Stojkovska, Snezana (2020) Резултати од ин витро оплодување кај пациентки со намалени оваријални резерви по интраоваријална апликација на автологна плазма збогатена со тромбоцити, активирана со калциум глуконат: плазма збогатена со тромбоцити перспективна терапија во иднина. PhD thesis, Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип, Факултет за медицински науки.
Preview |
Text
ДОКТОРАТ - м-р.д-р. Снежана Стојковска.pdf Download (1MB) | Preview |
Abstract
Во денешното современо општество третманот на пациентки со намалени оваријални резерви претставува медицински предизвик и е од големо клиничко значење. Со употребата на плазма збогатена со тромбоцити (PRP) како нова метода кај оваа група пациенти се зголемува стапката на клиничка бременост и стапката на живородени деца во текот на ин витро постапка. Зголемената употреба на PRP во поголем број ин витро центри низ светот, како и објавувањето на првото позитивно искуство во ин витро фертилизација ја наметна потребата од евалуација на оваа метода. Целта на оваа судија е да се утврди дали интраоваријалната апликација на автологната плазма збогатена со тромбоцити (PRP) кај пациентки со намалени оваријални резерви (PORs) може да влијае врз параметрите што го дефинираат успехот од ин витро фертилизација (ИВФ). Акцент е ставен на позитивните ефекти од употребата на ПАП врз објективна промена на биомаркерите за процена на оваријалните резерви.
Оваа студија опфати 60 пациентки што се јавиле на одделот за ин витро фертилизација, при ПЗУ Ремедика, Скопје, во периодот од 2017 до 2018 година. Пациентите вклучени во студијата мораа да исполнуваат најмалку два од наведените три Болоњски критериуми објавени од страна на Европското здружение за репродуктивна медицина и ембриологија во 2011: напредната возраст на мајката, претходен лош или неадекватен одговор на оваријална стимулација или абнормален тест за оваријални резерви. Пациентките се запознаени со студијата, информирани за текот на постапката и од сите е добиена писмена согласност за истата. Двете групи се избалансирани во поглед на возраста, BMI, хормонален статус, вкупен број антрални фоликули, претходни ИВФ-обиди и времетраење на инфертилитет. PRP е подготвен според упатствата на производителот Regen ACR®-C. Кај испитуваната група (30) приближно 3-5 ml од автологната плазма под ултразвучна контрола, трансвагинално се инјектира интракортикално во ткивото на јајчникот пред да се започне со постапката за ИВФ. Контролната група (30) се пациентки каде што не е направен третман со PRP. Пациентките се стимулирани според препораките зададени од Американското здружение за репродуктивна медицина. Краток протокол со блага стимулација која вклучува 100-мг/ден кломифен цитрат од 2. до 6. ден од менструален циклус, со или без дополнителна употреба на гонадотропин ≤150 IU/d и антагонист (цетротиде 0,25) кога дијаметарот на фоликулот е ≥14 mm. Кај сите пациентки е употребена ICSI како метода за оплодување на јајце-клетка.
Серумската концентрација на FSH, LH, естрадиол и AMH е утврдена пред и по третманот, со цел објективно да се следат промените на овие оваријални маркери. Во испитуваната група нивото на AMH во серумот е статистички сигнификантно зголемено по употребата на PRP, p <0,05 (p = 0,02), а нивото на FSH сигнификантно намалено, p <0,01 (p = 0,003) во испитуваната група. Во нашата студија забележавме и значително зголемен број на антрални фоликули по примената на PRP, p <0,001 (p = 0,0007). Успехот од ИВФ кај пациентки претходно третирани со PRP се демонстрира преку фертилизациона стапка 80,67 ± 25,42, стапките на имплантација 33,33 ± 44,99, стапка на клиничка бременост 33,33 ± 44,99 и стапката на живороденост 40,00 ± 50,71. Иако покажа тенденција на пораст на сите параметри во испитуваната група, таа сепак не достигна значајна статистичка разлика во однос на контролната група.
Земајќи ги предвид тековните расположливи докази, можеме да заклучиме дека методата PRP објективно има потенцијал да ја регенерира функцијата на ткивото на јајчникот и да ги зголеми шансите за клиничка бременост. Нашата студија ја поддржува теоријата за зголемување на бројот на преантрални фоликули, проследено со соодветно растење на фоликулите и намалување на фоликуларната атрезија. Преку употребата на PRP потенцијално се сугерира нов концепт на стареење на јајчниците. Со зголемување на стапката на клиничка бременост и стапката на живороденост, PRP станува потенцијален успешен третман кај пациентки со намалени оваријални резерви. Потребни се дополнителни клинички, мултицентрични, ИВФ истражувања на поголема популација за да се детерминираат егзактно карактеристиките на пациентките кои би имале бенефит од употребата на PRP и истовремено би се верификувале нашите резултати.
Главно ограничување е недостиг на доволен број претходни студии за употребата на PRP во лекување оваријален инфертилитет. Ограничувања што треба да се земат предвид се и големината на студијата, дизајнот, рандомизираност и сл.
Item Type: | Thesis (PhD) |
---|---|
Subjects: | Medical and Health Sciences > Basic medicine Medical and Health Sciences > Clinical medicine |
Divisions: | Faculty of Medical Science |
Depositing User: | Igor Stojanovik |
Date Deposited: | 25 Dec 2020 08:08 |
Last Modified: | 25 Dec 2020 08:08 |
URI: | https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/26924 |
Actions (login required)
View Item |