Улогата на витаминот Д кај пациенти со КОВИД-19 и негова поврзаност со воспалителните биомаркери

Pop-Kostova, Ankica (2022) Улогата на витаминот Д кај пациенти со КОВИД-19 и негова поврзаност со воспалителните биомаркери. Doctoral thesis, Goce Delcev University.

[thumbnail of Doktorski trud_Ankica Pop-Kostova- KONECNA 20.07-PDF.pdf] Text
Doktorski trud_Ankica Pop-Kostova- KONECNA 20.07-PDF.pdf

Download (1MB)

Abstract

Вовед. Лабораториските анализи кај пациенти со КОВИД-19 се од големо значење за правилен пристап кон пациентот, како при самото поставување на дијагнозата, така и при понатамошното лекување. Клиничките податоци укажуваат дека висок процент од пациентите со КОВИД-19 развиваат абнормален инфламаторен одговор, што може да прогресира кон мултиорганска инсуфициенција и смрт. Неодамнешните истражувања укажуваат на постоење на комплексна интеракција помеѓу вирусните инфекции и витаминот Д. Во таа смисла, заштитниот ефект на витаминот Д е покажан во многу состојби поврзани со пневмонија и хиперпродукција на цитокини. Целта на оваа докторска дисертација беше да се изврши анализа на концентрациите на витаминот Д кај пациенти со КОВИД-19, паралелно со вредностите на циркулирачките ензими: AST, ALT, GGT, LDH, CK и CK-MB, вредностите на инфламаторните биомаркери Ц-реактивен протеин (CRP) и интерлеукин 6 (IL-6), бројот на леукоцити (white blood cells - WBC), брзината на седиментација на еритроцити (Se), феритинот (FER) и серумското железо (iron - IRN), зависно од тежината на клиничката слика.
Пациенти и методи. Оваа студија е дизајнирана како ретроспективна опсервациска студија и беше започната после одобрувањето од страна на Етичката комисија при Јавната здравствена установа - Градска општа болница „8-ми Септември“ - Скопје. Студијата вклучува вкупно 115 пациенти поделени во две групи: А група - асимптоматски и лесни случаи на пациенти со КОВИД-19, N=55 (36 мажи и 19 жени; средна возраст: 53.3 ± 1.4 год.) и Б група – средно-тешки и тешки случаи на пациенти со КОВИД-19 на кои им беше потребно сместување во болничка установа, N=60 (38 мажи и 22 жени; средна возраст: 56.1 ± 1.3 год.). Сите пациенти имаа позитивен PCR-тест за SARS-CoV-2 и беа пријавени за преглед на Тријажниот центар и Инфективната амбуланта во болницата. Тешките случаи понатаму беа хоспитализирани на одделите за лекување од COVID-19. Анализирани се следните клиничко-биохемиски параметри: AST, ALT, GGT, LDH, CK и CK-MB, CRP, IL-6, WBC, Se, FER и IRN. Студијата е изработена во периодот септември - декември 2020 година.
Резултати. Не беше регистрирана сигнификантна разлика во однос на возраста кај двете групи пациенти. При првиот преглед, пациентите кои подоцна развиваа средно-тешка и тешка клиничка слика на КОВИД-19 имаа повисоки вредности на испитуваните циркулирачки ензими: AST, ALT, GGT, LDH, CK и CK-MB во споредба со асимптоматските и лесните случаи. Средните вредности на AST, GGT и LDH беа сигнификантно повисоки кај пациентите од Б групата во однос на А групата. Во текот на лекувањето кај дел од овие пациенти циркулирачките ензими се враќаа во рамките на референтните вредности, додека кај дел од нив вредностите драстично се зголемуваа.
Средните вредности на Se, WBC, CRP, IL-6 и FER беа повисоки кај пациентите од Б група во однос на А група. Изразито висока статистичка сигнификантност беше регистрирана кај параметрите CRP и IL-6, додека висока статистичка сигнификантност беше регистрирана кај параметрите Se и FER. Средната вредност на IRN беше сигнификантно пониска кај пациентите од Б група споредено со А група. Регистриравме статистички сигнификантна позитивна корелација помеѓу CRP и IL-6 и кај двете групи испитувани пациенти. Серумското железо покажа значајна инверзна корелација со CRP и IL-6, но само кај пациентите од А група.
Статистичката анализа на нашите податоци демонстрираше високо сигнификантна разлика во однос на серумските концентрации на витаминот Д, кои беа сигнификантно пониски кај пациентите од Б група во однос на А група. Дополнително беше извршена анализа на влијанието на полот врз вредностите на параметрите од интерес. Нашите резултати покажуваат дека ниските нивоа на витамин Д може да претставуваат значаен фактор на ризик за развој на болеста и се поврзани со половите разлики во однос на клиничката слика и исходот на пациентите со КОВИД-19.
Заклучок. Од клиничка перспектива, овие наоди можат да помогнат во раната тријажа на пациентите, но исто така и за следење на оштетувањето на белите дробови, црниот дроб и другите ткива и органи, како и за внимателна употреба на лекови кои можат да предизвикаат токсичност на црниот дроб кај пациенти со КОВИД-19. Дисбалансот на хомеостазата на железото е поврзан со ткивно оштетување и нарушена имунолошка функција на домаќинот и од тој аспект серумското железо и феритинот претставуваат параметри коишто имаат значајна улога во дијагностиката и следењето на пациентите со КОВИД-19. Во истражувачките напори за идентификување на двигателите и факторите на ризик за смртност од КОВИД-19, улогата на витаминот Д привлече интерес, особено имајќи го предвид неговото моќно модулаторно дејство врз имунолошкиот систем.

Item Type: Thesis (Doctoral)
Subjects: Medical and Health Sciences > Clinical medicine
Divisions: Faculty of Medical Science
Depositing User: Tatjana Ruskovska
Date Deposited: 22 Aug 2022 10:59
Last Modified: 22 Aug 2022 10:59
URI: https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/30098

Actions (login required)

View Item View Item