Феноменолошки карактеристики на сексуалната злоупотреба на деца со посебен осврт на мерките за превенција, третман и заштита

Rogleva, Aleksandra (2018) Феноменолошки карактеристики на сексуалната злоупотреба на деца со посебен осврт на мерките за превенција, третман и заштита. PhD thesis, Правен факултет „Јустинијан Први“, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје.

[thumbnail of Докторска дисертација.pdf]
Preview
Text
Докторска дисертација.pdf

Download (885kB) | Preview

Abstract

Секојдневно, безбедноста и благосостојбата на многу деца ширум светот се загрозени од различни облици на злоупотреба и запоставување. Проблемот особено добива на значење ако се земе предвид фактот дека во современи услови на живеење, придобивките што претставуваат универзални вредности на културно - историскиот социјален развој, постепено го менуваат своето значење во констелацијата на општествените односи и се манифестираат низ сосема нови облици на вреднување и преферирање. Така, од една страна динамичниот општествен напредок е основна детерминанта на современите демократски процеси и гарантирањето на основните човекови права, но од друга продуцира постојан пораст на криминалитетот како нус продукт на модерното живеење. Звучи парадоксално, но сепак оправдано загрижувачки се досегашните научни сознанија кои недвосмислено укажуваат на зголемена стапка на неприфатливи човекови поведенија во безмалку сите сфери од глобалното живеење кои според својата содржина се девијантни и апсолутно спротивни на концептот на „правна држава“.
Во услови на постојано менување на динамиката на општествените процеси и континуирана прогресија на криминалните поведенија, сексуалната злоупотреба на деца се наметнува како проблем кој според својата содржина и феноменолошка природа е една од најтешките манифестни форми на насилство врз децата и злоупотреба на нивниот биолошки и општествен статус. Злоупотребата се случува глобално и особено загрижувачки е фактот дека голем дел од ваквите случувања остануваат непознати за јавноста и институциите на системот надлежни за заштита на детските права. Станува збор за комплексна проблематика чие целосно разјаснување претпоставува одговор на голем број меѓусебно поврзани прашања и темелна анализа на постојната состојба која не е ниту малку охрабрувачка. Ова особено ако се земе предвид фактот дека во последните неколку години злоупотребата и експлоатацијата на деца за сексуални цели се наметна како исклучително сериозна општествена опасност, а обидите на општеството да ја заузда, не ги надминаа границите на просечноста. Во поново време, проблемот добива на значење со забележливиот напредок на современите информатички и комуникациски технологии кои во голема мера се наметнаа како сериозен криминоген фактор и придонесоа за продуцирање на нови облици сексуален криминалитет на штета на децата. Импликациите од сексуалната виктимизација на деца се далекусежни. Најчесто, жртвите трпат доживотни последици врз своето здравје, како и врз психо - социјалната состојба и развој. Токму поради тоа, на денешниот степен на научни сознанија, ваквиот облик на виктимизација останува една од најфлагрантните повреди на детските права што генерира растечка загриженост во современите, демократско уредени општества.
Историската димензија на проблемот говори дека станува збор за крајно сериозен облик на криминалитет кој има свои корени многу одамна, но во изминатата деценија е особено актуелен, првенствено поради алармантното зголемување на број на пријавени случаи на деца - жртви на сексуално насилство, а потоа и заради готовноста на целокупната јавност отворено да говори за проблемот во насока на негово решавање. Сексуалното злоупотребување на деца манифестирано пред сѐ преку бранот на случаи на педофилија на национално, но и на глобално ниво го актуелизира прашањето колку навистина се заштитени децата и како треба да се изгради одбранбен механизам со кој ќе бидат обезбедени и сигурни. Бројните феноменолошки облици на овој криминалитет и трендот на континуирано зголемување на истите, му поставуваат обврска на новото општество - справување со феноменот на сексуалната експлоатација и облиците на сексуално злоупотребување на децата, во насока на изнаоѓање нови, соодветни превентивни мерки и механизми за негово спречување и натамошно ширење.
Свеста за општествената опасност на проблемот неминовно ја наметна потребата за започнување со процес на преземање легислативно - институционални мерки и активности во рамки на криминалната политика, со цел да се даде координиран и сеопфатен одговор на актуелните случувања, во насока на гарантирање на правото на слободен развој на децата. Ова особено добива на значење ако се има предвид дека стaнува збор за криминалитет во пораст со бројни феноменолошки карактеристики што го чинат потежок и посложен за откривање, спречување и превенирање. Во рамки на сфаќањето за криминалната политика како наука која ги изучува не само репресивните мерки (казните), туку и севкупниот ангажман на институциите на системот во борбата против криминалитетот , сосема е разбирливо напорите во врска со предметната проблематика да бидат насочени кон создавање на претпоставки за спречување на сексуални девијации во кои децата се жртви, но и обезбедување на третман и рехабилитација на оние деца кои веќе преживеале ваков облик на виктимизација. Со други зборови криминалната политика се стреми кон систематски средено излагање на општествените стратегии, тактики и санкциони средства заради постигнување оптимална контрола на кривичните дела и престапи. Од друга страна, превенцијата и сузбивањето на педофилијата и сексуалната злоупотреба на деца, подразбира не само репресивно дејствување врз сторителите, туку превземање на сите можни активности со цел да се делува ресоцијализирачки врз нив и да се спречи во иднина да го повторуваат делото. Ефикасното и навремено интервенирање во животот на овие деца и нивните семејства не е во надлежност на една единствена институција или посебна општествена група, туку е заедничка обврска на целокупната општествена заедница . Ова значи дека заштитата на децата и промовирањето на нивната благосостојба треба да се сфати како колективна одговорност насочена кон промовирање и развивање на детскиот потенцијал, преку гарантирање на правото на безгрижно детство и правилен психофизички развој.
Присутноста на проблемот на меѓународно ниво, го прави универзален и токму затоа едногласни се сфаќањата дека се потребни заеднички напори за негово надминување и кодифицирање на националните законодавства во согласност со бројните меѓународни документи со кои се уредува предметната проблематика. Сепак, она што останува главен предизвик за современата криминолошка и воопшто, правна наука е дали положбата на детето и правото на слободен и непречен развој на личноста се de facto загарантираниво современите општествени системи. Клучно во напорите за справување со феноменот е да се определи кои се актуелните институционални мерки за заштита на децата од сексуално вознемирување и злоставување, како би се создале практични претпоставки за засновање на нови поефикасни модели на заштита. Затоа како главен предизвик се наметнува дефинирањето на проблемите со кои се соочуваат системите на социјална, детска, здравствена и судска заштита во идентификувањето, заштитата и третманот на деца - жртви.
Во рамки на прегледот на досегашните научни и практични достигнувања, сѐ уште тешко може да се тврди дека постојат средства со кои во целост би се искорениле неприродните сексуални девијации на штета на децата како исклучително деструктивни општествени дејанија, но тоа е само дополнителен повод и мотив за унапредување на достапните механизми за заштита. Во оваа насока, главен акцент се дава на хуманистичко - апликативниот карактер на законите и меѓународните документи кој се препознава по тоа колку со нивната имплементација е обезбеден квалитет во системот на детска заштита, како би се унапредил системот на општествена поддршка и би се создале услови за безбеден раст и развој на најмладите.

Item Type: Thesis (PhD)
Subjects: Social Sciences > Law
Divisions: Faculty of Law
Depositing User: Aleksandra Rogleva
Date Deposited: 04 Feb 2021 13:59
Last Modified: 04 Feb 2021 13:59
URI: https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/27499

Actions (login required)

View Item View Item