Егејската тема во современата македонска проза низ модалитетите на домовноста

Kozinkova, Vesna (2015) Егејската тема во современата македонска проза низ модалитетите на домовноста. Doctoral thesis, Филолошки факултет „Блаже Конески“ Скопје.

[thumbnail of Vesna Kozinkova doktorska disertacija.pdf] Text
Vesna Kozinkova doktorska disertacija.pdf

Download (1MB)

Abstract

Бездомноста претставува општа појава во 20 век. Ако внимателно погледнеме во историјата на повеќе помали или поголеми заедници, ќе се соочиме со колективни трауми кои, пред сѐ, се однесуваат на домот и обездомувањето, т.е. губењето на домот како резултат на изменети и конфликтни политички околности. Литературата т.е писмото, во тој случај се јавува како конзерватор на таквите историски трауми со цел зачувување од заборавот. Целта на овој труд е да ги опише модалитетите низ коишто може да се оствари домовноста и домувањето. Токму затоа клучен концепт кој го третира тој е концептот на Домот. Тој претставува една своевидна сигнатура на идентитетот, еден негов идентификатор според кој единката најчесто одговара на егзистенцијалните прашања поврзани со човековиот живот и неговата смисла. Тој е настанат како резултат на потребата на човекот себеси да се доживее и како еден посебен изолиран дел од светот, но и како дел од светот. Токму затоа во концептот Дом е вклучен и Домот сфатен како физичко место и како место на емоции и припадност. Тој концепт овој труд го анализира низ неговите модалитети: 1.Обездомување, 2. Вдомување, 3. Враќање и 4. Светот како Дом. Тие модалитети во себе го вклучуваат негативното и позитивното искуство на домот и домувањето. Со оглед на тоа дека литературата е местото на конзервирање на сеќавањето, дека е местото во кое се запишани и се запишуваат сите колективни трауми кои во својата историја, по правило, ги има речиси секоја заедница, анализата на тие модалитети е направена врз примери од романи кои во македонската литература претставуваат еден тематски комплекс познат под името егејска тема. Една од трауматичните точки во поновата македонска историја е егзодузот на Македонците од егејскиот дел на Македонија, кој тогаш, а и денес припаѓа на Грција како нејзин северен дел. Нивниот егзодус настана како резултат на Граѓанската војна во Грција која се случи по завршувањето на Втората светска војна. Во услови на на загрозена егзистенција од сите аспекти, македонскиот народ под силен притисок на асимилација е принуден на бегство. Тоа бегство во тој момент има привремен карактер и неговото траење е врзано со поминувањето на војната. Но историските околности покажаа дека привремено напуштениот дом за Македонците стана трајно загубен дом. Тие никогаш повеќе не се вратија на своето родно тло, макар само во посета. Нивниот живот продолжи да тече на друго место, на место каде ги однесе судбината, место кое во нивното ментално доживување треба да стане новиот дом. Овој труд, токму врз примерот на егзодусот на егејските Македонци, ги опишува сите негативни модалитети на домовноста: 1. Загубата на Домот која се случи по нивното обездомување како резултат на етничкото чистење и насилно протерување; 2. Проблемот со нивното вдомување во нова култура, прифаќањето на новата култура, но и пренесувањето на своите културни вредности и традиции во таа култура; 3. Враќањето на родното тло – нешто што како искуство на домувањето го имаа само поединци. Овие негативни искуства на домот и домувањето настанаа како резултат на нивното дисхармонично искуство со домот кое претставува едно трајно и болно разидување меѓу просторот и човекот и неможноста тој да го препознаат како таков и да се соживеат со него. Таквото искуство се случи како резултат на променетите животни околности кои придонесоа домот во нивната ментална слика да стане туѓо место коешто до степен на непрепознавање се афирмира во нивната интима и нивното интимно доживување на домот. Домот доби репресивна функција, тој стана место на зазор и одбивање.
Всушност, сознанието до кое доаѓаат оние коишто се враќаат е дека Домот не е конкретно место, не е никаков физички простор, туку нивното доживување на Домот генерира една екстериторијалност на Домот, т.е. еден принцип на безмесност. 4. Тој принцип означува една состојба која најопшто може да се опише како состојба на непоседување на никакво место, но која не значи и исчезнување на идентитетот. Основа за овој модалитет на домовноста, кој овој труд го именува со Светот како дом, лежи во поимот на Хајдегер за бездомништво, кое не е никакво отпадништво, туку бездомништво кое во себе носи еден активен принцип на домувањето кој значи повик за живот, за изградба, потрага по смислата на животот. Тоа е оној тип на бездомништво како ситуација во која единката чувствува дека никаде не е дома, а всушност секаде е дома. Наеднаш домот од место станува чувство повразно со оддредено време и одредени луѓе, од физичка станува ментална категорија во која се актуелизира равенката меѓу домот и личните емоции. Тоа произведува една состојба на повеќекратна вдоменост, на припадност кон повеќе култури, а не само на изворната. Овој модалитет на домовноста, за разлика од претходните, во својата основа претставува еден позитивен пример за една перспективна вдоменост, еден оптимистички поглед кон домот и домувањето. Според него, човекот како граѓанин на светот може да го реставрира својот Дом повеќепати, да го гради, пресоздава. Да го бара и да го наоѓа постојано и секој нов Дом да биде негова нова татковина. Таквото постојано создавање и пресоздавање се остварува само преку доживувања кои ги надминуват границите на физичкото и тактилното: преку љубовта, чувството на припадност и секако преку уметноста како Дом. Затоа во овој труд овој последен модалитет се афирмира како позитивен, со оглед на тоа што сугерира едно позитивно искуство на домувањето. Темите за домот и домувањето, за потрагата и пронаоѓањето на домот се теми кои отсекогаш го импресионирале човековото љубопитство. Доволно е да се потсетиме на примерите на обездомување и потрага по Домот уште од најстарите литератури за да ја сфатиме нејзината универзалност. Останува впечатокот дека со овој труд ние се обидовме да ги погледнеме модалитетите на домовноста и истите да ги препознаеме врз примери од современата македонска литература со предзнак егејска, но дека не донесовме некакви конечни заклучоци. Причината за тоа секако лежи во фактот дека такви заклучоци не може и не треба да има со оглед на перспективната и оптимистичка димензија на домовноста.

Item Type: Thesis (Doctoral)
Subjects: Humanities > Languages and literature
Divisions: Faculty of Philology
Depositing User: Vesna Kozinkova
Date Deposited: 23 Nov 2022 08:51
Last Modified: 23 Nov 2022 08:51
URI: https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/30518

Actions (login required)

View Item View Item