Ревизија (теоретски и практични аспекти) - електронски учебник

Dimitrova, Janka (2020) Ревизија (теоретски и практични аспекти) - електронски учебник. Универзитет Гоце Делчев Штип - Економски Факултет Штип. ISBN 978-608-244-724-7

[thumbnail of РЕВИЗИЈА (теоретски и практични аспекти)-converted.pdf]
Preview
Text
РЕВИЗИЈА (теоретски и практични аспекти)-converted.pdf

Download (432kB) | Preview

Abstract

Развојот на ревизорската професија е тесно поврзан со развојот на сметководството. Постојат записи што укажуваат дека уште пред четири илјади години пред нашата ера, кај древните цивилизации на Блискиот Исток постоело чување на записите за организираното управување и работење, што се однесувале на трошоците, даноците и приходите. Ревизијата во Р. Македонија е пропишана согласно Законот за трговски друштва и е задолжителна за големите и средните трговци, финансиските институции, друштвата чии финансиски извештаи котираат на берза, како и друштвата кои подготвуваат консолидирани финансиски извештаи.
Во интерес на прибирање на доволно компетентен и релевантен доказен материјал за оформување и изразување на објективно, независно и аргументирано мислење, ревизорот користи бројни постапки кои во основа се сведуваат на тестови на ревизија. Селектирањето на тестовите за ревизија се смета за последен и најкритичен чекор од ревизијата со кој се заокружуваат планот и програмата за конкретен ревизорски ангажман. Во зависност од конкретните ревизорски цели изведени врз основа на тврдењата во финансиските извештаи, ревизорот применува определени ревизорски постапки како што се набљудувањето, документирањето, конфирмирањето, споредба, распрашување, и други, а коишто служат за прибирање на ревизорски доказ. Применувајќи ги ревизорските постапки, ревизорот стекнува достатен соодветен ревизорски доказ. Во зависност од целта за којашто ревизорот собира доказ, повеќето ревизорски постапки можат да бидат класифицирани или како тестови на контрола или како независни тестови.
Деловните ентитети, при донесувањето на економските одлуки, во не мал број случаи, се соочени со несигурноста и неизвесноста, односно секогаш постои извесен ризик оној кој ја донесува одлуката да селектира погрешна алтернатива, а како последица на тоа да се претрпат енормни загуби. Токму кредибилитетот, додаден од страна на ревизорот кон презентираните информации, де факто го редуцира нивото на информативниот ризик за субјектите инволвирани во донесувањето на деловните одлуки. Основа за подготовка на финансиските извештаи се сите книговодствени ставки кои се синтетизираат во БРУТО БИЛАНС. Бруто билансот содржи сумарни податоци за сите конта со колони за почетна состојба (должи и побарува), тековно (должи и побарува), вкупно (должи и побарува) и салдо на секоја сметка на датумот на подготовка.
За спроведување на брза, ефикасна и ефективна ревизија на финансиските извештаи на деловните ентитети во голема мера е условено од разбирањето и имплементирањето на трите фундаментални концепти на ревизијата: концептот на материјалност–значајност, концептот на ревизорски ризик и концептот на ревизорските докази. Утврденото ниво на материјалност - значајност и ревизорскиот ризик влијаат врз видот и обемот на ревизорските активности кои ќе бидат преземани за обезбедување на релевантни докази врз основа на кои ревизорот ќе го аргументира своето мислење во извештајот за извршената ревизија. Од правилното комбинирање и имплементирање на фундаменталните концепти зависи квалитетот на спроведената ревизија.
За да се прибере доволно компетентен и релевантен доказен материјал за оформување и изразување на објективно, независно и аргументирано мислење, ревизорот користи бројни постапки кои во основа се сведуваат на тестови на ревизија. Селектирањето на тестовите за ревизија се смета за последен и најкритичен чекор од ревизијата со кој се заокружува планот и програмата за конкретен ревизорски ангажман. Тестовите за ревизија се спроведуваат напоредно со другите постапки за селектирање на примерокот, за дефинирање на видот на тестирањето и за екстраполирањето на резултатите од тестирањето на целата популација на документи.
Врз основа на своето професионално расудување, ревизорот одлучува како ќе го собере потребниот доказ за да се докаже одредено тврдење. Меѓународните Стандарди за Ревизија, не содржат конкретни постапки за постигнување на оваа цел, туку само ги определуваат видовите на тестови коишто можат да се применат при собирањето на потребниот доказ. Видовите докази и постапките за нивно добивање можат да се класифицираат соодветно со намерата за која што доказот се собира.
Изведувајќи ги клучните фази од процесот на ревизијата, ревизорот спроведува ефикасна, ефективна и брза ревизија, врз основа на која оформува и изразува независно, компетентно и пред сè објективно и аргументирано мислење за ревидираните финансиски извештаи. Секоја фаза од ревизијата во себе вклучува бројни активности кои ревизорот, согласно со професионалната регулативи, треба грижливо да ги испланира, селектира и систематизира во детален и сеопфатен ревизорски план.
Ревизорот треба да ги провери и процени заклучоците извлечени од добиениот ревизорски доказ, како основа за изразување на мислење за финансиските извештаи. Оваа проверка и проценка вклучува разгледување на тоа дали финансиските извештаи се изготвени во согласност со прифатливата рамка за финансиско известување, без оглед дали тоа се Меѓународните сметководствени стандарди (МСС) или важечките национални стандарди или практика. Ревизорскиот извештај треба да содржи јасно изразено писмено мислење за финансиските извештаи како целина да ги содржи сите пропишани елементи (наслов; име на корисникот; почетен или воведен пасус; идентификација на финансиските извештаи подложни на ревизија; изјава за одговорноста на менаџментот на ентитетот и за одговорноста на ревизорот; пасус за делокруг; пасус со мислење кое изразува мнение за финансиските извештаи; датум на извештајот; адреса на ревизорот; и потпис на ревизорот). Степен на воедначеност на формата и содржината на ревизорскиот извештај е пожелен поради тоа што му олеснува на корисникот да го разбере извештајот и да се идентификуваат невообичаени околности и нивна појава.
Имајќи ги предвид овие опсервации и очекуваните трендови во развојот на ревизијата, материјата на овој високошколски учебник е компониран во два дела, и тоа:
- Прв дел - Општ теоретски осврт за ревизијата на финансиските извештаи и
- Втор дел – Спроведување на процесот на ревизијата, во кои се обработени и теоретските но и практичните аспекти на ревизијата како научна и практична дисциплина.
При изготвувањето на книгата „РЕВИЗИЈА (теоретски и практични аспекти)“, е консултирана широка домашна и странска литература од оваа област, како и Законот за ревизија и публикуваните прирачници за ревизија и Меѓународните стандарди за ревизија. Секако овде е вткаено и долгогодишното искуство на авторот во работењето на полето на ревизијата, како и истражувањето и наставата по предметите Сметководствени контролни системи, Ревизија, Интерна ревизија и Државна ревизија, со единствена цел, изворно и компетентно презентирање на материјата.
Учебникот „РЕВИЗИЈА (теоретски и практични аспекти)“, е наменет за студентите на Економските и други факултети на кои се изучува предметната дисциплина Ревизија, со цел да ја осознаат потребата и придобивките од ревизијата. Овој ракопис ќе биде од корист и за лицата кои полагаат за овластен ревизор, овластените ревизори, менаџерите и сметководителите на деловните субјекти како и на сите стеикхолдери кои имаат потреба од квалитетни информации кои ги содржат ревидираните финансиски извештаи.

Item Type: Book
Subjects: Social Sciences > Economics and business
Divisions: Faculty of Economics
Depositing User: Janka Dimitrova
Date Deposited: 20 Aug 2020 08:13
Last Modified: 20 Aug 2020 08:13
URI: https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/24360

Actions (login required)

View Item View Item