Galeva, Jordanka and Marolov, Dejan (2024) Непланираното дете на Европа, Македонија како дел од Источното прашање во 19 век и западните евроатлантски политики во 21 век. Универзитет „Гоце Делчев" - Штип. ISBN 978-608-277-050-5
Full text not available from this repository.Abstract
Падот на Берлинскиот ѕид на 8 ноември 1989 година и соединувањето на Западна
и Источна Германија во октомври 1990 година се настани кои го означија крајот на
биполарната поделеност во Европа и почетокот на интегрирањето на источните
европски земји во евроатлантските структури. Во 1990 година бројот на земјите членки
соединети во она што денес претстaвува Европска Унија (ЕУ) беа дванаесет, број кој до
2013 година се зголеми на дваесет и осум, а во 2020 година со излезот на Велика
Британија се намали на дваесет и седум. Македонија како дел од европскиот континент
уште од осамостојувањето во 1991 година се определи за евроатлантска интеграција,
а во 2005 година се стекна со статус на земја кандидат за членство во ЕУ.
Уште од самиот почеток по прогласувањето на независноста и усвојувањето на
уставот Македонија се соочи со пречки по однос на нејзиното признавање од страна на
одредени членки на Европската Унија, стана член на Организацијата на Обединетите
Нации под привремена референца, нејзиното тогашно официјално знаме не се развеа
пред зградата на Обединетите Нации, се соочи со внатрешен вооружен конфликт, кој
беше разрешен со поддршка на меѓународната заедница, доби првично вето за влез во
НАТО, а процесот за отпочнување на преговорите со ЕУ беше неколку пати одложуван.
За земја, која брои околу 2 милиони жители, кои живеаат на 25 436 метри квадратни
територија, и која вешто ја избегна војната во кои беа вклучени поранешните
југословенски држави (чин за која беше наречена оаза на мирот), земја која прва од
регионот го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација и отпочна со примена на
сите политики кои ги наложуваше меѓународната заедница, земја која направи
суштински измени во однос на одредени конститутивни државни елементи, после 33
години независност и 19 години кандидатски статус, се чини како сѐ уште да се наоѓа на
почетната точка, со таа разлика што ентузијазмот кој владееш во периодот на првата
половина од независноста, сега скоро и да не постои.
Од геополитички аспект, денешната македонска држава не може да се вброи во
атрактивни земји доколку се земе предвид нејзината копнена местоположба, без излез
на море и не поседување на значајни енергетски ресурси. Иако се наоѓа во центарот на
Балканот низ чија територија поминуваат коридорот 8 и 10, се чини дека ова парче земја
имало поголема значајност во минатото, кога претставува крстопат помеѓу некогашните
трговски патишта: исток - запад (Via Egnatia) и север - југ (Via Militaris), отколку денес.
Тргнувајќи од фактот дека денешниот статус на македонската држава во
меѓународните односи зависи од политиките на одредени држави, дојдовме до идеја да
се вратиме во историјата и да ги најдеме корените на овие политики и на одредени
оспорувања, кои после век и половина сѐ уште тлеат, се актуелни и претставуваат
пречка за непречен развој на државата општо и во контекст на евроинтегративниот
процес.
Се чини дека Македонија била непланирано дете на Европа, и тогаш и денес,
заради која причина прашањето кое си го поставивме пред да почнеме со пишување на
овој монографски труд е: зошто за оваа територија во 19 век, кога се формираат
националните држави, никој не се залага да се оствари како државна единка, а денес
во 21 век истата како оформена држава, на еден дел од географскиот регион
Македонија, повторно е оспорувана и се соочува со пречки на својот пат кон Европската
Унија.
Преку компарација на двата периода во кои се третира македонското прашање,
нашата цел е да се види кои се политиките на големите сили во однос на создавање на
македонската држава во деветнаесеттиот век и какви политики води меѓународната
заедница (ООН, ЕУ, НАТО) и одделни нејзини членки кон македонската држава во
дваесет и првиот век. Секој оној што ја познава македонската историја, го познава и
тешкиот и мачен пат за создавањето на македонска држава што најавтентично може да
се отслика преку она што Виктор Берар го напишал во La Revue de Paris, во јуни 1903
година „солунските динамитчии му покажаа на светот дека Македонецот знае да умира...Македонците сакаат нивната Македонија да послужи како нишка меѓу
различните нации и јазици„. Еден век подоцна се чини дека во евроатлантскиот процес
овој мачен пат Македонија повторно го преживува и оди.
Преку компаративна анализа на политиките и договорите на големите сили, на
балканските држави и на меѓународната заедница, се обидовме да дадеме една
детална и јасна слика на целокупната историска и политичка ситуација, пред и после
создавањето на македонската држава. Оттука сметаме дека овој монографски труд со
својот интердисциплинарен пристап претставува значаен придонес во науката за
меѓународните односи и за други сродни научни дисциплини. Веруваме дека истиот ќе
им биде од помош како на студентите, така и на академскиот кадар, но и интересно
четиво за сите оние кои длабински и детално се заинтересирани да ја запознаат
македонската историја, од аспект на меѓународните односи.
Item Type: | Book |
---|---|
Subjects: | Social Sciences > Law Social Sciences > Political Science |
Divisions: | Faculty of Law |
Depositing User: | Dejan Marolov |
Date Deposited: | 17 Jun 2024 11:33 |
Last Modified: | 17 Jun 2024 11:33 |
URI: | https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/34285 |
Actions (login required)
View Item |