Проценка на квалитетот на интра и постоперативниот квалитет при операција на катаракта во релација со различни пупиларни дилататори

Trpenoski, Naum and Kovacevska, Ivona (2021) Проценка на квалитетот на интра и постоперативниот квалитет при операција на катаракта во релација со различни пупиларни дилататори. Doctoral thesis, University Goce Delcev Stip.

[thumbnail of ДОКТОРСКА ДИСЕРТАЦИЈА НАУМ ЛЕКТОРИРАНА.pdf] Text
ДОКТОРСКА ДИСЕРТАЦИЈА НАУМ ЛЕКТОРИРАНА.pdf

Download (2MB)

Abstract

Вовед: При оперативниот третман на катаракта кај пациентите под системска терапија со Tamsulosin®, се јавува интраоперативен флопи ирис синдром (ИФИС), кој се манифестира со пролапс на ирис низ интраоперативниот рез, како и прогресивна интраоперативна миоза.

Цели:
Примарна цел:
- Процена на квалитетот на интра и постоперативниот тек при катаракта, во релација со различните видови на пупиларни дилататори (I-Ring, APX и Malyugin).
Предмет на истражувањето ни беше и:
- Одредување на квалитетот на оперативниот тек при користење на I-Ring пупиларен дилататор при оперативниот третман на катаракта кај пациенти под терапија со Tamsulosin® и интраоперативен флопи ирис синдром (ИФИС).
- Верифицирање на квалитетот на оперативниот тек при употреба на Malyugin ring пупиларен дилататор, при оперативен зафат на катаракта кај пациенти со системска терапија со Tamsulosin® и интраоперативен флопи ирис синдром (ИФИС).
- Детерминирање на квалитетот на оперативниот тек при користење на APX (Assia Pupil Expander) пупиларен дилататор, при операција на катаракта, кај пациенти со системска терапија со Tamsulosin® со интраоперативен флопи ирис синдром (ИФИС).
- Одредување на квалитетот и ефикасноста на операцијата на катаракта со и без интраоперативно користење на механички пупиларни дилататори кај пациенти со системска терапија со Tamsulosin® и интраоперативен флопи ирис синдром (ИФИС).
- Компарација на механичките пупиларни дилататори: I-Ring, Malyugin ring и APX (Assia Pupil Expander), при оперативното решавање на катаракта кај пациентите со интраоперативен флопи ирис синдром (ИФИС) и под системска терапија со Tamsulosin®.
- Верифицирање на постоперативниот квалитет на животот кај пациентите со системска терапија со Tamsulosin®, по операцијата на катаракта, во релација со различните пупиларни дилататори.

Метод: Во студијата беа вклучени 200 пациенти, кои ги поделивме во четири групи. Првата група, која воедно ни претставуваше и контролна група, ја сочинуваа 50 пациенти кај кои интраоперативно не беше користен механички пупиларен дилататор. Во останатите три групи, кои ни претставуваа испитувани групи, беа вклучени, исто така по 50 пациенти, но кај нив интраоперативно беа користени механички пупиларни дилататори, I-Ring, APX и Malyugin пупиларен дилататор, соодветно. Анализираните пациенти беа од машки пол, со средна возраст од 74,1 ±5,5 години. Кај секој пациент беа забележани: пред и постоперативна најдобра коригирана видна острина (BCVA), интраоперативен и постоперативен пупиларен дијаметар, предоперативен и постоперативен интраокуларен притисок, како и интраоперативни и постоперативни компликации. Кај сите пациенти беа направени две постоперативни контроли, по 24 часа од интервенцијата, за проценка на објективниот и субјективниот наод, односно ги квантифицираа субјективните чувства за болка и дискомфор на скала од 0 до 10 и по 30 дена од интервенцијата, на која дополнително беше забележана и најдобрата коригирана видна острина кај пациентите.

Резултати: Интраоперативни компликации се појавија кај 46% (23) пациенти од контролната група, и тоа кај 21 пациент беше забележана појава на пролапс на ирис и кај 2 пациенти беше забележана појава на пролапс на ирис придружено со микрокрвавење, за разлика од пациентите од испитуваните групи кај кои немаше појава на интраоперативни компликации (p<0,0001). Постоперативни компликации беа нотирани кај само 10% (15) пациенти од испитуваните групи, и 36% (18) пациенти од контролната група. Почестата застапеност на постоперативни компликации кај пациентите без интраоперативно користење на пупиларен дилататор и статистички беше потврдена за p=0,000018. Медијалната вредност на постоперативната BCVA изнесуваше 0,9 во испитуваните групи, а пониска, 0,8 во контролната група, што исто така ни укажува на сигнификантна разлика во корист на испитуваните групи (p<0,0001). ,Предоперативната BCVA (p=0,4), постоперативниот пупиларниот дијаметар (p=0,32) и постоперативните вредности на интраокуларниот притисок (p=0,7), не беа сигнификантно различни меѓу двете групи. Според добиените резултати, имавме сигнификантно поретко изразен дискомфор и чувство на болка, кај пациентите со интраоперативно користен пупиларен дилататор.

Заклучок: Оперативниот третман на катаракта кај пациентите со системска терапија со Tamsulosin® е пропратен со појава на ИФИС и се јавува потреба за интраоперативно користење на пупиларни механички дилататори. Статистичка сигнификантна разлика беше докажана во однос на постоперативната најдобра коригирана видна острина, појавата на интраоперативни и постоперативни компликации, како и појавата на субјективно чувство на болка и дискомфор, во корист на пациентите кај кои интраоперативно беше користен пупиларен дилататор. Аплицирањето на пупиларниот дилататор на почеток на операцијата со факоемулзификација, користење на низок проток на вода, редуцирање на движењата во и надвор од хируршките инцизии, изведувањето на иригацијата над ниво на ирисот и користењето на Healon5® вискоеластикот, го намалуваат интензитетот на манифестација на симптомите ИФИС. Интраоперативното аплицирање на I-Ring, APX и Malyugin пупиларните дилататори е апсулутно неопходно за безбедна и успешна фако хирургија на катаракта кај мажи со ИФИС, како последица на земање на лекот Tamsulosin® за третман на бенигна хиперплазија на простата.

Клучни зборови: Интраоперативен флопи ирис синдром (ИФИС), I-Ring, APX ring, Malyugin ring, Tamsulosin®

Item Type: Thesis (Doctoral)
Subjects: Medical and Health Sciences > Health sciences
Medical and Health Sciences > Other medical sciences
Divisions: Faculty of Medical Science
Depositing User: Ivona Kovacevska
Date Deposited: 20 Apr 2021 10:53
Last Modified: 20 Apr 2021 10:53
URI: https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/28008

Actions (login required)

View Item View Item