Борба за опстанок или експанзија? -Студија на случај на конфликт помеѓу голема сила и мала држава-

Marolov, Dejan (2021) Борба за опстанок или експанзија? -Студија на случај на конфликт помеѓу голема сила и мала држава-. Универзитет „Гоце Делчев” - Штип.

[thumbnail of 1024] Text
1024

Download (35kB)

Abstract

Главната цел на оваа книга е да извлечеме определени заклучоци во однос на однесувањето и изборите кои ги прави една мала сила соочена во директна конфронтација со голема сила. Оваа книга ќе ја започнеме со делот кој се обидува да направи разлика помеѓу поимите на мала и голема држава, како и мала и голема сила. Откако начелно ги поставивме овие контури ќе направиме студии на случај на директен судир помеѓу мала и голема сила и ќе се обидеме да извлечеме соодветни заклучоци. Претходново особено ќе биде прикажано во светлото на теоретската рамка на структурниот реализам и неговата примена во пракса. Ќе се обрне внимание и на постоечката дебата помеѓу дефанзивните и офанзивните реалисти, балансот на силите и функционирањето и карактеристиките на асиметричните сојузи составени од мала и голема сила. Ќе се обидеме и да извлечеме соодветни заклучоци за изборите и можностите на малите сили преку употреба и на теoретската рамка на затвореничката дилема и секако безбедносната дилема. Сето ова ќе биде направено преку анализа на текстот насловен како Мелоскиот дијалог и обработка на две конкретни студии на случај. Конкретните студии на случај го опфаќаат судирот помеѓу (1) Србија и Австро-Унгарија пред Првата светска војна и (2) Чехословачка и Германија пред Втората светска војна. На ваков начин ќе можеме да го анализираме справувањето на малата сила во конфликт со голема сила во соодветната историска констелација на меѓународните односи сочинети од повеќе големи сили и непостоење на некој вид на светска универзална меѓународна организација (светот пред Првата светска војна) и постоење на повеќе големи сили и постоење на светска универзална меѓународна организација (светот по Првата светска војна). На овој начин се надеваме дека ќе одговориме соодветно на сет прашања, како што се: Што влијаеше повеќе, а што помалку во изборите на раководствата на државите? До кој степен имаат улога внатрешните капацитети на малите сили, а до кој степен надворешните сојузништва во обезбедувањето на безбедноста на истите? Кој е во право во пошироката дебата помеѓу дефанзивните и офанзивните реалисти? и др. Книгата е пишувана на таков начин што ќе има можност да биде користена како практикум за секој студент по меѓународни односи, но и да биде четиво за уживање за секој читател кој нема допирни точки со оваа наука но едноставно ужива во историските случувања. Деталната теоретската рамка следи во наредниот дел. Нашите заклучоци покажуваат дека дефинирањето и разграничувањето на поимите како: мала држава, мала сила, голема држава и голема сила е можно и е потребно. Понатаму, пропагандата во ситуациите кои ги обработуваме секогаш е од големо значење и постои во сите историски епохи (нормално на различни начини). Огромно (ако не и пресудно) влијание за крајниот исход ќе игра некоја трета држава-сојузник на малата сила со одлуката за нејзино вмешување или невмешување во конфликтот (многу повеќе согласно со нејзините проценки наспроти некакви дадени претходни ветувања). Голема улога во одлуката на агресорот за започнување на агресијата имаат внатрешните проблеми и политики, при што многу често на интервенција надвор се гледа како инструмент за решавање на проблеми внатре. Исто така, се покажа дека државите се однесуваат согласно со контурите на дефанзивен реализам во моментите кога практично на тоа се принудени за повторно да се однесуваат согласно со контурите на офанзивниот реализам кога за тоа ќе имаат можност. Конечно, кога е на повидок нарушување на балансот на силите на сметка на една конкретна држава тоа е еден вид аларм за другите држави (особено соседните) да се вклучат во таа идна прераспределба, зашто во спротивно истата ќе биде направена и без нив (и индиректно и на нивна штета во крајна мера).

Item Type: Book
Subjects: Social Sciences > Political Science
Divisions: Faculty of Law
Depositing User: Dejan Marolov
Date Deposited: 27 Jan 2022 09:33
Last Modified: 27 Jan 2022 09:33
URI: https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/29148

Actions (login required)

View Item View Item