Nikolovski, Bruno (2020) Евалуација на методи за рана детекција на оралните премалигни и малигни лезии. Doctoral thesis, Стоматолошки факултет, Универзитет Св. Кирил и Методиј.
This is the latest version of this item.
Text (Evaluation of early detection methods of oral premalignant and malignant lesions)
DOKTORAT - Evaluacija na metodi za rana detekcija.pdf - Published Version Download (3MB) |
|
Video
20.500.12188/21445 - Published Version Download (16kB) |
Abstract
И покрај бројните достигнувања и новини во третманот на малигните заболувања во последните 50 години, само 50% од случаите со орален канцер постигнуваат пет годишно преживување. Ниската стапка на преживување на пациентите заболени од орален карцином може да се припише на напреднатиот стадиум на болеста во моментот на дијагностицирањето, бидејќи повеќе од 60% од пациентите се јавуваат на преглед во поодминат клинички стадиум на болеста. Еден пристап кон решавање на овој проблем е да се подобри способноста и подготвеноста на лекарите навремено преку примена на современи дијагностички постапки за идентификување на потенцијално малигни лезии како и почетните но и асимптомни канцерозни лезии да го детектираат оралниот карцином во нивната најрана можна или почетна фаза.
Земајќи ги во предвид бројните литературни податоци во кои се елаборирани позитивните и негативни искуства од примена на дополнителни современи дијагностички процедури во детекција на оралните малигни и премалигни лезии, а во недостаток на посуптилни студии изведени кај нас, ги поставиме основните цели на ова истражување:
• Да ја одредиме точноста на клиничката инвестигација со инспекција и палпација во детекцијата на премалигни и малигни лезии
• Да ја утврдиме точноста, сензитивноста (Se) и специфичноста (Sp) на тестот со толуидин сино во детекција на премалигни и почетни малигни лезии во споредба со златниот стандард хируршка биопсија
• Да ја утврдиме точноста, сензитивноста (Se) и специфичноста (Sp) на тестот со клеточна ексфолијативна цитологија во детекција на премалигните и почетни малигни лезии во споредба со златниот стандард - хируршка биопсија
• Да ја утврдиме точноста, сензитивноста (Se) и специфичноста (Sp) на Velscope скрининг методот во детекција на премалигните и почетните малигни лезии во споредба со златниот стандард - хируршка биопсија.
• Да ја процениме ефикасноста во дијагностицирањето на потенцијално малигните и малигни лезии кога клиничкиот преглед се комбинира со една од наведените скрининг методи.
За реализација на поставените цели во истражувањето беа вклучени вкупно 120 испитаници поделени во две групи: испитувана и контролна група. Испитуваната група ја сочинуваа 90 пациенти со дијагностицирани малигни, потенцијални малигни и суспектни малигни лезии. Испитуваната група беше поделена на три подгрупи. Првата подгрупа ја оформија 30 пациенти со клинички потенцијално малигни орални лезии. Триесет пациенти со клинички високо суспектни орални лезии за малигнитет беа вклучени во втората подгрупа испитаници, додека пак третата подгрупа испитаници ја оформија 30 пациенти со претходна историја на малигно орално заболување.
Контролната група ја сочинуваа 30 пациенти со здрава и интактна орална слузокожа.
Сите избрани пациенти се проследени според дијагностички протокол на заболувањето (American Joint Commission on Cancer), со претходна предоперативна подготовка, дијагностика, хируршка ексцизија и постоперативно клиничко следење. Изборот на пациентите во испитуваната и контролната група беше направен според одредени критериуми за вклучување и исклучување од студијата.
Реализација на истражувањето (селекцијата на учесниците од испитуваната група) е спроведена на Универзитетската клиника за максилофацијална хирургија при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје и Клиниката за болести на устата и пародонтот при Универзитетскиот стоматолошки клинички центар “Св. Пантелејмон” во Скопје. Во цитираните институции е реализиран клиничкиот преглед и спроведени се дијагностичките постапки (витално боење со Толуидин сино, орална ‘’brush” биопсија и примена на Velscope имиџинг системот) кај групата испитаници од сите три подгрупи.
Патохистолошката анализа на примероците од испитуваната група се изведуваше на Институтот за патолошка анатомија на Медицинскиот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје.
Статистичка обработка на резултатите - Базата на податоци е анализирана со статистичките програми STATISTICA 7.1 и SPSS for Windows ver. 20. Статистичките серии, според дефинираните варијабли од интерес се табеларно и графички прикажани.
Со евалуација на резултатите добиени од нашето истражување докажавме дека двете скрининг методи, витално боење со толуидин сино - ТС и оралната Brush биопсија имаат значајна дијагностичка вредност кај сите три групи испитаници, со поголема дијагностичката вредност на двете методи кај пациентите со високо суспектни лезии за ОСЦК.
VELscope методот во ова истражување даде најслаби резултати во детекција на дисплазија и ОСЦК особено во групата на пациенти со потенцијално малигни заболувања (N1). Исто така овој метод дава повеќе лажно позитивни резултати и може да предизвика стрес кај пациентот и непотребни дополнителни интервенции. Примена на VELscope системот како дополнително средство за детекција, има значајна дијагностичка вредност кај пациентите со орални лезии високо суспектни за карцином (N2), како и кај пациентите со орални лезии и претходна историја на малигно орално заболување – локални рецидиви (N3).
Комбинацијата на методите КОП и оралната Brush биопсија се покажа како најдобра опција во детекција на оралните потенцијално малигни и малигни лезии и ја препорачуваме како најдобара скрининг постапка особено за пациентите со долготрајни премалигни лезии и кај високо ризичните пациенти.
Во специјалистичките стоматолошки ординации каде има најголема фреквенција на пациенти, најточна, најлесна и неинвазивна скриниг метода е комбинацијата на КОП и витално боење со Толуидин сино. Сугерираме Толуидин сино методот да биде составен дел на скринингот за орален канцер во секоја специјалистичка стоматолошка ординација.
За следење на потенцијално малигни заболувања во стоматолошките ординации преферабилен избор е КОП во комбинација со ТС методот, но при дијагностицирање на лезии кои се високо суспектни за карцином препорачливо е покрај КОП да се примени оралната Brush биопсија како поточен и посигурен скрининг метод. Позитивните резултати и резултатите кои оставаат сомнеж од предложените скриниг методи КОП и Толуидин сино или КОП и оралната Brush биопсија мораат во најбрз временски период со хируршка биопсија да бидат проследени преку патохистолошка анализа.
Item Type: | Thesis (Doctoral) |
---|---|
Subjects: | Medical and Health Sciences > Basic medicine Engineering and Technology > Chemical engineering Natural sciences > Chemical sciences Medical and Health Sciences > Clinical medicine Medical and Health Sciences > Health biotechnology Medical and Health Sciences > Health sciences Engineering and Technology > Materials engineering Engineering and Technology > Medical engineering Medical and Health Sciences > Other medical sciences |
Divisions: | Faculty of Medical Science |
Depositing User: | Bruno Nikolovski |
Date Deposited: | 26 Jan 2023 20:05 |
Last Modified: | 26 Jan 2023 20:05 |
URI: | https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/30872 |
Available Versions of this Item
-
Евалуација на методи за рана детекција на оралните премалигни и малигни лезии. (deposited 14 Dec 2022 10:31)
- Евалуација на методи за рана детекција на оралните премалигни и малигни лезии. (deposited 26 Jan 2023 20:05) [Currently Displayed]
Actions (login required)
View Item |