (p=0,012). Дополнително, кај испитуваната група беше забележано значително подобрување на квалитетот на живот според вкупната вредност измерена со EQ-5D-5L (p = 0,007). Овие наоди укажуваат дека фармацевтската поддршка може да има значајно влијание врз како врз клиничките, така и врз и психосоцијалните исходи кај пациенти со астма.
Заклучок: Адаптацијата и валидацијата на македонските верзии на MIS-A и InTeQ покажа висока внатрешна конзистентност и применливост во клиничка пракса. Фармацевтската интервенција значително ја подобри адхеренцијата, техниката на инхалација, контролата на астмата и квалитетот на живот кај пациентите со перзистентна астма. Овие резултати ја нагласуваат важноста на вклучувањето на фармацевтите и спроведените интервенции во грижата за пациентите со хронични заболувања. Дополнително, истражувањето резултираше со валидирани прашалници кои остануваат како доверливи и применливи инструменти во клиничката пракса.
Клучни зборови: адхеренција, прашалници, квалитет на живот, фармацевт, валицадија
| Item Type: | Thesis (Doctoral) |
|---|---|
| Subjects: | Medical and Health Sciences > Other medical sciences |
| Divisions: | Faculty of Medical Science |
| Depositing User: | Dijana Miceva |
| Date Deposited: | 30 Oct 2025 09:23 |
| Last Modified: | 30 Oct 2025 09:23 |
| URI: | https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/36647 |
