Когнитивно функционирање и квалитет на живот кај пациенти со шизофренија

Memedi, Imran (2022) Когнитивно функционирање и квалитет на живот кај пациенти со шизофренија. Doctoral thesis, Универзитет „Гоце Делчев“ Штип.

[thumbnail of FINALNA-Dr Imran Memedi.pdf] Text
FINALNA-Dr Imran Memedi.pdf

Download (5MB)

Abstract

Вовед: Шизофренијата претставува хетероген синдром кој се карактеризира со позитивни и негативни симптоми; намалено когнитивно функционирање; сензомоторен дефицит и дефицит во функционалните вештини; со промени во емоционалната и бихевиоралната сфера, секојдневни функционални потешкотии и намален квалитет на живот. Когнитивните потешкотии се моќен индикатор на функционалноста и се од суштинско значење за адаптивна способност во околината, што доведува до низок функционален статус на глобален план кај пациентите со шизофренија и намален квалитет на живот. Раното препознавање и детектирање на доминантната клиничка манифестација и функционалните оштетувања придонесуваат за унапредување и усовршување на третманот и рехабилитацијата во насока на подобрување на секојдневното функционирање во животот на пациентите со шизофренија.
Цел: Основна цел на ова истражување беше да ја утврдиме врската меѓу позитивните и негативите симптоми на шизофренијата, когнитивното функционирање и квалитетот на живот кај пациентите со прва епизода на шизофренија и хронична шизофренија. Непосредни цели беа да утврдиме кои домени на когнитивното функционирање влијаат врз квалитетот на живот кај пациентите со шизофренија и дали терапискиот приод влијае врз подобрување на когнитивното функционирање.
Метод: Во истражувањето беа вклучени 106 испитаници од машки и женски пол, на возраст од 18 до 60 години, со дијагноза шизофренија, поставена според дијагностичките критериуми на Меѓународната класификација на болестите – МКБ 10, лекувани во ЈЗУ Психијатриска болница Скопје - Скопје, и ЈЗУ Универзитетска Клиника по психијатрија - Скопје во текот на 2021 година. Испитаниците беа поделени во две групи: првата група се пациенти со шизофренија во прва епизода на болеста и втората група се пациенти со хронична шизофренија. Во текот на истражувањето беа применети следниве мерни инструменти: Прашалник за демографските и клиничките карактеристики, PANNS за проценка на позитивниот и негативниот синдром на шизофренијата, SCoRS за проценка на когнитивното функционирање кај шизофренијата и WHOQOL – BREF за проценка на квалитетот на живот.
Резултати: Истражувачките резултати ни покажуваат дека квалитетот на живот, даден преку домените: физичко здравје, психичко здравје, социјални релации и животни услови, зависи од сите домени на когнитивното функционирање и негативните симптоми на болеста. Хроничниот тек на шизофренијата придонесува за поизразено редуцирање на квалитетот на живот кај испитаниците со шизофренија. Истовремено, пациентите со акутна шизофренија имаат изразен когнитивен дефицит, во однос на пациентите со хронична шизофренија, но адекватниот третман доведува до подобрување на когнитивното функционирање кај пациентите со шизофренија. Полот, возраста, образовното ниво, брачниот статус и психопатолошките симптоми влијаат врз когнитивното функционирање и квалитетот на живот кај испитуваните субјекти со шизофренија.
Заклучок: Когнитивното функционирање претставува една од основните карактеристики на болеста, кое заедно со психопатолошките симптоми, влијае врз квалитетот на живот на пациентите со шизофренија. Врз основа на теоретската анализа и епириските податоци, можеме да кажеме дека ги постигнавме поставените цели, и ова истражување остава простор за практична примена на резултатите во клинички контекст и во секојдневниот живот. Истовремено претставува и стимул за понатамошни нови научни истражувања кои ќе овозможат подобро разбирање на овој комплексен проблем.
Клучни зборови: шизофренија, акутна фаза, хронична фаза, когнитивно функционирање, позитивни и негативни симптоми, квалитет на живот.

Item Type: Thesis (Doctoral)
Subjects: Medical and Health Sciences > Clinical medicine
Divisions: Faculty of Medical Science
Depositing User: Lence Miloseva
Date Deposited: 01 Nov 2022 08:50
Last Modified: 01 Nov 2022 08:50
URI: https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/30395

Actions (login required)

View Item View Item