Влијание на фиксните ортодонтски апарати врз пародонталното здравје

Cana, Amella (2023) Влијание на фиксните ортодонтски апарати врз пародонталното здравје. Doctoral thesis, Faculty of Medical Sciences, Goce Delcev University.

[thumbnail of најпоследна верзија докторат конецна pdf.pdf] Text
најпоследна верзија докторат конецна pdf.pdf

Download (1MB)

Abstract

Вовед: За време на ортодонтската терапија со фиксни апарати, ризикот од појава на пародонтални инфламаторни лезии и деминерализација на емајлот се зголемува како резултат од редуцирањето на физиолошките механизми на самочистење и зголеменото задржување на плакот врз површината на составните елементи на фиксниот апарат, во прв ред: брекетите, тубите, прстените, лигатурите и ортодонтските жици. Овие елементи, со својот ефект на компресија, може да предизвикаат оштетување на оралната мукоза и промена на бактериската флора од квалитативна и квантитативна гледна точка.
Цел: Целта на оваа докторска дисертација беше да се утврди влијанието на различниот тип ортодонтски лигатури врз микробната колонизација на пародонтот и состојбата на пародонталните ткива преку анализа на: квантумот на пародонтопатогените од црвениот микробен комплекс, акумулацијата на денталниот плак, степенот на гингивална инфламација, изразеноста на гингиворагијата, длабочината на пародонталниот џеб и клиничкото губење на пародонталниот припој.
Материјал и метод: За реализација на поставените цели, испитувањата беа спроведени кај 24 здрави испитаници, на возраст од 13 до 18 години, од обата пола, пациенти на Клиниката за ортодонција при ЈЗУ Универзитетскиот стоматолошки клинички центар, Св. Пантелејмон, Скопје. Кај сите испитаници беа поставени фиксни ортодонтски апарати. На брекетите на десната половина од вилиците беа поставени еластични лигатури, а на левата половина жичени лигатури. Кај сите испитаници во пределот на максиларните премолари и мандибуларните инцизиви од двете страни на вилиците, на Клиниката за болести на устата и пародонтот беа определувани следниве параметри: индекс на дентален плак по Silness и Loe, гингивален индекс по Loe и Silness; Mühlemann-Son-ов индекс на крварење од сулкусот, длабочина на пародонтален/гингивален џеб и клиничко губење на припојот. За определување на микробните комплекси, односно присуството на: Porphyromonas gingivalis, Tannerella forsythia и Treponema denticola, се користеше BANA тестот. Кај секој испитаник, земањето брис и определувањето на индексните вредности беше направено во три временски интервали: Т1- пред започнување на ортодонтската терапија, Т2 - една недела и Т3 - три месеци по поставувањето на фиксните апарати. Добиените вредности за сите анализирани параметри беа статистички обработени и соодветно презентирани.
Резултати: Испитувањата покажаа дека методот на лигирање на ортодонтските брекети има значително влијание врз микробиолошката флора и пародонталниот статус кај пациентите со фиксни ортодонтски апарати. Притоа,
количеството дентален плак, инфламацијата и гингиворагијата е поназначено од двете страни на вилицата, седум дена по поставувањето на брекетите, во споредба со нивните вредности во периодот пред поставувањето на фиксниот апарат. Три месеци по поставувањето на фиксниот апарат, индексните вредности на плакот, гингиворагијата и инфламацијата значително се зголемуваа кај забите лигирани со еластични лигатури, а се намалуваа на страната каде беа поставени жичените лигатури. Длабочината на пародонталниот џеб од страната на вилицата каде беа поставени еластични лигатури, сигнификантно се зголемуваше во сите испитувани периоди, додека од страната на која беа поставени жичените лигатури не покажа значајни разлики во вредностите меѓу Т1, Т2 и Т3. Во сите испитувани периода, кај двата типа лигатури, не се забележа клиничкото губење на припојот. Анализата на ефектот на различниот тип лигатури врз квантумот на пародонтопатогените бактерии од црвениот микробен комплекс утврди значајно влијание на типот на лигатурите врз микробната колонизација на пародонтот. Вредностите на Porphyromonas gingivalis, Tannerella forsythia и Treponema denticola прогресивно се зголемуваа седум дена и три месеци по поставувањето на апаратот од страната на вилицата каде беа поставени еластичните лигатури. Од страната на вилицата со жичени лигатури, квантумот на пародонтопатогените бактерии од црвениот комплекс незначајно се зголемуваше седум дена по поставувањето и незначајно опаѓаше три месеци по ортодонтскиот третман. Анализата на разликите во квантумот на микроорганизмите од црвениот комплекс меѓу испитуваните заби лигирани со еластични и жичени лигатури укажа на сигнификантно поголеми вредности во Т2 и Т3 периодот од страната на вилицата каде беа поставени еластичните лигатури.
Заклучок: Добиените резултати во рамките на ова истражување укажуваат на важноста од методот на лигирање на брекетите како еден од неопходните услови за зачувување на пародонталното здравје кај пациентите со фиксна ортодонтска терапија. За да се превенираат или да се намалат инфламаторните несакани ефекти, покрај препораките за лигирање на брекетите со жичени лигатури, неопходни се и упатствата за одржување добра орална хигиена и редовна контрола на пациентите кај специјалист за болести на устата и пародонтот, пред и за време на терапијата со фиксните апарати.
Клучни зборови: метод на лигирање на брекети, еластични лигатури, микробиолошка флора, пародонтален статус, фиксни ортодонтски апарати

Item Type: Thesis (Doctoral)
Subjects: Medical and Health Sciences > Clinical medicine
Divisions: Faculty of Medical Science
Depositing User: Ivona Kovacevska
Date Deposited: 30 May 2023 09:34
Last Modified: 30 May 2023 09:34
URI: https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/31837

Actions (login required)

View Item View Item