Сметководствени информациони системи

Koleva, Blagica (2021) Сметководствени информациони системи. Универзитет „Гоце Делчев“– Штип, Универзитет „Гоце Делчев“– Штип. ISBN ISBN 978-608-244-841-1

Full text not available from this repository.

Abstract

Учебникот „Сметководствени информациони системи“ од авторот проф. д-р Благица Колева претставува заокружена целина на материјалот поврзан со сметководствениот систем во целина, од неговиот развој до процесот на анализа и дизајнирање на сметководствените информациски системи. Учебникот е наменет првенствено за изучување на предметот Сметководствени информациони системи од страна на студентите на Економскиот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, за сите насоки од прв циклус на студии.
Учебникот е креиран врз основа на потребата од создавање учебно помагало кое од теоретски и практичен аспект ќе им овозможи на студентите стекнување на знаења за сметководствено-информацискиот систем, преку поим, задачи и цели за деловен информациски систем, системска структура, развој и контрола на сметководствените информациски системи и сметководствените информациски технологии и софтвери кои претставуваат важна инфраструктура без која не може да се замисли современото работење на еден деловен субјект.
Студентите ќе се стекнат со вештини за прибирање, обработка и користење на сметководствени информации, разбирање на организационата структура на сметководствените информациски системи, разбирање на процесот на анализа и дизајнирање на сметководствени информациски системи, контрола и заштита на СИС и податоците, како и совладување на речникот сврзан со користење на современите информатички средства и технологии.
За таа цел, учебникот се одликува со голема теоретска и практична значајност, како за студентите, така и за сите останати субјекти кои имаат интерес во оваа проблематика, т.е. кои се инволвирани во сметководствениот процес.
Содржински, трудот е конципиран во 7 поглавја, за кои следи кратка презентација на нивните цели и структура.
Првото поглавје е посветено на основите на деловниот информациски систем. Овде се дефинирани поимот, задачите и целите на деловниот информациски систем; структурата на информацискиот систем и неговите потсистеми, информацискиот систем како модел на деловниот систем, како и улогата и значењето на информацискиот систем. Во продолжение на ова поглавје е разработен деловниот информациски систем и глобалниот бизнис.
Второто поглавје од учебникот го обработува информацискиот систем на претпријатијата и сметководствениот информациски систем, како и структурата и содржината на основните финансиски извештаи: Билансот на состојба, Билансот на успех, Извештајот за парични текови, Извештајот за промена на капиталот и Белешките кон финансиските извештаи, кои задолжително ги изготвува и презентира секој деловен ентитет, за сите корисници (стејкхолдери), кои врз основа на информациите од нив донесуваат рационални економски одлуки.
Третото поглавје се однесува на концептот и улогата на информацијата во донесување на деловни одлуки и основните видови информациски системи кои постојат во одредено претпријатие. Во овој контекст е дефиниран и се претставени основните карактеристики на сметководствениот информациски ситем, како дел од целокупниот информациски систем во претпријатието.
Четвртото поглавје е посветено на развојот на сметководствениот систем низ одделните фази од неговиот животен циклус. Посебно се обработени факторите и принципите на организација на сметководствениот информациски систем.
Бидејќи квалитетот на функционирање на сметководствениот систем зависи од структурата на системот за внатрешна контрола, во Петтото поглавје посебно внимание се посветува на врската помеѓу сметководствениот систем и системот за внатрешна контрола, како и други форми на внатрешен и надворешен надзор.
Шестото поглавје ја опишува историјата и развојот на сметководствениот информациски систем и сметководствениот софтвер, рачни сметководствени информациски системи и компјутеризирани сметководствени системи. Сликовито е илустриран сметководствениот информациски систем во претпријатието, и даден е преглед на интегрираните деловни решенија - ERP софтвери. Направена е разлика во функционирањето на софтвер за мали, средни и големи претпријатија, како и дизајнирање и имплементација на компјутеризираниот СИС, со намалување на ризикот поврзан со компјутеризираните системи и дизајнирање на контроли за таквите системи. Детално се обработени мерките за сигурност и заштита на податоците, со цел да дојдат до израз предностите што ги овозможува инфроматичката технологија за унапредување на квалитетот на сметководството.
Седмото поглавје обработува практичен пример на сметководствен софтвер, кој содржи информации и увид во целокупната финансиска состојба на компанијата. Процесирање на голем број податоци без соодветна сметководствена програма е незамисливо во денешно време. Добро испланираните сметководствени процеси заштедуваат време и ресурси и оставаат повеќе време за фокус кон главните цели на претпријатието.
Разбирањето и правилната примена на концептите, принципите и барањата на сметководствените информациски системи имаат огромно значење за презентација на веродостојна и објективна слика за финансиската состојба и успешност на деловните ентитети, како и за потребите на сите заинтересирани стејкхолдери од квалитетни, веродостојни и разбирливи информации. Оттука, сметам дека учебникот ќе даде значителен придонес во збогатување на материјата која ја обработува и ќе им помогне како на студентите, така и на пошироката стручна јавност во полесно совладување на оваа значајна проблематика.

Item Type: Book
Subjects: Social Sciences > Economics and business
Divisions: Faculty of Economics
Depositing User: Blagica Koleva
Date Deposited: 27 Jan 2022 08:05
Last Modified: 27 Jan 2022 08:05
URI: https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/29132

Actions (login required)

View Item View Item