Образование и стручно усовршување на наставниците во наставата на босански јазик во Косово

Bangoji, Salija (2023) Образование и стручно усовршување на наставниците во наставата на босански јазик во Косово. Doctoral thesis, Faculty of Educational Sciences.

[thumbnail of Salija doktorski trud.pdf] Text
Salija doktorski trud.pdf

Download (1MB)

Abstract

Постојаните промени во сите сфери на животот, вклучително и промените во сферата на образованието, наложуваат потреба од континуирано стекнување на знаења, таканаречено доживотно образование. Целта на овој труд е да се потврдат позитивните страни на стручното усовршување на наставниците. Предмет на трудот претставува примената на стекнатото знаење во практиката. Стручните компетенции на наставниците имаат огромно значење за секоја земја, бидејќи преку работата на просветните работници се темели основното знаење, навиките и вештините на децата. Современите образовни технологии во светот се насочени кон доживотно образование – учењето.
За стручното усовршување на наставниците се подготвуваат различни стратегии, чија цел е подобрување и менување на наставниот процес. Во Европа, па и кај нас, постојат многу модели на стручно усовршување на наставниците со цел тие да ги применат новостекнатите знаења и да ги внесат во секојдневната работа и на тој начин да го подобрат квалитетот на наставата. Исто така преку стучното усовршување се дава можност за стекнување знаења и вештини со кои ќе се обезбеди успешна соработка со училишната управа, со колегите, а ќе се создаде и адекватен однос и соработка со родителите во правилното воспитување и образование на учениците. Наставниците поради стручното усовршување користат различни програми, семинари, курсеви, работилници, конференции, истражувања итн.
Во зависност од типот на наставата и научно-технолошката револуција, се менуваат и задачите и улогата на наставниците во образовниот процес. Јасно е дека во традиционалната настава наставникот се залагал за монолог, учење напамет, репродукција на она што тој го предава, наоѓање на грешки поради оценување, додека наставникот во современата настава тежнее да ги насочи учениците кон истражување, креативност, дијалог, ги поттикнува учениците во барање на најдобри решенија во учењето, што претставува поголема слобода на дејствување на наставникот.
За односот на наставникот кон наставните задачи и кон учениците во процесот на учење го наведуваме следново: „Во поновата концепција на наставната технологија присутно е сфаќањето според кое поимот за задолжителна технологија не е веќе само група на ознаки за примена на технички медиуми во наставата, туку наставна технологија која значи и примена на различни постапки, методи, научни принципи, модели и теории за решавање на наставните проблеми, како и нови односи помеѓу наставниците и учениците во процесите на учење“ (Mate Zaninović 1988).
Одовде јасно се гледа дека предизвиците за наставниците се поголеми, како во сопствениот професионален развој, така и во стручното усовршување и подготовка на наставниот процес со нови компетенции и улоги во педагошката работа. Исто така може да се нагласи дека во образованието се поставуваат нови барања, а од наставниците се очекуваат промени, иако начинот на нивната подготовка се менува мошне споро и во помала мера. „Не е реално очекувањето дека наставникот, кој во текот на своето сопствено школување бил изложен на традиционална настава, ќе биде способен дека утре, од улогата на наставник што ја има, поинаку ќе размислува а уште помалку и поинаку ќе работи“ (B. Vlahović i N. Vujisić – Živković 2005: 41).
Целта на овој труд е да се провери положбата на ученикот во основните и нижите средни училишта во Косово во наставата на босански јазик. Со истражувањето сакаме да добиеме увид за вклученоста на учениците во донесувањето на одлуки во училиштето, каков е односот помеѓу учениците и наставниците, каков е односот помеѓу самите ученици и каква е безбедноста на учениците во училиштето.
Како што наведовме, училиштето е место каде што сите активни учесници треба да негуваат добри меѓусебни односи за да има што подобри резултати. На ученикот треба да му се овозможи да се социјализира, слободно и одговорно да учествува во работата на училиштето, а со тоа тој ќе стекне искуство и ќе му биде од корист на училиштето, заедницата на којашто припаѓа и на целото општество.
За положбата на ученикот во училиштето, најмногу се одговорни управата на училиштето и наставниците. Тие со својот пристап можат преку разбирање и ангажирање да влијаат на создавање на училишна клима, која ќе развива соработка, почит, толеранција и одговорност. Во зависност од тоа колку ќе им дозволиме на учениците да се вклучат во процесот на одлучување и во сите училишни активности, толку ќе имаме подобри меѓучовечки односи и подобро функционирање на училиштето.
Родителите малку се заинтересирани за ова, а се многу битен фактор за сите случувања и проблеми што се појавуваат и во училиштата и надвор од нив. За сето ова влијае лошото мислење на родителите за училиштата, слабата вработеност на родителите, лошите материјални примања на наставниците, кои не се максимално посветени на училиштето и опкружувањето, каде што учениците го поминуваат времето по часовите.
Во трудот сакаме да провериме каква е положбата на учениците во наставата и дали наставата се планира според потребите на ученикот или и понатаму се користи монолог, а во некои ситуации и дијалог и фронтална форма на работа. Многу одговори ќе добиеме со набљудување на наставните часови што се одржуваат во училиштата, каде што податоците ќе ги бележиме во формулари посебно изготвени за ова. Податоците што ги добивме на часовите јасно ни укажуваат на тоа дека некои наставници не ги планираат и не ги организираат часовите според современите наставни методи и техники за работа, туку го форсираат традиционалниот пристап во наставата, па сè уште во нашите училишта доминира фронталниот облик на работа, каде што наставникот го има главниот збор, а учениците доаѓаат до израз во помала мера и имаат помала можност да го искажат своето мислење и активно да учествуваат во работата и затоа и понатаму се пасивни примачи на факти и готови мислења. Во многу ситуации, кога станува збор за интеракција во наставата помеѓу учениците и наставникот, се случува прашањата што ќе ги постави ученикот да не се во согласност со наставната содржина и врз основа на тоа се отежнува процесот на заемно учење во наставата.
Стратегиите за соработка и облиците на работа често се спомнуваат и постои сè поголема желба за реформи во образованието, но многу тешко се оттргнуваме од долгогодишната традиција. Многу педагози истакнуваат кои се предностите на активното и заедничкото учење и ги создаваат потребните материјални услови за реализација, а денешната настава наложува дека без двоумење треба што поскоро да се определиме за современа настава насочена кон ученикот.
Комуникацијата, како двонасочен процес, им е потребна на сите учесници во наставно-воспитниот процес, на наставниците, учениците, на родителите. Целта на овој труд е да опишеме на кој начин се одвива комуникацијата во училницата за време на наставниот процес помеѓу наставникот и учениците, како и родителите, кои се сметаат за битен фактор во образовниот процес, па комуникацијата со нив би била од огромна корист за квалитетот и за резултатите на воспитно-образовниот процес.
Секоја активност што ја правиме со учениците претставува некаков вид на комуникација. До интеракција и поуспешен и поквалитетен наставен процес ќе дојдеме доколку комуникацијата е вистинска и слободна. Од ова произлегува дека наставникот ќе стане модерен и успешен доколку оствари квалитетна и слободна комуникација со своите ученици. Друга важна работа во врска со успехот на комникација со учениците е тоа што наставникот треба да биде свесен за своите можности и за своите особини и да го прифати ученикот таков како што е, со сите негови добри и лоши особини.
Ако наставникот се стреми во интеракцијата со учениците да оствари комуникација на повисоко ниво, тогаш се создава услов за поквалитетен наставен процес.
Наставникот, исто така, треба да се стреми да добие повратна информација од учениците било со вербална било со невербална комуникација или со вербална и невербална комуникација истовремено. Со добивање на повратна информација се добива впечаток дека пораката што ја испратил наставникот е примена и сфатена од ученикот и на овој начин ученикот се развива во демократска, истражувачки ориентирана и креативна личност која ги гради сопствените ставови.
За да биде образованието на сите нивоа во согласност со она кон што се стремиме, а тоа е унапредување на образованието и постигнување на поставените цели, треба да се придржуваме кон сите пропишани закони и законски одредби. Врз основа на законот за предуниверзитетско образование донесени се голем број администартивни уредби во кои детално се опишани правилата што треба да се почитуваат со цел да се подобри учењето и образовниот систем воопшто. Детално се обработени податоците и статистички се наведени за секоја школска година, како по број на ученици што посетуваат редовно школување, однос по пол, однос по број на ученици во однос на наставници во одделението, по постигнатиот успех спрема етничката припадност на крајот на школската година, наставничкиот кадар, т.е. квалификациите на наставниците.
Напоменавме дека во современото општество се изработуваат стратегии што ќе придонесат за подобрување на образованиот систем. Стратегиите се планираат за период од пет (5) години. Исто така и во Косово се изработуваат стратегии од страна на Министерството за образовние, наука и технологија (МОНТ). Овој стратешки план претставува основен документ за развој на образовниот систем во Косово во периодот од 2017 до 2021 година.
Со анализа на состојбата на претходната стратегија за периодот од 2011 до 2016 година се создава основа за ново петгодишно планирање коешто содржи седум тематски области што ги опфаќаат сите релевантни сегменти од образованието на Косова и тоа:
1. учество и сеопфатност
2. управување со образовниот систем
3. обезбедување квалитет
4. развој на наставникот
5. настава и учење
6. стручно образование и обука и образование на возрасните
7. високо образование.
Во овие стратегии се одредува насоката за развој на образованиот систем за одреден временски период со цел да послужи за економскиот и социјалниот развој на земјата. Секоја нова стратегија се надоврзува на претходните успеси, но се коригираат и грешките врз основа на некои неуспеси.
МОНТ исто така донесе стратегија за професионален развој на наставникот и негово напредување во кариерата, како и низа административни уредби за акредитација на програмата за стручно усовршување на наставниците. Во Косово исто така започнаа да се даваат лиценци на вработените наставници врз основа на нецелосни критериуми „коишто што имаа за цел да создадат кохерентен систем за лиценцирање и унапредување на кариерата на наставниците врз основа на нивните квалификации, искуства, стручно усовршување и учинок, систем на исплата на заработката врз основа на тие услови“ (Salija 2017: 41). Иако сето ова е убаво напишано во законите и административните упатства, сепак во практиката тоа не се применува па наставничкиот кадар се соочува со колективни тужби, кои на наставниците и на сите вработени во образовните институции им одзема енергија, материјални средства и лошо влијае врз секојдневните активности во училиштето, а со тоа и резултатите се послаби, како кај наставниците така и кај учениците.

Item Type: Thesis (Doctoral)
Subjects: Social Sciences > Educational sciences
Divisions: Faculty of Educational Science
Depositing User: Jadranka Runceva
Date Deposited: 24 Aug 2023 10:06
Last Modified: 24 Aug 2023 10:06
URI: https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/32086

Actions (login required)

View Item View Item