Стратешки документи на Комората

Azeski, Branko and Lazarov, Darko (2024) Стратешки документи на Комората. Economic Chamber of North Macedonia.

[thumbnail of Strateshki dokument na Komora.pdf] Text
Strateshki dokument na Komora.pdf

Download (307kB)

Abstract

Стопанската комора на Северна Македонија е институција која во изминатите две декади одигра значајна улога во развојот на македонскиот бизнис и на националната економија, во целина. Многу поважно, Комората денес со своите капацитети, знаење и искуство содржано во концептот ,,Комора на иднината“ има кредибилитет и авторитет да го понуди идниот патоказ за економскиот развој на земјата во следните 10 години базиран на Декларацијата којашто беше донесена од страна на Комората.
Комората во изминатите 20 години помина низ еден еволуциски процес кој секогаш беше во корелација со предизвиците со кои се соочуваше бизниссекторот и македонската економија. Имено, Комората во 2004-2005 година се соочуваше со еден тежок период проследен со сериозни предизвици и премрежја кои во тој период ја одредувaа судбината дали, воопшто, ќе може институционално да опстои како таква.
Особена заслуга за зачувување на Комората во тој период имаше Одборот за трансформација на Комората составен од 8 претставници на бизнисот: Сава Димитрова, Бранко Азески, Трајче Леов, Шефки Идризи, Исак Шеху, Стојан Давчев, Јорго Ќукa и Раде Трајковски. Овој Одбор за трансформација на Комората изработи план за преструктурирање во согласност со одредбите на новиот закон од декември 2004 година и ги постави идните правци на работење на Комората.
Во периодот 2005-2010 година главниот приоритет на Комората беше насочен кон подигнување на институционалните капацитети и финансиско стабилизирање во услови на нов плуралистички коморски систем базиран на доброволно членство. Во тој процес наш менторски партнер беше Белгиската комора која даде голем придонес во процесот на трансформирање и на градење современ концепт по примерот на коморите во западноевропските земји.Периодот 2010-2015 година е период кога Комората во една фаза на созреаност, екипирана со помлада генерација на бизнислидери поддржани од постарата генерација бизнисмени, ја наметна потребата од промена на тогашниот модел на економски развој на земјата со нов економски модел базиран на неколку фундаментални постулати. Прво, заокружување на темелните принципи на пазарната економија како основа за поставување на функционален економски и правен систем. Второ, системско поттикнување на инвестициите на приватниот сектор и поддршка на извозот. Трето, интензивирање на капиталните инвестиции на државата со цел модернизација на инфраструктурата и градење поголеми енергетски капацитети.
Периодот 2015-2020 година е период кога Комората преку внатрешно кадровско екипирање и анимирање млади кадри влезе во процес на креирање нова стратегија за раст базиран на модерна реиндустријализација и структурна трансформација на извозниот сектор. Главните столбови на таа стратегија беа презентирани на научната конференција одржана на 4 и на 5 октомври 2018 година во Охрид, во организација на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Народната Банка на Република Македонија и Владата на Република Македонија. Во рамки на новата стратегија за раст чии автори се Бранко Азески и проф. д-р Дарко Лазаров, Комората ги постави индустријата и извозот како главни приоритети на кои треба да почива идниот економски развој на земјата, со посебен фокус на потребата од преструктурирање и од технолошко унапредување на македонската индустрија и поттикнување на извозот на производи и на услуги со поголема домашна додадена вредност.
Во периодот по 2020 година, ценејќи го севкупниот амбиент создаден на меѓународен план, тешките регионални проблеми и слабостите во сопствената земја и во контекст на постојните кризи од 2008 година наваму, Комората одлучи дека е потребно на јавноста да ѝ ги соопшти своите ставови на прецизен и на едноставен начин, за да може да биде разбрана од секого.
За таа цел, собранието на Стопанската комора на Северна Македонија на 14.07.2022 година ја донесе Декларацијата за општествен консензус за економски реформи, политики и мерки која ги адресира клучните проблеми и јасно и недвосмислено ги поставува главните приоритети за забрзување на економскиот раст на земјата во следните 10 години преку воспоставување нов рамковен договор и општествен консензус за клучните економски реформи, политики и мерки.
Клучните приоритети кои произлегуваат од Декларацијата се сублимат на многу стручни анализи, научни истражувања, студии, согледувања, дебати и консултации што Комората ги има направено во целиот изминат период со крајна цел да понуди еден стратешки пристап во идниот развој на македонската економија и да ги одреди насоките на идното делување, како најголема бизнисасоцијација во државата.
Стратешките документи на Комората во себе ги вклучуваат сите
компоненти што треба да ги содржи една стратегија за развој: 1) Анализа на тековната состојба и адресирање на клучните проблеми и предизвици со кои се соочува бизниссекторот и македонската економија; 2) Јасни стратешки цели и приоритети кон кои треба да се стремиме како национална економија во иднина и 3) Конкретен план базиран на јасни чекори како да се остварат тие стратешки цели и приоритети преку точно дефинирани економски реформи, политики и мерки.

Item Type: Book
Subjects: Social Sciences > Economics and business
Divisions: Faculty of Economics
Depositing User: Darko Lazarov
Date Deposited: 20 May 2024 11:01
Last Modified: 20 May 2024 11:01
URI: https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/34090

Actions (login required)

View Item View Item