Казнено - правни аспекти на педофилијата

Rogleva, Aleksandra (2011) Казнено - правни аспекти на педофилијата. Masters thesis, Правен факултет „Јустинијан Први“, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје.

[thumbnail of Магистерска теза.pdf]
Preview
Text
Магистерска теза.pdf

Download (239kB) | Preview

Abstract

Признавањето на фактот дека детството е посебен момент во нашите животи само по себе повлекува бројни обврски за општествените структури, во напорите она што е прокламирано како такво, да добие максимална реализација и имплементација со позитивни ефекти за оние на кои се однесува. Обврските се состојат во обезбедување апсолутна заштита на децата како најранлива категорија од каков било напад врз нивниот интегритет и личност со кој би можело да се загрозат загарантираните детски права и да се нанесат тешки и непоправливи последици врз детската индивидуалност.
Сексуалната злоупотреба на деца претставува деструктивна социо - патолошка и криминогена појава која во последните неколку години се наметна како исклучително сериозна општествена опасност. Сексуалното злоупотребување на децата, манифестирано пред сé преку бранот на случаи на педофилија во Р. Македонија, на голема врата го отвори прашањето колку навистина се заштитени децата во нашата држава и како треба да се изгради одбранбен механизам со кој би биле обезбедени и сигурни. Она што не е доволно актуeлизирано е прашањето: Што со иднината на децата - жртви на сексуална злоупотреба, како да продолжат да се развиваат без да го носат товарот на она што им се случило, без трауми и стигматизација од средината? Сексуалната злоупотреба на децата опфаќа широк дијапазон на последици, како здравствени, така и социјални кои се одразуваат непосредно и далекусежно врз децата. На тој начин се пројавува како огромна општествена опасност која предизвикува сериозно нарушување на елементарните човекови слободи и права. Споменатово доволно зборува за тоа дека постои навистина огромна општествена оправданост за разработка на оваа тема и давање придонес во нејзиното актуелизирање како посебна научна проблематика. Проблемите што се наметнаа во врска со сексуалното злоупотребување на деца особено во последните неколку години сé повеќе ја нагласуваат потребата да се пронајде соодветно решение кое со тек на време ќе доживее практична имплементација, да се утврди кои се основните детерминанти на проблемот и да се работи на нивно намалување и превенирање со цел да се обезбеди сигурна иднина на најзасегнатите, а тоа се децата.
Главната цел на ова научно истражување е да се објасни феноменот на педофилија и сексуална злоупотреба на деца притоа давајќи посебен осврт на оние аспекти кои ја чинат неговата суштина, но истовремено преку детална анализа на целокупната законска регулатива и современите трендови и пракса во борбата против оваа застрашувачка појава да се утврди дали измените кои неодамна беа направени во нашиот КЗ имаат позитивен ефект во борбата против оваа појава, т.е. дали праксата на судовите да изрекуваат поостри казни, вклучувајќи и казна доживотен затвор, придонесе да се намали сексуалното злоставување на малолетни лица. Овде како особено дискутабилен се наметнува и фактот дека и порано имавме предвидено строга законска регулатива за казнување на педофилите, но при одмерувањето на казните никогаш не се одеше кон законскиот максимум, туку се изрекуваа минимални казни. Денес таквата практика е изменета, но се поставува прашањето дали поострените казни се доволни за сузбивање на педофилијата, т.е. намалување на бројот на случаи на сексуална злоупотреба на деца или пак е потребно да се преземат некои дополнителни суштински активности за да се подобри актуелната состојба. Значи, претходното прашање само по себе отвора простор за уште едно, а тоа е дали покрај заострената законска регулатива повеќе внимание треба да се посвети на превенцијата и стручниот надзор и работа со личности кои се склони кон ваквото девијантно однесување со цел да се спречи во иднина, откако тоа лице ќе ја издржи изречената казна повторно да го стори истото дело.
Сексуалната злоупотреба на деца не е нов феномен во општеството, но и покрај неговата актуелност, на овие простори не постојат доволен број на теоретски елаборации во кои би се разработил проблемот и би се понудиле конкретни решенија за негово надминување. Поради тоа постои научна оправданост за разработка на овие теоретски прашања што во иднина, пак, треба да придонесе во изнаоѓањето на практични решенија и можности за сузбивање на сексуалното насилство врз деца и создавање на стабилен општествен поредок кој во целост ќе обезбеди заштита на детскиот развој и благосостојба.
Методологијата која е употребена при изработката на магистерскиот труд е во согласност со темата што е предмет на разработка. Со неа се доловуваат теоретските и практичните компоненти на темата, а истовремено се дава компаративен осврт и осврт на меѓународната регулатива која се однесува на истата. За да се постигне оваа цел, првенствено се одлучивме за примена на аналитичкиот метод. Преку неговата примена се овозможува доловување на теоретските аспекти на темата, но и анализа на сите аспекти кои ја сочинуваат како една целина. Понатаму, спознавањето на појавата како и детерминантите кои го одредуваат нејзиното настанување ја наметнува потребата од примена на гносеолошкиот метод. При анализа на предностите и слабостите на казнената регулатива што се однесува на оваа проблематика како и одразот т.е. имплементацијата на истата во реалноста, нормативното од една, а фактичката состојба од друга страна ќе биде употребен социолошкиот метод. Со помош на case – study методот најзначајните теоретски разработени прашања во оваа тема ќе бидат поткрепени со пресуди и практични примери од нашата судска пракса. Примената на овој метод е исклучително ефикасна, бидејќи преку него може да се утврди на кој начин се имплементираат законските решенија и дали практиката на пресудување и изрекување казни е конструктивна и ефикасна или пак е потребно истата да се менува. Преку примената на компаративниот метод се овозможува споредба на националната регулатива која се однесува на сексуално злоставување на деца со онаа во соседните земји, но истовремено се утврдува дали постои усогласеност на домашната регулатива со меѓународните акти и документи. Конечно, излагањето на заклучните согледувања и можните решенија во превенцијата и сузбивањето на педофилијата во нашата земја ќе биде овозможено со употреба на дијалектичкиот метод.

Item Type: Thesis (Masters)
Subjects: Social Sciences > Law
Divisions: Faculty of Law
Depositing User: Aleksandra Rogleva
Date Deposited: 05 Feb 2021 07:32
Last Modified: 05 Feb 2021 07:32
URI: https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/27502

Actions (login required)

View Item View Item