Воена дипломатија

Jovanovski, Zoran (2018) Воена дипломатија. Високошколски учебници . Национална и универзитетска библиотека "Св. Климент Охридски", Скопје, Skopje. ISBN 978-9989-730-90-0

[thumbnail of Voena diplomatija] Text (Voena diplomatija)
ВОЕНА ДИПЛОМАТИЈА.pdf

Download (1MB)

Abstract

Дипломатијата може да се објасни како уметност, вештина или пак способност на еден човек, на една нација, на една држава во решавање на одредени спорови, и таа како поим или појава не е воопшто нова категорија, напротив, таа има корени во почетокот и на неразвиените општества. Таа се смета како најстар облик на комуни-цирање помеѓу државите. Таа симболизира средство на државите за водење на надворешната политика и ги опфаќа сите дејности и активности при водењето и спроведувањето на истата.
Зборот дипломатија има потекло од грчкиот збор „diploma" кој симболизирал државен документ кој бил доделуван на одредено лице од страна на државата, како документ за одредени државни овласту-вања кои ги поседувало лицето, за да ја претставува својата држава во друга држава. Па така, тоа лице кое ги поседувало одредените овластувања, потврдени со тој документ, било наречено дипломат.
Дипломатот е личност која се карактеризира со многу високо квалитетни својства и особини, поседува висок степен на знаења од областа на конкретната наука, но и познавање на другите науки кои се сродни со дипломатијата, но и оние кои не се. Но, особен акцент се става на познавањето на економијата, која што во денешницава е високо акцентирана. Дипломатот е лице кое ја претставува својата држава, а не одредени политички партии на својата држава, и е безусловно должен да ја спроведува надворешната политика на државата која му ја дала довербата.
Co текот на развивањето на општествата и државите, дипломатијата се карактеризирала како витален инструмент, кој се одразувал низ низа на општествени категории, и ставала акцент најмногу на развојот на билатералните и мултилатералните односи помеѓу државите. Па од ова може да се констатира дека дипломатијата е тесно поврзана со меѓународното право. Но, исто така е неопходно да се напомене дека дипломатијата со текот на времето низ минатото, сама изградила своја историја, како и сопствена теорија за проучување на фактот, како е дел од меѓународното право, како и гранките на меѓународното право. Исто така може да се нарече дека е материја, конгломерат од повеќе дисциплини, a е рефлексија на времето во кое живееме. Дипломатијата како уметност за решавање на проблемите и споровите по мирен пат, е основа за еден хармоничен развој на одредени интереси кај државите на меѓународен план, кои често се конфронтираат помеѓу себе, па така, дипломатијата преку своите претставници, ги користат методите и средствата кои се традиционални, со цел да изнајдат соодветно решение за земјите кои се конфронтираат, односно имаат спротивставени интереси. Основната функција на дипломатијата е имплементирањето, советувањето како и обликувањето на надворешната политика. Дипломатијата е оружје на секоја држава која преку своите претставници ги координира и претставува, како и ги осигурува и изразува своите интереси по пат на кореспонд енциј а.
Дипломатијата низ времето има изградено свој сопствен систем на наука, на организација, како и структура. Структурата на дипло-матијата е составена од повеќе државни институции кои во едно го сочинуваат и безбедносниот систем на една држава, односно дипломатијата е продукт на едно општество како и неговите можности и неговата развиеност. Голема улога има Министерството за надворешни работи (МНР) во една држава, но сепак и низа на други државни институции имаат влијание врз развојот на дипломатијата, затоа што факт е дека дипломатијата првенствено припаѓа на државата и затоа на тие државни субјекти им била и им е потребна и неопходна. Државата како основен субјект на меѓународното право, преку дипломатијата ги остварува своите надворешно-политички цели. Надворешно-политичките органи на една држава, вложувале големи напори како и материјални средства со цел да креираат еден современ дипломатски апарат. Амбасадата, дипломатската мисија како и конзуларните претставници, изградиле ресорска организација, но и функција за да обезбедат важни и витални државни политички позиции и ја реализирале дипломатската политичка примена, како со дозволени, така и со недозволени средства во надворешно-политичкото општење.
Воениот фактор во историјата се појавил прилично рано на надворешно-политичкита сцена. Односите со други земји не секогаш биле спроведувани преку министерството за надворешни работи на една држава, туку дипломатските односи биле спроведувани преку други државни институции. Една од тие институции е Армијата, односно Министерството за одбрана, но мора да се напомене дека армијата како државна институција, која директно и самостојно воспоставува контакт со друга држава. Министерството за надворешни работи има изградено сопствени и постојани ad hoc дипломатски органи и преку тие органи ја развиваат својата активност која има воена содржина на меѓународен план. Воената дипломатија отсекогаш ги развивала своите дипломатски институции преку постојани дипломат-ски претставништва, воени мисии, воени економски претставништва, како и воени комисии, па така тие воени дипломатски институции развиле посебна форма на дипломатијата, односно воена дипломатија која од една страна е многу специфична и груба, но гледано од друг аспект, е сензитивна. Па така, воените дипломатски односи се конгломерат од меѓуармиска соработка во сите области. Воената дипломатија се вградува во општата дипломатија и е гранка на истата. Разликата помеѓу општата дипломатија и воената дипломатија е тоа што општата дипломатија е тесно поврзана со министерството за надворешни работи додека пак, воената дипломатија е тесно поврзана со министерството за одбрана, но сепак е и тесно поврзана со амбасадорите кои ја покажуваат својата јурисдикција, како шефови на одредени дипломатски мисии. Воената дипломатија има тешки, специфични, сложени и бројни задачи, кои се поделени на воено-дипломатски субјекти кои се водат според начелата и принципите на министерството за одбрана. Неопходно е да се напомене дека, работата на воената дипломатија е тесно поврзана и со разузнавачката дејност и шпионажата. И разузнавањето и шпионажата водат кон разузнавачката служба, па оттука, разузнавачката служба одлучува и ги организира мисиите на воената дипломатија, ги дава нејзините задачи кои треба да ги изврши, дава ангажман, план за работа, односно координација за работата на воената дипломатија, како и го избира кадарот кој ќе работи во разузнавачките служби. Воената разузнавачка служба константно планира и раководи со работењето на разузнавачите и организира разузнавачки и шпионски акции. Вооружените сили, воената разузнавачка служба, воената и државната тајна, разузнавањето и шпионажата, се покриени со покривката на мистеријата. Особено воената дипломатија како предница на военото разузнавање, секогаш била интригантна и истовремено во центарот на вниманието на сите институции кои го сочинуваат безбедносниот систем на една држава, но не само нив туку и на обичните граѓани на една држава. За воената дипломатија може слободно да се каже дека е и конспиративна, но и транспарентна, затоа што секогаш во одредена ситуација знае да ја изненади јавноста со својата тајност, па од ова може да се каже дека е и контрадикторна.
Кадарот на воената дипломатија мора да исполнува одредени услови за да би ја вршел таа воена дипломатска професија, поточно, треба да определува одредени критериуми што и не се толку важни во одредени институции, а тие се: личности со високо образование, личности со висока интелигенција, но и самодоверба, личност со голема самоконтрола, одговорна личност која навремено и точно ќе ги извршува зададените (многу често, тешки и комплицирани) воено-дипломатски задачи, личност која ќе може да го претставува министерот за одбрана, личност која ќе може да ги претставува вооружените сили, личност која е способна да ги штити своите вооружени сили, односно вооружените сили на својата држава како и нејзините припадници, како и да биде способна да извршува разу-знавачки дејности. Па така, овој труд не само што ќе може да ги заинтересира воените дипломати, дипломатите, разузнавачите како и контраразузнавачите, туку и личности кои немаат допирни точки и сличности со воената дипломатија или пак, безбедноста.
Дипломатијата е спроведена од страна на надворешната поли-тика на државата со точно прецизирани задачи и насоки и со најсо-одветни тактички и технички средства, како и методи. Кога станува збор за методите, тие се спроведуваат и употребуваат за да се постигне точно утврден национален интерес, односно за стабилизирање и фиксирање на позициите на една држава. Co дипломатските активности со преговарањето како средство, се обезбедува мирно изнаоѓање на решенија кога постои одреден спор помеѓу државите. Кога станува збор за временскиот карактер на дипломатијата, може да се направи следнава поделба: постојани дипломатски мисии кои се вклучени во меѓународни организации, и ad hoc дипломатски мисии, кои се специјални мисии. Во времето во кое живееме, реален е фактот дека меѓународната заедница се соочува со сериозни и застрашувачки воени конфликти кои ја загрозуваат безбедноста, не само на национално, регионално и меѓународно ниво, туку и на глобално ниво. Тие воени конфликти се манифестираат низ големо насилство, и за жал, како што напоменавме ги надминуваат националните граници. Кога станува збор за воени конфликти, односно нивната деструктивност, нивната непред-видливост како и турбулентност, е проследена со висок степен на агресија и се рефлектира на меѓународната заедница. Кога станува збор за доменот на дејствување на светската организација особено кога станува збор за прашањето за решавање на воени конфликти, таа се потпира и користи широк дијапазон на инструменти, како за контролирање, така и за разрешување на воените конфликти кои веќе настанале внатре во една држава или помеѓу две и повеќе држави. Кога пак станува збор за меѓународната заедница, слободно може да се каже дека таа е сложен конгломерат на односи и субјекти, па така постојано, континуирано се води „натпревар" помеѓу две специфични состојби -соработка и конфликт. Кога се работи за конфликтот и соработката како состојби, тие имат мошне специфични меѓусебни релации, поточно, во состојба на конфликт, се потиснува соработката или пак, со соработката може да настане одреден конфликт. Но, од друга страна тие егзистираат паралелно и се борат за доминација. Во практиката се покажало дека најприсутен е третиот случај, па оттука произлегува дека овие две состојби се постојано присутни низ светот истовремено или пак се наоѓаат во преодни фази кога се прават напори да се надминат веќе постоечките, конкретни воени конфликти. Во изминатиов период, реакциите на меѓународните институции беа прилично активни, а тоа е резултат од искуствата во справувањето со современите безбедносни глобални закани, кои резултираа со воени конфликти, тероризам и други тешки кривични дела од областа на организираниот криминал, но сепак истите тие меѓународни институции на некој начин влеваат оптимизам дека сепак, ставот на рано предупредување, како и мена-џирањето на ризиците како и решавањето на воените конфликти, се поврзани и претставуваат инструмент за успешно справување со современите безбедносни закани, како и за мирно решавање на воените конфликти со дипломатијата.

Item Type: Book
Subjects: Social Sciences > Law
Divisions: Military Academy
Depositing User: Zoran Jovanovski
Date Deposited: 27 Apr 2022 10:13
Last Modified: 27 Apr 2022 10:13
URI: https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/29616

Actions (login required)

View Item View Item